Достапни линкови

„Распукала“ Шар Планина чекајќи да биде заштитена


Поглед на Шар Планина.

Властите во земјава со години ветуваат дека Шар Планина ќе биде прогласена за национален парк поради значителните природни вредности, но активистите алармираат дека наместо заштита, природата на Шара се уништува со сеча, пожари, но и со бројните проекти за изградба на мали хидроелектрани.

Државата одобри десетици концесии за мали хидроелектрани на Шар Планина и покрај тоа што во тек е процес за нејзино прогласување за национален парк, кој според најавите треба да финишира наскоро. Активистите за заштита на животната средина алармираат дека со изградбата на електраните се уништува недопрената природа на Шара, каков што е случајот во долината Лешница каде се сечат дрвја за да се подготви терен за изградба на мали хидроелектрани. Дел од еко- активистите сметаат дека токму овие проекти се меѓу причините поради кои се одложува прогласувањето на Шара за национален парк.

Деновиве жителите на село Вратница, кое се наоѓа во подножјето на врвот Љуботен, излегоа на протест и блокади против изградба на мала хидроелектрана на Вратничка Река.

Ова се меѓу последните протести на жители од целиот балкански регион кои негодуваат против изгрдба на мали хидроелектрани во еколошки чувствителни области. Протести и блокади во изминативе години против вакви проекти се случуваат во Србија, Албанија, Црна Гора, Косово, Словенија, БиХ и Грција.

Долината Лешница на Шар Планина.
Долината Лешница на Шар Планина.

Активистите од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ сметаат дека „сега е моментот“ кога граѓанските организации и жителите на селата треба да го запрат уништување на природата. Тие исто така протестираа поради изградба на мали хидроцентрали во Лешница.

„Ние направивме голема реакција, бевме околу 200 луѓе горе на протест од каде упативме порака дека тоа место е на граѓаните, дека тоа место е заштитена зона, а вие градите хидроцентрали“, вели Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка.“

Долината Лешница се спојува со долината на реката Пена која е најголема шарпланинска река после Вардар и нејзина најголема притока. Извира на 2500 метри надморска височина во две реки кои се спојуваат кај селата Вешала и Бозовце.

Десетици одобрени концесии

Според документ од Министерството за животна средина и просторно планирање, уште во 2015 година договори за концесии за користење на вода и производство на електрична енергија склучила компаниијата Гравис Гроуп ДОО-Гостивар/АК-Инвест Тетово за изградба на четри мали хидроелектрани: МХЕЦ Пена 82, МХЕЦ Пена 84, МХЕЦ Пена 85 и МХЕЦ Шеличе 91.

Според координатите објавени во тогашниот јавен повик за доделување на 37 концесии за производство на електрична енергија од мали хидроелектрани, МХЕЦ Пена 82 и МХЕЦ Пена 84 се лоцирани во Лешница.

Ова не се единствените концесии на Шара. Само компанијата АК-Инвест Тетово се јавува како повластен производител во регистарот на Регулаторната комисија за енергетика за МХЕЦ Вејачка река во село Вејце.

Доколку се погледне интернет страницата на фирмата АК-Инвест Тетово, може да се забележи дека учествувала во изградба и на трите мини хидроелектрани „Брза вода“ во село Порој во општина Џепчиште, за кои во регистарот на Регулаторната комисија за енергетика како повластен производител се јавува „БНБ Енерџи ДОО.“

Исто така од оние хидроелектрани на Шара кои веќе се оперативни неколку години, се трите изградени во вид на каскада на реката Бистрица во Теарце, проекти претставени како „зелени инвестиции“ финансирани од Европската инвестициска банка, според податоците на мрежите од еколошки граѓански организации и групи за човекови права „Бенквоч“, „Ривервоч“ и „Еуронејчр“. За овие хидроелектрани повластен производител е СОЛ ХИДРОПАУЕР ДООЕЛ Скопје, според податоците од Регулаторната комисија за енергетика.

Во мај оваа година Владата потпиша три нови договори за мали хидроелектрани на Шара: МХЕ Боговинска, МХЕ Маздрача и МХЕ Јеловска од јавниот повик објавен во јануари.

Долината Лешница на Шар Планина.
Долината Лешница на Шар Планина.

Ќе биде ли Шара прогласена за национален парк?

Попова Шапка освен предложеното прогласување за национален парк, номинирана е за Емералд подрачје со посебен интерес за заштита. Емералд мрежата се вопоставува на териториите на земјите членки на Бернската конвенција за зачувување на дивиот свет и нивните природни живеалишта во Европа, а Македонија од 2002 година започна со пилот активност како договорна страна.

Властите во земјава, пак, со години наназад најавуваат дека Шар Планина ќе биде прогласена за националаен парк, иако според официјалните најави во тек е изработка на Студијата за валоризација на природните вредности на Шара, по чие завршување Собранието треба ја прогласи за национален парк.

Претходната власт на почетокот на оваа декада учествуваше на трилатерални средби меѓу Македонија, Албанија и Косово во рамки на тогашната иницијатива „Шар Планина-Кораб-Дешат“ да биде идно прекугранично заштитено подрачје.

Тогаш беше посочувано дека подрачјето претставувува едно од најважните жаришта на растителен и животински свет во регионот, со потенцијал да биде најголемо заштитено подрачје во Југоисточна Европа.

Сега, слични изјави даваат и функционерите од актуелната власт, кои ветуваат дека наскоро ќе биде реализирано прогласувањето на Шар Планина за национален парк.

„Тука сме заедно со Општина Тетово и амбасадорите, кои ни се придружија во оваа акција да ја промовираме потребата за прогласување на Шар Планина во национален парк. Можевме да слушнеме дека работите околу ова привршуваат и може да очекуваме во наредните месеци тоа да се реализира“, изјави вицепремиерот Бујар Османи во септември оваа година.

Поглед на Шар Планина.
Поглед на Шар Планина.

Сомнежот на активистите

Сепак, активистите се сомневаат дека наместо заштита, природата на планината се уништува меѓу другото и со сечење на шумите за да се овозможи простор за изградба на мали хидроелектрани.

Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ вели дека една од причините поради која прогласувањето на Шара за национален парк се одложува, е со цел да бидат изградени хидроцентралите.

„Токму ова е намерата, бидејќи операторите, односно политичките функционери и бизнисмените да ги задоволат економските зголемувања на нивните фирми, да имаат поголем обрт. Тие го прават ова, бидејќи кај нас се знае кои имаат сила - бизнисмените и политичарите“, вели Сулејмани.

Тој објаснува дека за да се овозможи изградбата на мали хидроелектрани во долината Лешница, била уништувана природата со сеча на шумите.

„Таму, операторот на хидроцентралите кои ќе ги гради во координација со Дирекцијата за шуми на Македонија, сечеле дрва токму во тие одредени траси каде што ќе поминат и цевководите. Дирекцијата за шуми се правдаше дека тие својата работа ја прават според законска регулатива и со план каде точно сечат. Ние бевме на терен и видовме дека се отвораат нови траси, по сечењето се тампонираат тие патишта за да може да се движи и механизацијата и да може да поминува цевководот “, вели Хамди Сулејмани од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка.“

Реакции од граѓанските организации имаше и по одлуката на Владата од мај оваа година да ги додели трите концесии за малите хидроелектрани на Шар Планина, но и за за оние кои беа одобрени за Кожуф и Јакупица кои исто така се предложени за национални паркови.

„Од осумте локации, седум од нив се наоѓаат во подрачја кои се предложени за национален парк, иако се уште не се согласно националното законодавство, сепак сите овие подрачја се Емералд подрачја кои се официјално доставени до Бернската конвенција како подрачја на заштита и согласно конвенцијата која ја потпишавме како држава, имаме обврска да ги заштитиме“, изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“.

Шар Планина.
Шар Планина.

Eколошките организации кои ги мониторираат проектите за изградба на мали хидроелектрани во земјата, подолго време укажуваат дека проблематично е што државата одобрува изградба на хидроцентрали во веќе прогласени заштитени зони со еколошко чувствителни подрачја, како што се примерите во националните паркови Маврово и Пелистер.

Петнаесетина еколошки граѓански организации побараа прогласување на Шар Планина за национален парк во најитен можен рок, како што наведоа „пред да се уништи и да нема што да се заштити“, бидејќи процесот трае повеќе од 20 години.

Ова е само едно од нивните барањата кои ги упатија на средбата со претседателот Стево Пендаровски. Претставниците на граѓанските организации за заштита на животната средина наведоа дека претседателот „е последна институција“ кон која испраќаат апел поради недоволна активност на централната власт, како и неагилност и неодговорност на локалната власт за прашањата за уништувањето на животната средина.

„Претседателот е последната инстанца, надеж во долгиот ланец на институции до кои сме се обратиле во нашата долгогодишна и исцрпувачка борба на залагања, барања, чекања и очекувања институциите како организиран систем да нè изведат од вонредната состојба во која живееме и ни го вратат назад правото на здрава животна средина загарантирано со Устав“, се вели во соопштението на „О2 Иницијатива“ по средбата со Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, најавува дека заштитата на животната средина за прв пат ќе биде ставена како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност, која ќе се одржи кон средината на декември оваа година, на која ќе учествуваат и претставници на граѓански организации.

Според најавите, освен аерозагадувањето, индустриските жешки точки и низа други прашања, активистите ќе побараат да се дискутира и изградбата на малите хидроцентрали.

Деновиве исто така беше разгледувана физибилити студија за скијачкиот центар на Попова Шапка, за која активистите исто така имаат критики.

Делот на Шар Планина кој припаѓа на територијата на Косово е прогласен за национален парк уште за време на поранешна Југославија во 1986 година.

Но и покрај тоа, жителите на општина Штрпце, од која еден дел се наоѓа во составот на Националниот парк Шар Планина на југот на Косово, со месеци протестираат против изградба на пет мини хидроелектрани во Сиринич.

Протести имаше и во главните градови на Албанија, Србија, Црна Гора, Косово, Словенија, БиХ и Грција, откако во последниве десет години бранот на градење на хидроенергетски проекти во еколошки чувствителни области на Балканот, дел од нив финансирани со кредити на меѓународни финансиски институции, предизвика се поголемо негодување во јавноста и блокади.

Како што наведува најголемата мрежа од еколошки организации и групи за човекови права „Бенквоч“, еден од главните двигатели на „деструктивниот бум на мали хидроелектрани во Западен Балкан е достапноста на јавна финансиска поддршка во форма на повластена тарифа.

„Во 2018 година малите хидроелектрани имаа корист од 70 отсто од поддршката за обновлива енергија во Западен Балкан. Сепак придонесот од малите електрани во производство на електрична енергија е исклучително скромен: во 2018 година само 3,6 проценти од електричната енергија на Западен Балкан беше произведена од хидрценталите под 10 мегават часови“, велат од Бенквоч.

Фондацијата за животна средина „Ривервоч“ со седиште Германија, неведува дека целата речна мрежа во регионот е под ризик со тоа што се планирани повеќе од 2.700 мали хидроелектрани.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG