Достапни линкови

Правни механизми за заштита на „последните слободни реки“


Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II во НП Маврово. Изовр „Фронт 21/42.“
Жировничка Река на проектираната локација на горниот зафат за ХЕ Жировничка Река II во НП Маврово. Изовр „Фронт 21/42.“

Активисти изработија прирачник за употреба на правни механизми и алатки за запирање на инфраструктурни проекти кои се во конфликт со животната средина. Инспиративен пример е стопирањето на изградбата на хидроелектраните „Луково Поле“ и „Бошков Мост“ во Националниот парк Маврово.

Пред десетина години започна борбата на активистите од неколку граѓански организации од земјава и регионот за заштитна на Националниот парк Маврово, откако државата донесе енергетска стратегија која вклучуваше изградба на нови хидроелектрани во заштитената зона.

Одобрувањето на проектите „Бошков Мост“ и „Луково Поле“ во 2010 година финасирани од мултилатерални развојни банки, активистите го оценија дека е направено без анализа на негативните ефекти врз природата од посточеката хидроелектрана „Маврово“. Тие укажаа дека реализацијата на нови проекти дополнително ќе ја загрози природата и дивиот свет.

Според нив двата државни проекти за изградба на големи хидроелектрани, како и планот за одобрување на уште 20 концесии за мали нископроизводни хидроелектрани во НП Маврово, ја поткопуваат самата идеја за постоење на национален парк.

Тоа беше причината да започнат со примена на правни механизми за запирање на проектите. Првата жалба беше поднесена до Конвенцијата за заштита на европскиот див свет и природни живеалишта (Бернска конвенциија) која им донесе успех.

Во 2015 година Светската банка се повлече од пректот „Луково Поле“, а една година подоцна Европската банка за реконструкција и развој ги замрзна финасиите за проектот „Бошков Мост“ со што во 2017 година целосно беше прекинато финасирањето на проектите.

Ваквиот развој на настаните во борбата за Маврово, ги поттикна активистите од граѓанските организации „Фронт 21/42“, „Еко-свест“, Ривер Воч“ и „Еуронатур“, да изработат прирачник за секој граѓанин да може да користи правни алатки и механизми за заштита на животната средина од инфраструктурни проекти, поради како што посочуваат, потребата од зачувување на „последните диви и слободни реки во Европа.“

„Прирачникот е збирка на правни алатки и механизми кои ние ги користевме да го зачуваме Националниот парк Маврово. Користена беше национална и меѓународна легислатива“, вели Александра Бујароска – правник за животна средина од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Хидроенергетски проекти во НП Пелистер. Извор „Бенквоч.“
Хидроенергетски проекти во НП Пелистер. Извор „Бенквоч.“

Конвенцијата за пристап со информации, учество на јавноста и пристап до правдата за прашањата за животната средина (Архуска конвенција) е само една од алатките.

Останатите достапни механизми се Конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта (Бернска конвенција) и усвоените еколошки и социјални политики на меѓународните финансиски институции кои ја обезбедуваат финансиската помош за хидроенергетските проекти (Светска банка и ЕБОР).

Во прирачникот е објаснета секоја правна алатка што активистите ја користеле и која може да се искористи врз инфраструктурни проекти.

„Последната глава во прирачникот содржи селекција на акции и настани кои сме ги спровеле и нивната цел е надополнување на овие постапки, а имаат за цел да ја информираат јавноста и локалното население кое најмногу трпи од ваков вид на проекти, да извршат притисок врз оние кои носат одлуки на национално и на меѓународно ниво“, вели Бујароска.

​Архуската конвенција е наведена како „најзначајна меѓународна легислатива“ во областа на еколошката демократија. Таа ги поврзува човековите права, ја потврдува обврската на денешните кон идните генерации и го зацврстува концептот на одржлив развој преку вклучување на сите засегнати страни.

Правото на јавноста на целосни, точни и ажурирани податоци е првиот столб на Архуската конвенција, вториот е нејзиното учество во процесот на донесување на одлуки, додека третиот е пристап до правда.

Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“
Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Приказната за Маврово сепак не заврши со запрењето на големите хидроелектрани „Бошков Мост„ и „Луково Поле“ бидејќи изминативе години четири мали хидроелектрни беа изградени и пуштени во употреба, а дополнително четри други се во план за изградба, со што борбата на активистите продолжи.

Активстката Ана Чоловиќ Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест“ е една од добиотниците на овогодинешната Голдманова награда за животна средина поради стопирањето на меѓународното финансирање на двете големи хидроелектрани „Бошков Мост“ и „Луково Поле“ во Маврово.

Во меѓувреме, Владата одобри нови 18 концесии од вкупно 22 на јавниот повик за изградба на мали хидроелектрани, од кои седум на реки на Шар Планина, Кожуф и Јакупица – подрачја кои се предложени да бидат прогласени за национални паркови. Одбиени беа понудите за изградба на вакви проекти во Националните Паркови Маврово и Пелистер и една на Јабланица по притисокот во јавноста.

На територијата на Македонија досега изградени се 9 големи и над 70 мали хидроелектрани кои се оперативни, но граѓанските здруженија посочуваат дека според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120 хидроелектрани, од кои една третина се во заштитени подрачја од некаков вид.

Нивните укажувања до власта се дека со научните наоди од повеќе истражувања на еколошкиот статус и здравјето на реките каде се изградени хидроелектрани, се докажува уништувањето на „речниот екосистем“ после ваквите зафати.

Кампањата на мрежата од граѓански организации од регионот и Европа, координирана од Еуронатур и Ривервоч, е наречена „Да го зачуваме синото срце на Европа“, поради информациите дека цела речна мрежа на Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани.

Националниот парк Маврово е еден од најстарите национални паркови во Европа основан во 1949 година, поради неговата исклучителна природна убавина, историско и научно значење на шумите и шумските предели.

Балканскиот рис. Извор „Еко-свест.“
Балканскиот рис. Извор „Еко-свест.“

Неговата територија достигнува над 73 илјади хектари со еден од најбогатите биодиверзитети во земјава, живеалиште на околу 50 видови цицачи: волк, кафена мечка, лисица, рис и Балканскиот рис, 129 видови птици, 11 видови водоземци, 24 видови влечуги, 924 видови езрбетници и над 1.400 растителни видови. Дел од овие видови се заштитени со неколку директиви за заштита на природата и дивиот свет на ЕУ.

Маврово е една од последните територии за репродукција на Балканскиот рис кој е класифициран како критично загрозен вид од страна на Меѓународниот сојуз за заштита на природата, бидејќи се проеценува дека егзистираат само уште 40-тина возрасни единки.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG