Достапни линкови

Шоле бара борба против корупцијата, но не донесе листа на санкции


Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го пречекува американскиот дипломат Дерек Шоле на платото пред Владата на Северна Македонија, 11 јануари 2023.
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски го пречекува американскиот дипломат Дерек Шоле на платото пред Владата на Северна Македонија, 11 јануари 2023.

Премиерот Димитар Ковачевски и американскиот дипломат Дерек Шоле во Скопје зборувале за борбата притив корупцијата, но не и за „црната“ листа на САД. Шоле доби македонски дрес на подарок, по што замина за Косово, а ќе ја посети и Србија.

Американската црна листа на санкции, за која се зборуваше дека може да биде проширена со актуелни македонски функционери не била тема на разговор меѓу македонскиот премиер Димитар Ковачевски и американскиот советник во Стејт департмент Дерек Шоле, кој на 11 јануари го посети Скопје, според она што официјално беше соопштено по средбата. Но тие зборувале за борбата против корупцијата, потврди премиерот.

„Американските истражители беа во државата, но нивната работа тие ја имаат пред американските органи со кои ние сме во партнерски односи и со кои имаме стратешки дијалог“, рече Ковачевски откако претходно во Владата се сретна со Шоле.

Ковачевски се пофали со унапредувањата во правосудниот систем

Премиерот Ковачевски на Шоле му ги претставил, како што изјави по средбата, големиот број на високите случаи на корупција покренати во државата и сите унапредувања во судскиот и правосудниот систем.

Но и покрај напредокот за кој зборува премиерот, истражувањата покажуваа дека довербата во правосудството не е на високо ниво. Анкетата Меѓународниот републикански институт – ИРИ, објавена на 20 декември покажува дека 76 отсто до граѓаните имаат голема недоверба или до некаде не им веруваат на судството и обвинителството и дека таа бројка со години се продлабочува. Расте и бројот на оние кои мислат дека во државата нема владеење на правото. Податоците за 2022 покажуваат дека вкупно 63 проценти се категорични или до некаде не се согласуваат дека има владеење на правото. Во 2021 тој процент изнесувал 62.

Како што објавија на веб-страната на Американската амбасада, советникот Шоле ѝ честитал на Владата за претседавањето со ОБСЕ и го истакнал значењето на овој потфат во клучен момент за европската безбедност.

„Патот напред за Северна Македонија, како оној на остатокот од Европа, бара напорна работа и жртва. Соединетите Држави се партнер во справувањето со тие предизвици. Благодарни сме на Северна Македонија за нејзината цврста поддршка како партнер и доверлив НАТО сојузник во оспорувањето на руската агресија во Украина и помошта за релокација на авганистанските бегалци“, истакнал тој.

Пред да ја посети Македонија, Шоле рече дека борбата против корупцијата е приоритет.

„Северна Македонија е една од оние земји кои се борат со корупцијата, а ние правиме сè што можеме за да помогнеме. Испративме тим неодамна во Северна Македонија да разговараме за овие прашања. Борбата против корупцијата е приоритет за државниот секретар Блинкен“, рече Шоле во интервју за Гласот на Америка на српски јазик минатата недела.

Премиерот Ковачевски вели дека со Шоле се договорите да се засили соработката околу борбата против корупцијата и владеењето на правото, за што ќе зборуваат и на друг состанок во првата половина на годинава.

Со американскиот дипломат зборувале и за уставните измени потреби земјава да го продолжи патот кон ЕУ, енергетската криза, претседавањето на Македонија со ОБСЕ.

Премиерот на својот гостин му подари и македонски фудбалски дрес со името на Шоле.

Премиерот Димитар Ковачевски му подари македонски дрес на Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департментот во Скопје
Премиерот Димитар Ковачевски му подари македонски дрес на Дерек Шоле, советник во американскиот Стејт департментот во Скопје

Кон крајот на минатата година американски тим на санкции беше во посета на земјава, но за тоа повеќе детали не излегоа во јавност. Во исто време државниот врв потврди дека не се исклучува актуелни функционери да се најдат на листата со санкции на Соединетите Американски Држави (САД). Дека тимот собирал податоци за ажурирање на листата потврди и претседателот на државата Стево Пендаровски во телевизиско интервју при крајот на 2022.

Дека ова била централна тема покажуваат и фотографиите од средбата во Владата, каде премиерот го придружуваат и министрите во чии ингеренции се борбата со корупцијата и владеење на правото, вицепремиерката за добра владеење Славица Грковска и првиот човек на полицијата Оливер Спасовски. На средбата присуствуваа и министрите за одбрана, надворешни работи и економија.

Средба во Владата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и советникот на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави Дерек Шоле.
Средба во Владата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и советникот на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави Дерек Шоле.

Акцентот на антикорупцијата го стави сегашната американска амбасадорка Анџела Агелер уште пред да го почне мандат во земјава. Американската администрација кон крајот на септември соопшти дека санкциите се важна алатка, но не и единствена за искоренување на корупцијата во земјите од Западен Балкан. Изјавата на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс на 27 септември 2022 следеше откако Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии ја стави на „црната листа“ шефицата на Обвинителството во Босна и Херцеговина, Дијана Кајмаковиќ. Таа беше последната од личности од Западен Балкан ставени на листата со санкции. Во април минатата година, САД воведоа санкции против седум лица од овој регион, за кои рекоа дека се вмешани во корупција.
Меѓу нив, двајца државјани на Албанија, двајца функционери од БиХ, еден од Црна Гора. Од Македонија на црната листа беа ставени поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.

Односите меѓу Косово и Србија се во фокусот на посетата на Шоле

Вишиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек со посетата на Скопје, ја започна балканската турнеја. На агендата му се и посета на Приштина и на Белград.

Дерек Шоле со косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина на 11 јануари 2023 година.
Дерек Шоле со косовската претседателка Вјоса Османи во Приштина на 11 јануари 2023 година.

Според интервјуата и изјавите што ги даде во пресрет на балканската турнеја, односите меѓу Косово и Србија се главниот фокус на посетата на Шоле во регионот. Со српските власти тој исто така ќе разговара и за можноста Белград да се придружи на меѓународните санкции против Русија поради агресијата врз Украина.

Шоле требаше да ја посети Македонија во декември, но таа посета беше откажана бидејќи, како што беше соопштено, американскиот дипломат бил заразен со коронавирусот.

Кој е Шоле?

Дерек Шоле е советник на Стејт департментот на САД, и има функција на потсекретар како висок советник за политика на државниот секретар Ентони Блинкен за широк спектар на прашања и врши специјални дипломатски задачи како што е наложено од секретарот. Тој со децении извршува високи функции во Стејт департментот, Белата куќа и Министерството за одбрана. Раководел со одбранбената политика на САД кон Европа, Блискиот Исток, Африка. Работел со поранешните државни секретари Џејмс Бејкер, Строуб Талбот и Ричард Холбрук. Освен тоа има и различни позиции во водечки истражувачки институции и е автор или коавтор на осум книги за надворешната политика на САД. Американскиот медиум „Политико“ кон крајот на март минатата година нарече Шоле – „Човек во увото на Блинкен“.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG