Достапни линкови

Вести

Дождот предизвика поплави во некои општини на Косово

Неколку градови во Косово се соочуваат со поплави како последица на обилните дождови. Најпогоден од поплавите според информациите е градот Скендерај, каде локалните власти прогласија вонредна состојба.

Директорот на Дирекцијата за јавни услуги во овој град, Албан Шала за Радио Слободна Европа изјави дека реката Клина и дел од нејзините краци се излеале што предизвикало поплави во десетина села од оваа општина. Бројни екипи и групи граѓани помагаат за евакуација на граѓаните кои се во опасност од поплави.


„Пожарникарите, итната помош и групи граѓани се во акција и интервенираат во случаи кога има потреба и од евакуација и од превенција“, вели Шала.

Поплави се забележани и во градот Вучитри каде се известува дека се поплавени неколку дворови на куќи. Информации за поплави има и од градот Пеќ. Обилните дождови предизвикаа поплави и во северниот дел на Косово.

Најголеми проблеми има во селата на Општина Звечан, каде што е тешко прооден асфалтираниот пат од Звечан до Зубин Поток. Реката Ибар се излеа во областа позната како Босанско маало во Северна Митровица.

Во Северна Митровица, кон главниот мост, реката Ибар ја достигна висината на шеталиштето, па столчињата кои служат како одмор се потопени во вода. Во одредени региони има појава и на свлечишта.

види ги сите денешни вести

Нов биланс на нападот во Пакистан, најмалку 88 загинати

од експлозијата во џамијата во Пешавар, Пакистан, 30.01.2023.

Најмалку 88 лица загинаа, а 150 се ранети во самоубиствен напад на џамија во седиштето на полицијата во Пешавар, северозападен Пакистан, според новиот биланс на властите, кои денеска изразија страхување дека под урнатините ќе има уште жртви. Експлозијата се случила вчера напладне, на место кое е на околу 50 километри од границата со Авганистан и каде безбедносната состојба е влошена во последните години. Најмалку девет тела биле пронајдени синоќа во урнатините на џамијата.

„Во текот на утрото ќе го отстраниме последниот дел од урнатиот покрив за да можеме да извлечеме уште тела“, изјави за АФП портпаролот на службите за итни случаи во Пешавар. Повеќето од жртвите се полицајци. Со почести синоќа беа погребани околу 20 полицајци. Ниту една група не презеде одговорност за нападот.

Русија започна со нови напади на истокот на Украина

Украински војници на оклопен транспортер МТ-ЛБ во регионот Доњецк, 30 јануари 2023 година

Руските трупи започнаа нов бран напади врз украинските позиции и цивилните населби, соопшти денеска украинската војска. Тешките борби продолжија со несмалено темпо на истокот на Украина, а претседателот Володимир Зеленски оцени дека ситуацијата и понатаму е „многу тешка“. Вуледар, град во регионот Доњецк, стана најновата фокусна точка на битката за контрола на источна Украина. Генералштабот на вооружените сили на Украина извести за три руски воздушни напади и четири ракетни напади, како и за повеќе од 60 напади од ракетни системи кои ги таргетирале украинските населби.

„Непријателот продолжува да спроведува офанзивни дејства во правците Лиман и Бахмут, претрпувајќи големи загуби“, се вели во утринскиот извештај на Генералштабот. Украинската војска, исто така, ги отфрли тврдењата на Денис Пушилин, администратор на делови од регионот на Доњецк под контрола на Русија, дека Русите напредувале во близина на Вуледар. „Не ги загубивме нашите позиции“, рече Евген Јерин, портпарол на украинската војска задолжен за областа. Ниту руските ниту украинските тврдења не можеа да се проверат независно. Руски функционер изјави дека Москва преселила дополнителни сили и опрема во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да обезбеди безбедност. Регионалниот гувернер Роман Старовоит на состанокот на локалната администрација изјави дека во Курск веќе е формиран персонал од вооружените сили, граничарите и агенциите за спроведување на законот. Локалните власти тврдат дека областа била изложена на украинско гранатирање откако Русија ја нападна Украина пред речиси една година.

Бајден нема да испраќа борбени авиони во Украина, Макрон е поотворен за идеи

борбени авиони Ф-16 (илустрација)

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Соединетите држави нема да испратат борбени авиони Ф-16 во Украина, иако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција не исклучува нивно испраќање доколку се исполнети одредени услови. Бајден одговори „не“ на прашањето од новинарите во Белата куќа дали е за испраќање на авионите, кои ги побараа украинските лидери, откако во минатата недела добија ветувања дека Германија, САД и другите западни сојузници ќе испрати тенкови.

Макрон на заедничка прес-конференција во Хаг со холандскиот премиер Марк Руте беше прашан дали Франција размислува да испрати борбени авиони. „Ништо не е исклучено, но прво треба да се исполнат одредени услови. Ова значи исклучување дека борбените авиони ќе се користат „за напади на руска територија“ и дека нивното обезбедување нема да ја ослабне француската армија“, рече Макрон, наведувајќи дека Украина ќе мора официјално да ги побара авионите. Макрон, денеска во Париз треба да се сретне со украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников. Руте рече дека Украина официјално не побарала борбени авиони Ф16 од американско производство од Холандија и во моментов „не се зборува за испорака на Ф-16 на Украина.

Во меѓувреме, во Берлин, украинскиот амбасадор во Германија рече дека Киев сè уште не побарал од Германија да и достави борбени авиони, но посочи колку тие би биле важни. Борбените авиони се дел од напорите на Украина да го одбрани својот воздушен простор и да се одбрани од проектилите испукани врз украинските градови и инфраструктура, изјави Олексеј Макеев. Неговите коментари уследија откако германскиот канцелар Олаф Шолц на 29 јануари повтори дека Германија нема да испраќа борбени авиони во Украина.

Продолжува конференцијата на Владата „Година на нови можности“

Годишната конференција „Година на нови можности“

Годишната конференција „Година на нови можности“ што ја организира Владата продолжува денеска со панел дискусија на тема „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“. На овој, прв панел, обраќања ќе имаат премиерот Димитар Ковачевски, како и министерот за економија Крешник Бектеши.

На вториот панел со наслов „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“ видео обраќање ќе има министерот за надворешни работи Бујар Османи, а ќе се обратат и министерката за одбрана Славјанка Петровска, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Третиот панел е посветен на фискални, монетарни и даночни политики во време на криза, а како говорник е најавен министерот за финансии Фатмир Бесими.

На четвртиот панел „Рамномерен регионален и локален развој и придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“ ќе говорат министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за локална самоуправа Ристо Пенов. Целта на годишната конференција е преку дискусија да се направи пресек на владините мерки и случувањата во 2022 година, со акцент на идните насоки и визија за новата 2023 година.

Штрајкови и протести против пензиските реформи во Франција

Протести во Франција против реформи во пензискиот систем

Француските синдикати ги повикаа граѓаните да протестираат денеска против пензиските реформи, бидејќи премиерката Елизабет Борн повтори дека нема да има разговори за зголемувањето на старосната граница за пензионирање. На првиот голем митинг на 19 јануари против непопуларната реформа, повеќе од милион луѓе се собраа низ Франција. Осум големи француски синдикати се надеваат дека ќе соберат голем број против „нефер реформите“. Синдикатите, како и опозициските партии, левицата и екстремната десница, го отфрлаат предлогот да се пензионира на 64, наместо на 62 години.

Лидерката на екстремната десница во парламентот Марин Ле Пен оцени дека, како што стојат работите во моментов, можно е пензиската реформа да не биде усвоена во парламентот. Министерот за транспорт Клемент Боун изјави дека во вторник се очекуваат прекини во железничкиот сообраќај и во јавниот превоз во Париз. Синдикатите го најавија следниот протест и штрајкови од 6 февруари. Потоа беа најавени штрајкови во пристаништата, рафинериите и електраните. Предлог-законот за пензиската реформа денеска ќе пристигне во парламентот, каде прво ќе се разгледува на комисија. Поднесени се над 7.000 амандмани, главно од левицата.

Средба Ковачевски – Таравари за можен влез на АА во Владата

Димитар Ковачевски и лидерот на Алијансата а Албанците (АА), Арбен Таравари

Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Владата, ќе има средба со лидерот на Алијансата а Албанците (АА), Арбен Таравари, на која ќе се разговара за евентуален влез на партијата во владината коалиција. Ковачевски потврди дека ќе има средба со Таравари. „Ќе разговараме за напредокот од последниот пат кога сме се виделе, но ќе разговараме, исто така, и за можна соработка и за законски и за програмски решенија кои можат да ги унапредат капацитетот на државата и Собранието и донесување на оние одлуки за остварување на нашата зацртана цел 2030 да бидеме земја членка на ЕУ“, изјави Ковачевски.

Во однос на кадровските прашања, Ковачевски рече дека за тоа во моментов не е разговарано, но оти доколку тој и Таравари најдат заеднички јазик во програмските политики и во делот на законските системски решенија, може да се разговара за тоа. Премиерот рече дека е согласен со коалициските партнери со кои неодамна имаше средба дека во моментов балансот во Владата треба да остане таков. Според него, проширувањето на мнозинството во Парламентот ќе значи зголемување на капацитетот, поефикасна работа, побрзо носење на одлуките кои ќе значат интеграција на државата во ЕУ, меѓутоа и носење на закони кои значат европски квалитет дома.

Ова ќе биде втора официјална средба на Ковачевски Таравари, а во јавноста подолго време се зборува дека АА ќе стане дел од Владата, и дека нивни кадри ќе раководат со здравство и правда. Претседателството на Алијанса за Албанците во петокот на седница во Тетово формира тим составен од лидерот Таравари и петмина негово најблиски соработници со задача да преговараат дали нивната партија ќе стане дел од Владата и ќе се прошири владиното мнозинство.

Комисиска расправа во Собранието за предлогот јавниот обвинител Јовески да биде уставен судија

Љубомир Јовески

Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да продолжи дебатата предлогот јавниот обвинител Љубомир Јовески да биде уставен судија. Според информациите од Собранието, останати за збор се уште дваесетина пратеници, главно од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Двајца од предложените Татјана Васиќ Бозаџиева и Фатмир Скендер, кои го поминаа комисискиот филтер, станаа уставни судии откако Собранието во октомври гласаше. Претседателката на Комисијата Марија Георгиевска со издвоено мислење испратено до претседателот на Собранието тогаш предложи пленумот да гласа за овие кандидати за да не дојде ситуација на уставна криза, бидејќи Судот беше без доволен број уставни судии.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на комисиските расправа со долги говори од повеќе часови го одолговлекуваше изборот на уставните судии, а според пратеници од владејачкото мнозинство, тоа веројатно ќе биде така и денеска, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ е против Јовески да биде уставен судија. На Комисијата за прашања на изборите и именувањата имаше девет предлози за уставни судии, три од владејачкото мнозинство и шест од опозицијата. Освен овие тројца, беа предложени и професорката Родна Живковска, пензионираниот професор Саво Климовски, шефот на Вишото обвинителство Штип, Тодор Витларов, охридскиот обвинител Воислав Димоски, управната судијка од Битола, Весна Јовановска и пензионираниот гостиварски судија Бранко Секулоски.

Во меѓувреме во пензија замина уште и уставната судијка Вангелина Маркудова, така што Собранието треба да започне постапка за избор на уште еден уставен судија. Минатата недела од Уставниот суд повторно упатија апел до Собранието да се изберат тројца судии, со цел Судот непречено да функционира како што е предвидено со Уставот. Уставниот суд го сочинуваат девет судии. Претседателот го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието со мандат од девет години без право на реизбор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.

Македонија на 85 место во најновиот Индекс на перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнал

Државите од Западен Балкан продолжуваат да се борат да го контролираат организираниот криминал, a институциите со недоволно ресурси немаат капацитет или независност да се справат со проблемот – делумно поради корупција.

Северна Македонија со индекс 40 се најде на 85 место во денеска објавениот Извештај за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси интернешнал (ТИ). При тоа се наведува дека недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите. Северна Македонија лани имаше индекс 39 и беше на 87 место.

Во извештајот на ТИ во 2021 година Северна Македонија беше рангирана на 111-то место со 35 бодови. Во Западен Балкан пред Македонија се Косово на 84 и Црна Гора на 65-то место. Србија со индекс 36 на 101-то место и Босна и Херцеговина со индекс 34 на 110-то место, како што се наведува, достигнале историски најниски нивоа оваа година среде нивните борби со владеењето на правото и заробени судските органи. Во Босна и Херцеговина серија корупциски скандали, оставки и многу погрешната процедура за назначување нов главен обвинител го оцрнија интегритет на водечкото обвинителство. Во Србија политичките играчи имаат значително влијание врз судството, кое наруши голем број важни случаи на организиран криминал - вклучувајќи ги и оние со наводна вмешаност од високо ниво службеници. Државите од Западен Балкан продолжуваат да се борат да го контролираат организираниот криминал, a институциите со недоволно ресурси немаат капацитет или независност да се справат со проблемот – делумно поради корупција. На прво место на листата е Данска со индекс 90, додека на последното Сомалија со индекс 12.

Индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) рангира 180 земји и територии според нивното воочено ниво на корупција во јавниот сектор, според експертите и бизнисмените. ИПК за 2022 година ја анализира врската помеѓу конфликтот, безбедноста и корупцијата – земајќи длабински поглед на тоа како насилството и корупцијата влијаат еден на друг низ целиот свет. Овогодинешниот извештај ќе продолжи да ги споредува нивоата на корупција со текот на времето, нагласувајќи кои земји се подобриле, назадувале или стагнирале.

САД: Софија и Скопје да ја деескалираат реториката

Стејт департментот

САД ги повикуваат Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови. Ова за Гласот на Америка го соопштија од Стејт департментот, одговарајќи на прашањето како ја коментираат одлуката на Бугарија да го повлече бугарскиот амбасадор од Скопје. „Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на земјата“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Бугарија во минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид. Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков тогаш најави дека нивниот амбасадор ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во Северна Македонија. Од македонското МНР, пак, потврдија дека бугарскиот амбасадор, сепак, се враќа на своите дипломатски должности во Скопје во полн капацитет.

Времето денеска: променливо облачно

Променливо облачно и студено, наместа со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Дневната температура ќе се движи од 0 до 7 степени. Во Скопје и околината слично време со дневна температура до 4 степени.

Бугарскиот амбасадор Ангелов се враќа во Скопје

Бугарскиот амбасадор во Македонија, Ангел Ангелов

Бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов се враќа на своите дипломатски должности, откако минатата среда беше повлечен во Софија, потврдиле од Министерството за надворешни работи за МИА.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков на 25 јануари изјави дека Ангелов ќе остане надвор од Северна Македонија се додека, како што рече, Софија не види знаци на промена.

Во посета на земјава денеска беше бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев кој на прес-конференцијата со неговиот македоснки колега Оливер Спасовски порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.

Одбележувањето на годишнината од раѓањето на револуционерот Делчев е нов предизвик во односите меѓу соседните земји, кои во изминатиот период повторно се затегнати.

На 19 јануари беше претепан секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Пендиков. Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година.

Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.

Чешкиот претседател во заминување ја посочи Србија за посредник меѓу Русија и Украина

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Чешкиот претседател во заминување Милош Земан изјави дека одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија може да биде предност за можната улога на земјата како посредник во војната во Украина.

Говорејќи денеска во Белград, Земан рече дека „посредникот не смее јасно да стои на едната или на другата страна“, што ја прави позицијата на Србија потенцијална предност.

Земан, кој зборуваше на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, рече дека Кина и Турција се другите земји кои можат да бидат посредници во војната.

Турција неколкупати формално понуди да посредува меѓу Русија и Украина. Нема индикации дека која било страна во конфликтот е подготвена да прифати какви било понуди за посредување.

Вучиќ рече дека и тој и Земан ја осудуваат руската инвазија на Украина, додавајќи дека Србија е единствена во Европа што не воведе санкции кон Русија.

„Тоа никогаш не го криеме“, рече Вучиќ.

Истовремено најави поголема хуманитарна помош и поддршка за Украина.

„Ќе учествуваме во изградбата на одредени градови и населени места во Украина. Веќе добивме понуда од нивниот амбасадор“, рече Вучиќ.


Наследникот на Земан, пензионираниот чешки армиски генерал Петр Павел, беше избран на 28 јануари во вториот круг на гласање. Павел победи по кампањата во која имаше силна поддршка за НАТО и Европската унија и поддршка за помошта за Украина.

Русија тврди дека остварила мал напредок, Украина чека оружје

Илустрација

Руските сили тврдат дека постигнале мали територијални придобивки во интензивните борби во источна Украина во услови на извештаи дека Москва распоредила дополнителни сили во регионот Курск на границата со Украина за да ја заштити границата и да осигура безбедност.

Киев денеска ги отфрли тврдењата на Денис Пушилин, гувернер на делови од Доњецк кои се под контрола на Русија,дека имало напредување во близина на градот Вуледар, епицентарот на тековните борби во битката за контрола на источна Украина.

„Не ги загубивме нашите позиции“, рече Јевхен Јерин, портпарол на украинската војска задолжен за областа.

Украина ги повика своите западни сојузници да ја забрзаат испораката на тешко оружје кое беше ветено во изминатите неколку недели, додека се обидува да ја задржи територијата на исток.


Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја нарече ситуацијата на теренот „многу тешка“, при што руските сили „постојано се обидуваат да ја пробијат нашата одбрана“.

Соединетите држави и Германија се согласија да испратат тенкови Абрамс и Леопард 2 во Украина, додека Велика Британија претходно во јануари соопшти дека ќе испрати 14 тенкови Челинџер 2.

Германија, исто така, им дозволи на другите земји, како Норвешка и Полска, да ги испратат своите тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина. Полска соопшти дека ќе и испорача уште 60 тенкови на Украина, покрај 14-те тенкови Леопард 2 што веќе ги вети.

Блинкен повика на смирување на тензиите меѓу Палестина и Израел

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на денешната посета на Ерусалим ги повика Израелците и Палестинците да ги намалат тензиите. Тој притоа го реафирмираше дводржавното мировно решение како „единствен пат“ напред.

Неговата посета доаѓа во време кога се разгорува насилството меѓу Израелците и Палестинците по доаѓањето на новата десничарска влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Седум лица беа застрелани во напад во петокот од страна на маж од источен Ерусалим кој и самиот беше убиен од полицијата. Еден ден претходно, Израел изврши невообичаена рација на бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег, при што загинаа 10 жители, повеќето вооружени лица.

„Одговорност на секој е да преземе чекори за смирување на тензиите наместо да ги разгорува“, им рече Блинкен на новинарите по слетувањето во Тел Авив.

Тој додаде дека нападот во Ерусалим е повеќе од напад врз поединци, туку е напад врз чинот на практикување на својата вера и најостро го осуди.

„И ги осудуваме сите оние кои ги слават овие и какви било други акти на тероризам кои одземаат невини животи, без разлика која е жртвата или во што веруваат. Повиците за одмазда против повеќе невини жртви не се одговор“, додаде Блинкен.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кој Блинкен се состана денеска, повика повеќе граѓани да носат оружје како мерка на претпазливост од вакви улични напади. Но, тој исто така ги предупреди Израелците да не прибегнуваат кон насилство. Блинкен утре треба да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Дводржавното мировно решение вклучува формирање на независна палестинска држава која ќе ги вклучува Западниот Брег, Ерусалим (Кудс) и Појасот Газа, како и палестинските територии окупирани од Израел во 1967 година.

Бројката на жртви во нападот на џамија во Пакистан се искачи на 44 лица

Спасувачките екипи на терен по експлозијата во џамијата во Пешавар.

Бројот на загинатите во бомбашкиот напад на џамија во полициски комплекс во пакистанскиот град Пешавар, според последните податоци, се искачи на најмалку 44 лица. Властите соопштија и дека се ранети повеќе од 150 луѓе.

Нападот против безбедносните сили, кој е еден од најсмртоносните во последниве години го изврши бомбаш-самоубиец, а покривот на џамијата се урна врз жртвите, кои главно беа полицајци, како резултат на експлозијата.

Во црквата се молеле повеќе од 300 луѓе кога бомбашот го активирал експлозивот. Спасувачите се уште ги отстрануваат посмртните останки за да стигнат до верниците кои се уште се закопани.


Според еден од полициските службеници, бомбашот се разнел додека бил меѓу верниците. Од локалната болница соопштија дека многу од ранетите се во критична состојба, што значи дека бројот на жртвите може да се зголеми.

Не е јасно како бомбашот успеал да влезе во комплексот, кој е заграден со ѕидови и во кој се наоѓа седиштето на полицијата, бидејќи се наоѓа во зона со висока безбедност, која вклучува и други објекти на централната власт.

Еден од командантите на пакистанските талибанци, Сарбакаф Мохманд, ја презеде одговорноста за нападот преку објава на Твитер, но главниот портпарол на вооружената група не беше достапен за коментар.

Премиерот Шахбаз Шариф го осуди бомбашкиот напад и рече дека ќе бидат преземени „строги мерки“ против оние што стојат зад него. Тој им нареди на властите да обезбедат најдобар можен медицински третман за жртвите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG