Достапни линкови

Вести

Македонија на чекор од европското првенство, победа над Косово со 2:1

Арена Тодор Проески - Македонија го победи Косово со 2:1
Арена Тодор Проески - Македонија го победи Косово со 2:1

Со победа над репрезентацијата на Косово со 2:1, Македонија се пласираше во финалето од плеј-офот за пласман на Европското првенство. Од историскиот успех ја дели само уште еден меч - со Грузија во Тбилиси.

Македонските фудбалери одиграа добар меч на арената Тодор Проески во Скопје, особено во второто полувреме иако двата гола ги постигнаа во првиот дел од мечот. Македонија поведе во 16-тата минута со автогол на Бенџамин Кололи, по шутот на Стефан Ристовски. Косово изедначи со голот на Флорент Хадерѓонај, а конечните 2:1 за Македонија ги постигна Дарко Велковски.

На Македонија ѝ беа поништени и два гола - на Горан Пандев и на Аријан Адеми, по преглед на ВАР системот.

Претходно Грузија славаше со 1:0 против Белорусија, па на 12 ноември ќе ја пречека Македонија во Тбилиси, на одлучувачки меч за историски пласман на Македонија на Европското фудбалско првенство.

Натпреварот се играше на спортската арена Тодор Проески во Скопје, без публика поради Ковид-19 пандемијата.

Мицкоски бара оставки поради бројот на заболени со корона

Архивска фотографија- прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
Архивска фотографија- прес-конференција на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Поради денешниот рекорд во бројот на нови случаи на инфицирани со коронавирусот во Македонија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара оставки.

„Што уште треба да се случи за да почнат оставки и промени во политиките на владата? Или ќе ѝ се стави крај на неспособноста на мафијата која убива, или ќе се дозволи целото население да се зарази со Kовид. 775 семејства досега останаа без свој близок, затоа што Владата на Заев сметаше дека блеска, тогаш кога нивната неспособност да се справат со заразата, одземаше животи“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук.

Инаку, во последните 24 часа направени се 2140 тестирања за Ковид19, а позитивни се 364 луѓе. Од нив најголем број во Скопје 184, а двоцифрени бројки имаат: Струмица 21, Тетово 19, Кочани 17, Куманово и Штип по 13, Прилеп 12, Свети Николе и Радовиш по 11 и Битола 10. Починати се три лица, а како оздравени за истиот период се водат 106 лица. Во Скопје во моментов има 1315 активни случаи од кои во Центар 241, во Аеродром 240, Карпош 214, Гази Баба 140, Кисела Вода 138 и Ѓорче Петров 104. Другите скопски општини имаат двоцифрени бројки активни случаи.

Комисијата за заразни болести предложи и три нови мерки- забрана за поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, односно едно семејство може да прими најмногу четворица кои не живеат на таа адреса, забрана за групирање на повеќе од четири лица на отворен простор (паркови, бензински пумпи и итн) по 22 часот и задолжително носење заштитна маска или покривка на лицето и при престој на отворено и во затворени простории.

Белорусија- приведен соработник на опозициската лидерка

Архивска фотографија- Анатол Лијабедзка, соработник на опозициската лидерка Свјатлана Циханускаја
Архивска фотографија- Анатол Лијабедзка, соработник на опозициската лидерка Свјатлана Циханускаја

Белоруската полиција соопшти дека привеле едeн од соработниците на опозициската лидерка Свјатлана Циханускаја под сомнение дека извршил законско прекршување. Портпаролот на полицијата во Минск денеска соопшти дека Анатол Лијабедзка е приведен во главниот град, без да даде дополнителни детали.

Ден претходно неговите колеги велат дека престанал да се јавува на телефон. Циханускаја објави дека го одбрала Лијабедзка, поранешниот лидер на опозициската Обединета граѓанска партија за свој претставник за уставните реформи. Тој беше казнет и на кратко затворан неколкупати во минатото за опозициски активности.

Словенија со нови мерки за справување со короната, расте бројот заболени во Албанија

Архивска фотографија- човек со маска во Љубљана
Архивска фотографија- човек со маска во Љубљана

Словенечката Влада денеска донесе нови рестриктивни мерки, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, а една од нив е забраната за собирање повеќе од десет лица. Собирање до 500 луѓе ќе биде можно само со одобрение од Националниот институт за јавно здравје. Забрането е да се служи храна и пијалоци на настаните, а баровите и рестораните ќе ги служат само оние гости кои се оддалечени 1,5 метри. Рекорден број на новозаболени со Ковид-19 денеска се регистирани во Словенија – 387, што е најголем број од почетокот на пандемијата.

Нов негативен рекорд забележа и Албанија. Од тестраните 971 сомнителен случај вирусot е дијагностициран кај 169 што е за седум случаи повеќе споредено со вчера кога беше забележан највисок број на заразени во едно деноноќие од почетокот на пандемијата.

„Со последно дијагностицираните вкупниот број изнесува 14.899 заразени. Во изминатите 24 часа во списокот на оздравени се впишани 100 лица или 9.215,додека починаа четири лица односно 411 до сега. И понатаму голем е бројот на лицата на кои им е неопходно болничко лекување.Така, од 5.273 активни 228 се хоспитализирани во двете ковид болници во Тирана“, соопшти Министертвото за здрвство и социјална заштита.

Средба Дендиас – Чавушоглу во Братислава

Архивска фотографија- министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас
Архивска фотографија- министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас

На маргините на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2020“ во Братислава, министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас се сретна со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, средба за која портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас вели дека „секој канал на комуникација е позитивен“, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на турската дипломатија на неговиот официјален „Твитер “ профил, за средбата со Дендиас напиша дека во следните денови ќе бидат одредени датумите за прелиминарните разговори и мерките за градење доверба. Портпаролот на грчката Влада на денешниот редовен брифинг со новинарите истакна дека довербата меѓу двете страни е основно прашање и ја повика Турција да одат напред кон почеток на прелиминарни контакти.

„Исто така, секој канал на комуникација, во конкретниот случај средба на министрите за надворешни работи на маргините на меѓународен форум, е позитивен. Но, во исто време, нема да дозволиме да поминат провокациите, како во нашите билатерални односи, така и оние се однесуваат на пример на Егејското море и Источниот Медитеран или кипарското прашање“, рече Пецас и додаде дека тие се спротивни на одлуката на Европскиот совет и се однесуваат на европско -турските односи.

НАТО со нов пакет помош за Македонија од 1, 4 милиони евра

НАТО ќе достави нов пакет со помош во битката против ковид-19 вреден 1,4 милиони евра, соопшти генералниот секретар на НАТО Јанс Столтенберг денеска по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел. Во пакетот ќе бидат вклучени 60 респиратори и друга итно потребна медицинска опрема.

„Тоа е солидарноста на НАТО на дело“, посочи Столтенберг.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто се уште не е одобрен македонскиот воен претставник во НАТО, кој е предложен пред десетина месеци, генералниот секретар на Алијансата истакна дека тие имаат одредени стандарди и протоколи кои при вклучување на новата земја членка мора да се спроведат.

„Мора да помине одреден ветинг процес и секогаш е потребно извесно време за сите практични нешта да бидат вклопени. Се држиме до временската рамка, работиме на решавање на преостанатите прашања.Ние работиме блиску со Северна Македонија за да ги решиме сите преостанати прашања. Најважното нешто е што Северна Македонија сега е земја членка на Алијансата, учествува целосно во сите одлуки на НАТО, седи на масата како полноправна членка... За неколку недели ќе имаме состанок на министрите за одбрана и тогаш министерката Радмила Шекеринска ќе присуствува на тој состанок со сите други. Практични прашања секогаш може да има, но ќе ги решаваме во од“, изјави Столтеберг.

Премиерот Заев на заедничката прес конференција на новинарското прашање за трансформацијата на македонската армија согласно НАТО стандардите по примерот на некои соседни земји кои сменија високо рангирани офицери одговори дека суштината е оти земјата помина одредени фази на сертификација за одредени категории на луѓе кои работеа со документите.

„Но, допрва следува сериозна сертификација која што треба да ја поминеме како процес кој што е процедура во членството во НАТО, секако тоа е многу важно за безбедноста прво на нашиот народ, на нашата земја, но секако е многу важно и за безбедноста на целиот регион и НАТО алијансата. Верувам дека тие процедури ќе ги поминеме сите и ќе ги спроведеме максимално професионално, затоа што соработуваме со партнерите кои што заедно со нашите служби од безбедноста работат сите детали околу подготовката, процедурите околу таканаречениот ветинг низ кој мора да поминеме сите“ изјави Заев.

Македонска делегација предводена од премиерот Заев во Брисел

Столтенберг: Најдобар одговор против лажните вести е конкретната помош од НАТО

Столтенберг во воведниот говор посочи дека оваа година НАТО и посака добредојде во алијансата на Северна Македонија и дека како членството е голем успех постигнат со посветеност на реформите.

Инаку, покрај премиерот во Брисел денеска отпатуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ова е прва средба на македонскиот владин врв со генералниот секретар на Алијансата по изборот на новата влада.

Коронавирусот урива рекорди во Европа, владите претставуваат нови мерки

Украина- луѓе со маски во метрото во Киев, 07.10.2020
Украина- луѓе со маски во метрото во Киев, 07.10.2020

Зголемениот број инфицирани со коронавирусот во Европа го запали црвеното светло на веќе исцрпениот здравствен систем, додека владите се обидуваат да воведат нови рестриктивни мерки со кои би се ограничило ширењето на вирусот, а би се избегнало целосно затворање на економиите како што беше пролетта.

Во Украина, која има околу 42 милиони жители, бројот на заболени минатиот месец се зголеми речиси двојно достигнувајќи околу 255 000, а речиси 4700 починаа. Во таа земја беше регистриран и највисокиот дневен пораст, 4753 новозаболени за 24 часа. Чешката влада, пак, ги најави мерките кои стапуваат во сила од 12 октомври, а кои предвидуваат затворање на затворените простори за спортување, работа на рестораните до 20 часот, а повисоките одделенија наставата да ја следат онлајн. Бројот на заболени во Чешка во последните 24 часа се зголеми за 5335 нови случаи, а во соседна Германија во истиот период се регистрирани 4058 новозаболени.

И во Полска има нов дневен рекорд на заболени, 4280 кој е за речиси 40 отсто повисок од вчерашниот број заболени. Тамошните власти најавија дека од 10 октомври носењето на маска надвор е задолжително.

Кривoкапиќ предложен за мандатар на Владата во Црна Гора

Архивска фотографија- Здравко Кривокапиќ носител на листата „За иднината на Црна Гора“
Архивска фотографија- Здравко Кривокапиќ носител на листата „За иднината на Црна Гора“

Носителот на една од трите победнички листи во Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, на својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека по консултациите претседателот Мило Ѓукановиќ го предложил него за мандатар за состав на новата црногорска влада.

„По консултациите, денеска бев предложен од претседателот на Црна Гора како мандатар за состав на новата Влада на Црна Гора. Предлогот ќе биде официјално испратен денеска до претседателот на Парламентот на Црна Гора”, напиша Кривокапиќ.

Кривокапиќ наведе дека новата влада ќе биде формирана најдоцна до 8 ноември. Тој беше носител на листата „За иднината на Црна Гора“ и заедно со другите опозициски коалиции освоија 41 место, додека досегашното владејачко мнозинство има 40 места во новиот состав на црногорскиот Парламент. Изборите се одржаа на 14-та септември.

МВР- приведен шестиот член на групата за криумчарење мигранти

Архивска фотографија- зградата на Министерството за внатрешни работи
Архивска фотографија- зградата на Министерството за внатрешни работи

По преземени соодветни мерки и активности полицијата го приведе Д.В. од Богданци, еден од шестмината членови на организираната криминална група за криумчарење на мигранти, која беше сузбиена на 6 октомври.

Претходно беа приведени четири лица, а едно од претходно е на издржување на мерка притвор.

„На 6 октомври од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Струмица и Регионалните центри за гранични работи „Југ“ и „Исток“, во координација со Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, беше спроведена координиранаполициска операција со цел расчистување на кривични дела кои се однесуваат на организирање на група за вршење на кривични дела криумчарење мигранти кои преку јужната граница, остваруваат нелегален влез на територија низ Република Северна Македонија, по што од членовите на криминалната група се прифаќаат и превезуваат до Кумановско-Липковскиот регион“, соопшти денеска МВР.

Петмината приведени беа изнесени пред судија на претходна постапка и за сите е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Продолжува ветингот во МВР

Оливер Спасовски
Оливер Спасовски

Во Министерството за внатрешни работи (МВР) продолжува процесот на „ветинг”, заедно со сите други проекти за јакнење на професионализмот, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Министерот информираше дека до сега е спроведен дел од ветингот што се однесуваше на Агенцијата за национална безбедност на поранешните вработени во УБК и врз основа на тој ветинг, како што рече, е утврдена листа, што е доставена до Владата, на оние лица кои треба да заминат од МВР.

„Тие податоци ги имаме и може да ги добиете како бројка, точно колку се и кои треба да преминат итн… додека вториот дел од процесот што се однесуваше за МВР, а жалам што застана за време на техничката Владата, сега го продолжуваме заедно со сите проекти што ќе значат јакнење на профеисонализмот“, изјави денеска министерот Спасовски, кој во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, прими донација од Американската амбасада за МВР во вредност од 460 илјади американски долари.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG