Достапни линкови

Стотици невладини бараат ЕУ да ги запре малите хидроцентрали


Малата Хидроелектрана „Брајчинска река 2“ во Националниот парк Пелистер. Извор „Еко-свест.“

Стотици европски невладини бараат од ЕУ, ЕИБ, ЕБОР и Светска банка да го запрат финансирањето на нови мали хидроцентрали и средствата да ги насочат кон обновливи извори на енергија кои немаат негативно влијание врз природата.

Кон Манифестот против изградба на нови мали хидроцентрали се приклучија и граѓански организации од Македонија, заедно со над 150 европски невладини.

Тие бараат Европската унија, Европската инвестициска банка и Европскиот парламент да ја запрат поддршката и финансирањето на овие проекти, како што наведуваат, поради штетите кои ги предизвикуваат врз природата.

„Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и предизвикување на речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени“, велат од граѓанската организација „Фронт 21/42“ која е дел од Манифестот.

„Фронт 21/42“ заедно со оргaнизациите како WWF – Светскиот фонд за природа, „Climate Action Network Europe“ и „BirdLife“ укажуваат дека во Европа популацијата на слатководни риби кои мигрираат е намалена за 93 проценти од 1970 година до денес.

„Хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите, а сепак во моментов преку 5.500 нови проекти се во процес на планирање или изградба. Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани“, велат од „Фронт 21/42.“

Во моментов на територијата на Македонија се изградени 9 големи и над 70 мали хидроелектрани кои се оперативни, но според издадените концесии таа бројка ќе достигне до 120, од кои една третина се во заштитени подрачја.

Изградени мали хидро електрани (црно), во процес на изградба (жолто), планирани (црвено). Извор „Фронт 21/42.“
Изградени мали хидро електрани (црно), во процес на изградба (жолто), планирани (црвено). Извор „Фронт 21/42.“

Во Националниот парк Маврово пред неколку години имaше планови за изградба на две големи хидроелектрани, Луково Поле и Бошков Мост, чија изградба беше суспендирана под притисок на граѓанските организaции и јавноста. Сепак, во меѓувреме, на територијата на паркот бројката за изградба на мали хидроелектрани беше проширена на 22.

Но, не се само природните убавини на Маврово под ризик. Вакви проекти беа дозволени и во Националниот парк Пелистер и на Шар Планина за која во моментов е започнат процес за нејзино прогласување за национален парк.

Брајчинска Река во Националниот парк Пелистер по изградбата на мала хидроелектрана. Извор „Еко-свест.“
Брајчинска Река во Националниот парк Пелистер по изградбата на мала хидроелектрана. Извор „Еко-свест.“

На Шар Планина има неколку мали хидроелектрани на места со исклучителни природни убавини каква што е Долината Лешница, за што групи на социјалните мрежи алармираат дека се прави неповратна еколошка штета.

По реакцијата на „Еко-свест“, РСЕ побара став од Владата кој го доби по објавувањето на текстот за Маркова Река, за тоа дали Владата ги зема предвид влијанијата врз реките и природата од изградените мали хидроелектрани во земјава.

Одговорот од Владата беше нејасен. Од таму наведоа дека договорот за концесија за користење на водите на Маркова Река за мала хидроцентрала бил склучен во 2015 година, односно дека е обезбедена дозвола за користење на вода и одобрение за градење на три мали хидроцентрали.

„Во дозволите за користење на вода се прецизирани водостопанските услови за изградба на објектите, условите и критериумите за користење на вода, дозволените количини на зафатена вода, обврска за обезбедување на континуирано следење на биолошкиот минимум, обврските во однос на следење на зафатените и количини на вода кои се испуштаат во реципиентот“, се вели во одговорот на Владата преку електронска пошта.

Во предлог програмата на новата Влада, во делот на Заштита на животната средина и зелен развој е наведено дека ќе биде воведена забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитените подрачја во земјата.

Сепак, невладините укажуваат дека компаниите кои управуваат со овие проекти освен што ретко ги почитуваат законските обврски, дека малите хидроелектрани имаат незначителен удел во производството на електрична енергија.

„Во моментов 9 од 10 нови или планирани хидроцентрали имаат капацитет помал од 10 мегавати – овој незначителен удел во производството на електрична енергија зад себе остава пресушени реки, блокирани миграциски патеки на рибите, уништени речни екосистеми и локално население без вода за пиење и наводнување“, велат од Фронт „21/42.“

Невладините кои се дел од Манифестот бараат ЕУ, Европската инвестициска банка и Европскиот парламент да го запрат финансирањето на нови хидроцентрали и тие средства да ги пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постоечките централи, за отстранување на застарените брани и за премин кон обновливи извори на енергија кои немаат негативно влијание врз природата.

„Сметаме дека новите хидроенергетски проекти не треба да бидат субвенционирани од државата, ниту финансирани од меѓународните финансиски институции (ЕИБ, ЕБОР, Светска банка).“, велат од „Фронт 21/42.“

Додека граѓанските организации за заштита на животната средина се противат на овие проекти, дел експерти за енергетика, пак, сметаат дека доколку изостане производството на струја од малите хидроелектрани, таа количина на енергија ќе треба да биде увезена, бидејќи земјата увезува околу 30 проценти од потребите за електрична енергија.

Електричната енергија добиена од водите на реките преку малите и микро хидроелектрични централи, според законската регулатива, се третира како обновлив извор на енергија, заедно со фотонапонските централи, ветeрните паркови и термоелектричните централи на биогас и биомаса.

Овие проекти за обновливи извори на енергија се финансираат преку сметките за струја во форма на повластени тарифи, според Законот за енергетика, односно шест проценти од парите кои ги плаќаат граѓаните се наменети за субвенционирање на обновливи извори на енергија.

РСЕ во јануари оваа година објави истражување во кое дојде до податоци дека сопствениците на малите хидроелектрани остваруваат милионски профити на сметка на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG