Достапни линкови

Милиони видови животни исчезнуваат побрзо од диносаурусите


Пелистерската пастрмка е ендемична во регионот и живее во Кранска и Брајчинска Река. Tаа е загрозена според Меѓународната унија за заштита на природата.
Пелистерската пастрмка е ендемична во регионот и живее во Кранска и Брајчинска Река. Tаа е загрозена според Меѓународната унија за заштита на природата.

Биолошката разновидност на глобално ниво се соочува со најголемата криза, предупредуваат научници кои посочуваат дека исчезнуваат милионски популации животни. Македонија е жешка точка за биолошка разновидност, а одредени видови се под ризик особено поради инфраструктурни и енергетски проекти.

Интензивен развој на хидроенергетски проекти во Маврово, на Шар Планина и во други делови на земјата, се само некои од ризичните фактори за биолошката разновидност во Македонија поради кои загрозен е опстанокот на многу видови животни, велат научници од земјава.

Балканот е многу богат со разни видови животни, нивни живеалишта и генетски материјал, велат тие, истакнувајќи дека интервенциите во природата доведуваат до непропорционално виска загуба на биолошката разновидност, тренд кој е присутен на глобално ниво.

Според сознанијата на научниците, забрзано се намалува бројот на милијарди популации на цицачи, птици, влекачи и водоземци.

„Во тек е шесттата екстинција или шестото масовно изумирање. Се претпоставува дека денес видовите исчезнуваат со побрзо темпо отколку брзината со која исчезнувале диносаурусите по ударот на астероидот пред околу 65 милиони години. Главен двигател допрва ќе бидат климатските промени“, вели Д-р Методија Велевски - конзервациски биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Тој зборуваше на меѓународна конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата„ - предизвици и решенија.

На конференцијата беше истакнато дека во Македонија е планирана изградба на 400 хидроенергетски проекти кои имаат влијание врз живиот свет и природата, но посебно за тоа дека вакви проекти се градат во заштитени зони, како што е Националниот парк Маврово каде беше предвидена изградба на 22 хидроелектрани.

Исчезнуваат два вида годишно на глобално ниво

Биолошко уништување преку тековното шесто масовно исчезнување и намалување на бројот рбетници, е насловот на Студијата објавена во Националната академија на нуките на САД. Предводник на истражувањето е професор Герардо Себалос од Националниот автономен универзитет од Мексико.

Исчезнувањето на одредени видови на Земјата е многу полошо во однос на претходните стравувања, заклучиле научниците чии анализи покажуваат исчезнување на милиони регионални или локални видови животни поради пренаселеност на луѓето и нивното прекумерно конзумирање.

Предупредувањата се дека е под закана опстанокот на човечката цивилизација, а оти времето за дејствување е многу кратко. До ваквите податоци е дојдено врз основа на анализи на намалување на опсегот и популацијата на 27.600 видови рбетници, како и врз основа на анализа која забележува тренд на исчезнување на 177 видови цицачи меѓу 1900 и 2015 година.

Стапката на губење на популацијата на копнени рбетници е екстремно висока, откриле научниците. Од 177 видови цицачи за кои научниците имале податоци, сите загубиле 30 или повеќе проценти од нивниот географски опсег и повеќе од 40 проценти доживеале сериозно опаѓање на популацијата и 80 процентно намалување на опсегот.

„Во нашиот примерок, направен на скоро од половина од познатите рбетници, 32 проценти се намалени во популацијата и опсегот“, се вели во истражувањето.

Губењето на биолошката разновидност е еден од најтешките хуманизирани глобални еколошки проблеми, се вели во студијата, во која е посочено дека речиси 200 видови на рбетници исчезнале во последните 100 години, односно два вида годишно.

Изворска Река кај предвидениот зафат за ХЕ Рибничка Река.
Изворска Река кај предвидениот зафат за ХЕ Рибничка Река.

Македонија подготвува „црвени листи“

Активистите за заштита на животната средина од Балканот и Европа, како и научници и експерти, алармираат дека закана за природата, а со тоа и опстанокот на некои видови животни се планираните вкупно 2800 хидроелектрани во целиот регион, каде веќе изградени се околу 1000.

Меѓународната унија за заштита на природата користи алатка наречена „црвена листа на видови“, но биолозите креираат и регионални црвени листи. Во Македонија во моментов се подготвуваат две национални црвени листи: едната за одбрани видови растенија, а другата за водоземци и влекачи.

Листите се направени според критериуми: од неевалуирани, до оние за кои нема доволно податоци, најмалку загрижувачките видови, близу засегнатите, чувствителни, загрозени, критично загрозени, исчезнати во природа и исчезнати.

„Неколку работи од овие критериуми исклучително добро важат кога зборуваме за хидроенергијата, посебно за биодиверзитетот на Балканот и во Македонија, тоа се овие брзи падови на популацијата, значи видови кои се распространети само на некои места и видови коишто се многу ретки“, објаснува Д-р Велевски.

Тој објаснува дека има многу ендемични видови инсекти, мекотели и риби коишто природно се ретки и се среќаваат само во една река или мал слив на река. Човечките интервенции во природата многу лесно ќе ги пренесат во категорија загрозени или критично загрозени, вели Велевски.

Пелистерската пастрмка е ендемична во регионот и живее во Кранска и Брајчинска Река и таа е загрозена според Меѓународната унија за заштита на природата. Се намалува бројот на Пелагониската пастрмка и речното ракче, а за многу видови се уште не се знае ништо, како Мавровската пастрмка која се уште не е оценета.

Египетскиот мршојадец е загрозен на глобално ниво, а во Македонија е критично загрозен. Велевски вели дека за 15 години неговата бројност е намалена од 40 на 15 парови и оти пред дваесет години имало 140 парови, делумно и поради изградбата на мали хидроелектрани, бидејќи како што објаснува Египетскиот мршојадец за гнездење одбира стрмни клисури и неговиот успех на размножување зависи од непристапноста во нив во радиус од два километра.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG