Достапни линкови

Хидроцентралите мали, проблемите големи


Илустративна фотографија- Изградба на мала хидроелектрана на Крапска река на Јакупица која е Емералд подрачје - Извор: „Еко-свест.“ За штетите врз животната средина од изградбата на малите хидроелектрани, повеќе години укажуваат граѓани и активисти од целиот балкански регион.
Илустративна фотографија- Изградба на мала хидроелектрана на Крапска река на Јакупица која е Емералд подрачје - Извор: „Еко-свест.“ За штетите врз животната средина од изградбата на малите хидроелектрани, повеќе години укажуваат граѓани и активисти од целиот балкански регион.

Граѓански организации за заштита на животната средина алармираат за можно уништување на горниот тек на Маркова Река од изградба на мала хидроелектрана. Тие бараат државта да ги заштити водените ресурси на Македонија. Во новата владина програма се најавува забрана на нови мали хидроелектрани, но само во заштитените подрачја на земјата.

Маркова Река е уште една од десетиците реки во Македонија на која е започната изградба на мала хидроелектрана, за што жители на главниот град Скопје и граѓански организации за заштита на животната средина велат дека е уште еден случај на „катастрофалното уништување на реките во државата.“

„Изградбата на овие проекти во недопрени и природни предели ја уништуваат геоморфологијата на рекитите, биодиверзитетот, природните вредности и екосистемските услуги кои овие предели ги овозможуваат за луѓето, како чист воздух и чиста вода за пиење. Во недостиг на инспекциска контрола и надзор, овие зафати стануваат чисти мини еколошки катастрофи низ земјата“, реагираат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест.“

Маркова Река е долга 30 километри. Таа е десна притока на реката Вардар и тече јужно од главниот град Скопје. Изградбата на мали хидроелектрани на реката, ќе бидат уште неколку од околу 80 во целата земја кои веќе се пуштени во употреба.

Во документ на Регулаторната комисија за енергетика објавен во јуни оваа година, се забележува дека три мали хидроелектрани на Маркова Река се стекнале со привремен статус на повластен производител на електрична енергија уште во 2016 година. Како производител на електрична енергија на Маркова Река е наведена фирмата ИНДИГО ХИДРО МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје.

Забрана во заштитените подрачја?

За реакциите на „Еко-свест“ и на граѓаните, РСЕ побара став од Владата и одговор дали ги зема предвид влијанијата врз реките и врз природата од изградбата на малите хидроелектрани, но до објавувањето на текстот не добивме повратен одговор.

Во предлог програмата на новата Влада до 2024 година, која деновиве беше доставена во Собранието, во делот на Заштита на животната средина и зелен развој е наведено дека ќе биде воведена забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитените подрачја во земјата.

До ова доаѓа откако во изминатите неколку години изградба на вакви проекти беше дозволено во националните паркови Маврово и Пелистер.

Мала хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“
Мала хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“

Исто така во новата предлог-програма на Владата во делот за енергетика се вели дека Владата има „амбициозен план“ до 2024 година над 50 проценти од вкупната инсталирана електрична моќност во државата да биде од обновливи извори на енергија.

Електричната енергија добиена од вода преку малите и микро хидроелектрични централи, според законската регулатива, се третира како обновлив извор на енергија, заедно со фотонапонските централи, ветeрните паркови и термоелектричните централи на биогас и биомаса.

Овие проекти за обновливи извори на енергија се финансираат преку сметките за струја во форма на повластени тарифи, според Законот за енергетика, односно шест проценти од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на обновливи извори на енергија. РСЕ во јануари оваа година објави истражување чии податоци покажуваат дека сопствениците на малите хидроелектрани остваруваат милионски профити на сметка на граѓаните.

Малите хидроцентрали во новата владина агенда до 2024 година се спомнуваат само еднаш, односно дека ќе бидат забранети во заштитените подрачја, а се наведува дека ќе се произведува чиста електрична енергија во земјата со новите фотоволтаични централи, каде се образложува дека со тоа ќе бидат намалени емисиите на јаглерод диоксид, но и дека ќе бидат изградени ветерни централи и оти ќе биде зголемена квотата за градба на нови биогасни електрани.

Од „Еко-свест“ сметаат дека изградбата на малите хидроелектрани е „неразумна и неоправдана“, бидејќи, како што посочуваат, земјата во блиска иднина ќе се соочи со хидроелектрани на суви речни корита.

„Владата мора да ги стави заштитата на водените ресурси и здравјето на граѓаните како висок приоритет во мерките за прилагодување на климатските промени и да ги запре сите градежни активности на издадените концесии за мали хидроелектрани во земјава кои би требало да се повлечат и да се направат нови проценки за нивниот потенцијал за електрична енергија согласно најновите податоци и најновите климатски услови“, велат од „Еко-свест.“

Додека граѓанските организации за заштита на животнтата средина се противат на овие проекти, дел експерти за енергетика, пак, сметаат дека доколку изостане производството на струја од малите хидроелектрани, таа количина на енергија ќе треба да биде увезена, бидејќи земјата увезува околу 30 проценти од потребите за електрична енергија.

Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“
Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“

БиХ забрани изградба на мали хидроцентрали

За штетите врз животната средина од изградбата на малите хидроелектрани, повеќе години укажуваат граѓани и активисти од целиот балкански регион, бидејќи на Балканот веќе се реализирани стотици вакви проекти.

Во оваа насока Претставничкиот дом на Босна и Херцеговина во јуни оваа година усвои Декларација за заштита на реките и заклучок со кој се забранува изградба на мали хидроцентрали на целата територија на земјата.

Од Центарот за животна средина – граѓанска организација од Бања Лука – оценија дека забраната е голем успех за сите активисти кои биле дел од Коалицијата за заштита на реките од БиХ.

„Во последниве години, активистите на Коалицијата ги бранеа реките и потоците со сите расположливи средства, правни алатки, блокади и јавни протести“, наведоа од Центарот за животна средина.

Босна и Херцеговина не е единствената земја каде што изградбата на малите хидроелектрани предизвика јавно негодување со протести и блокади на локалното население. Тоа се случува скоро во сите земји на Западен Балкан.

Според податоците од истражувањата на мрежата граѓански организации „Бенквоч“, во која се вклучени и активисти од граѓански организации од земјава, во периодот меѓу 2009 и 2018 година во регионот се изградени најмалку 380 мали хидроелектрани, со што вкупниот број во истиот период е за четири пати зголемен, од 108 на најмалку 488 мали хидроелектрани.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG