Достапни линкови

САД го зголемуваат притисокот против корупцијата во Македонија и на Балканот


Илустрација
Илустрација

Санкциите на САД нема да бидат единствена мерка против корупцијата на Балканот, велат од Стејт департментот. Овој пристап е значаен и треба да ги обесхрабри сегашните и идни злоупотреби, но и да ја врати довербата во институциите, оценуваат правни експерти за РСЕ. Според нив, најавите на САД може да имаат и политички реперкусии врз актуелната власт.

Македонското општество тоне во корупција и затоа американската „црна листа“ може да биде проширена со луѓе од правосудството, сметаат правни експерти, откако актуелната американска администрација најави дека ќе ги употребува санкциите како важно средство против корупцијата на Западен Балкан.

Обвинителката на БиХ, Дијана Кајмаковиќ е меѓу последните функционери од регионов кои се најдоа на листата на санкции на САД.

Во оваа насока, правни експерти од Македонија сметаат дека во иднина не е исклучена можноста на листата да бидат ставени и други луѓе од регионот, меѓу нив од македонското правосудство.

„Имајќи предвид дека на овие простори корупцијата е еден од главните проблеми којшто влијае воопшто на стабилноста на целата клима во земјите, не би била исклучена можноста да се најдат и други лица од регионот на овие црни листи, особено и од Македонија и од секторот на правосудството, бидејќи знаеме дека ние имаме проблеми со корупцијата и во правосудството“, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Како еден од главните проблеми во земјите од Западен Балкан, корупцијата значајно влијае врз нивната стабилноста и евро-интеграциите. Тоа е наведено во повеќе независни истражувања на меѓународни институции.

На вчерашната церемонија во Стејт департментот, како нова амбасадорка на САД во Македонија заклетва положи Ангела Прајс Агелер.

Таа на сослушувањето во Сенатската комисија за надворешни работи рече дека ќе работи „да ѝ помогне на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“.

Претходно и портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс на властите во Западен Балкан исто така им даде до знаење дека САД ќе ги употребуваат санкциите како важно средство за искоренување на корупцијата.

Тој рече дека целта на САД е да работат заедно со владите на Западен Балкан во борбата против корупцијата.

„Санкциите ќе останат важна алатка, но не и единствена важна алатка кога станува збор за регионот и нашата цел. Ние ја споделуваме таа цел со владите и жителите на овој регион, а тоа е искоренување на корупцијата“, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ на корупцијата гледа како еден од најголемите проблеми со кои се соочува земјава, а која смета дека е распространета на многу нивоа.

„Не станува збор само за високата корупција, ние имаме случаи и на многу ниска корупција, на многу ниско ниво, за некои навидум банални и обични работи“, вели Аврамовски.

Најавите на САД дека ќе цели на искоренување на корупцијата, може да имаат и политички реперкусии врз актуелната власт.

Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“ вели дека пристапот на САД кој го даваат на ова поле е значаен и влијателен. Трошановски укажува на последните истражувања кои покажуваат значителен пораст на корупцијата во Македонија и според него добредојдени се сите мерки за сузбивање, обесхрабрување или санкционирање на коруптивните практики.

Акцентот кој се става на антикорупцијата и санкционирање на луѓето вклучени во корупција, вели Трошановски, треба да се прошри, како врз членови од поранешниот естаблишмент, така и врз членови на сегашната власт и правосудството доколку се утврди дека се вклучени во такви случаи, како мерка за обесхрабрување на сегашните и идните злоупотрби.

„Има напредок во борбата против корупцијата во судството преку процесите кои се отворија, пред се за некои судии. Меѓутоа, пред се треба да се испита имотот на судиите што одамна се најавува, а не е спроведено и сите оние за кои се утврдува дека енермно се збогатиле од судска плата и функција, се разбира дека мора да бидат санкционирани за да се врати довербата на луѓето во овие институции“, вели Трошановски.

Кајмаковиќ беше последната во низата функционери од земјите од Западен Балкан кои беа санкционирани од САД, откако во април годинава САД воведоа санкции против седум лица за кои рекоа дека се вмешани во корупција.

Меѓу нив, двајца државјани на Албанија, двајца функционери од БиХ, еден од Црна Гора. Од Македонија на црната листа беа ставени поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.

Со санкциите нивните финансиски средства и имот во странство ќе бидат замрзнати, што значи дека нема да можат да ги користат или да го отуѓуваат имотот.

Во текот на изминатата година, САД санкционираа неколку функционери од БиХ, но и ги проширија санкциите со членот на тричленото Претседателство на БиХ, на Милорад Додик, за коруптивни дела.

Додека првично беше санкционирана од САД во 2017 година.

И во декември 2021 година, американското Министерство за финансии санкционираше седум Срби од Косово за вмешаност во организиран криминал и корупција.

Санкционирани Срби се: Милан Радоичиќ, Звонко и Жарко Веселиновиќ, Срѓан Вуловиќ, Желко и Андрија Бојиќ и Радуле Стевиќ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG