Достапни линкови

Зелена агенда или зелена демагогија?


Илустрација - соларни панели, чиста енергија. Земјите од Западен Балкан треба да постават цели за енергетика и клима во согласност со рамката на Енергетската заедница и законодавството на ЕУ.

Македонија е меѓу земјите од регионот кои деновиве ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, со која се обврзаа да спроведат исти мерки за борба против загадувањето и климатската криза како земјите членки на Европската унија.

„Зелена демагогија“, како што ја нарекуваат невладините организации од земјава, или вистинска заложба за јаглеродна неутралност е Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан, којашто пред неколку дена ја потпишаа лидерите од регионот на Самитот во Софија?

Лидерите од Западен Балкан со потпишувањето на Декларацијата на 10 ноември, која има за цел Европа да биде јаглеродно неутрална до 2050 година, меѓу другото, се обврзаа за борба против климатската криза, деполуција на воздухот, водите и почвите.

Меѓу земјите потписнички е и Македонија. На Самитот во Софија македонскиот премиер Зоран Заев, освен документот за зелена агенда, потпиша и Декларација за заеднички регионален пазар за подлабока регионална економска соработка.

Но, граѓански организации за заштита на животната средина посочуваат на „клучни недостатоци на овој навидум добронамерен план“, како што наведе граѓанската организација за заштита на животната средина и животните Е.Д.Е.Н. каде членуваат дел од основачите на граѓанската иницијатива „Охрид SOS.“

Декларацијата за зелена агенда за Запден Балкан се заснова на пет столбови: првиот е клима, енергија и мобилност, вториот е циркуларна економија, потоа следуваат деполуција, одржливо земјоделство и производство на храна и последниот столб е заштита на биодиверзитетот.

„Лидерите на земјите од Западен Балкан ја потпишаа Декларацијата за зелена агенда за Западен Балкан која има за цел да оствари јаглеродно неутрален континент до 2050 година, заедно со ЕУ, преку воведување на главните текови на строги климатски политики и преку превземање на реформи на енергетскиот и транспортниот сектор“, се вели во соопштението на Владата од 10 ноември.

Ана Чоловиќ Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, сепак објаснува дека кога ЕУ излегла со својота политика за новиот „зелен договор“, кој важи за нејзините членки, исто така почнала да работи и за иста таква верзија за Западен Балкан, со цел да биде постигната климатска неутралност на целиот европски континент до 2050 година.

Тука е таа поврзаност, вели Чоловиќ-Лешоска, меѓу европскиот Зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан, бидејќи овде се пресликани истите принципи кои ќе важат за земјите членки на ЕУ.

„Така што јас сметам дека не е прашање тоа дали ние сакаме или не сакаме да ги имплементираме овие мерки, мислам дека е прашање на време кога ќе ги имплементираме, бидејќи Европа донесе и Економски инвестициски план од девет милијарди евра за регионот за да се применат сите оние мерки кои се предвидени во политиката на Зелената агенда“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Потребна е внимателност

Во Декларацијата за зелена агенда се вели дека земјите од Западен Балкан треба да постават цели за енергетика и клима за 2030 година во согласност со рамката на Енергетската заедница и законодавството на ЕУ, но и дека треба да спроведат интегрирани планови за клима и енергија со мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови во економиите, преку интегрирање на климатски активности во сите релевантни сектори.

Чоловиќ-Лешоска укажува на потреба од внимателност, бидејќи како што вели, властите од Балканот досега покажале дека не се премногу амбициозни во спроведување на мерките за заштита на животната средина, како и ветувањата кои ги имаат дадено.

„На пример, случајот со Европската енергетска заедница, каде како држави уште од 2005 година имаме ветено дека ќе спроведеме одредени законодавства, но тоа не се случува“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Таа ,исто така, додава дека во врска со одредени проекти кои ЕУ ги дава во рамки на Зелената агенда, на пример во деловите на обновлива енергија, вели дека има „доста изградба“ на хидроелектрани, што според Чоловиќ-Лешоска тоа не е одржлив начин и таа мерка е во спротивност со мерката за заштита на биодиверзитет.

Отсуство на натпартиска стратегија за одржлив развој

И активистите од граѓанските организаци Е.Д.Е.Н. и „Охрид SOS“ велат дека Зелената агенда „изгледа добро на хартија“, но според нив постои „комплетно отсуство на реални механизми“ за нејзино спроведување.

„Владите од Западен Балкан се озлогласени поради својата континуирана индолентност во поглед на заштитата на животната средина. Познати се по тоа што не ги исполнуваат целите на кои се обврзуваат и најчесто отсуствува единствена натпартиска стратегија за одржлив развој“, велат од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS.“

Во оваа насока од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид СОС“ посочуваат дека целиот регион е зафатен од „цунами од деструктивни и комплетно непотребни хидроцентрали, дека се гради гасоводна инфраструктура која, како што наведуваат, за многу кратко време ќе биде застарена.

Од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS“ додаваат дека исто така справувањето со отпадот е на „мизерно“ ниско ниво, додека трошењето на електрична енергија е на „загрижувачко високо ниво.“

За циркуларната економија во документот за зелена агенда стои дека земјите ќе се залагаат да придонесат кон заштита на животната средина и минимизирање на количините на отпад генерирани во регионот, додека за деполуцијата на воздухот, водите и почвите земјите се обврзуваат на следните активности:

Секоја земја да го финализира процесот на ратификација на Конвенцијата за прекугранично загадување на воздухот, вклчително и нејзините измени и дополнувања; да развие стратегии за квалитет на воздухот и да го засили усвојувањето на Најдобрите достапни техники во согласност со Директивата за индустриски емисии.

Натаму, земјите треба да воспостават соодветен систем за следење на квалитетот на воздухот, да го имплементираат соодветното законодавство на ЕУ за водите, да ја модернизираат инфраструктурата за следење на квалитетот на водите; да изградат потребна инфраструктура за третман на водите, да усвојат закони за заштита на почвите.

Земјите, исто така, се обврзаа дека ќе работат кон трансформација на земјоделскиот сектор и минимизирање на неговото негативно влијание врз животната средина и климата, како и обезбедување на здрава храна за граѓаните по пристапни цени.

Биодиверзитетот треба да биде заштитен, односно да биде запрена неговата загуба преку долгорочна стратегија, со што ќе бидат заштитени и обновени екосистемите, стои во Декларацијата за зелена агенда за земјите од Западен Балкан.

Неусогласени стратегии

Од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS“ велат дека економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и Зелената агенда се неусогласени.

„Во Зелената агенда се предвидува декарбонизација до 2050 година, а во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан транзицијата од јаглен е предложено да се спроведува со инвестирање во нова инфраструктура за гас, што е крајно нерационално решение, не во јавен интерес, туку во интерес на нафтените лобисти“, велат Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS.“

Од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS“ исто така посочуваат дека на само едно место во Зелената агенда се спомнува соларната енергија, иако како што наведуваат активистите, Македонија е земја со 280 сончеви денови и дека според проценките само 0,6 проценти од нејзината територија се потребни за да се покрие со фотоволтаици и да се произведува електрична енергија што ќе ги задоволи потребите на целата земја.

„Сѐ на сѐ, демагогија која македонските политичари успешно веќе со децении ја пресликуваат и на локално и на национално ниво“, велат од Е.Д.Е.Н. и од „Охрид SOS.“

Македонија, зедно со останатите земји од Западен Балкан, има долгорочен проблем со загадувањето на водите, воздухот и почвите. Загадениот воздух, според официјални студии, годишно убива до 3.000 жители на земјата, почвите се загадени од историско индустриско загадување, а водите и биодиверзитетот се под ризик од стотици проекти за мали хидроелектрани.

Граѓани и активисти за заштита на животната средина од повеќе граѓански организации, во изминативе неколку години изразија и голема загриженост поради планови за отворање на рудници за бакар и злато, главно во источниот дел на Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG