Достапни линкови

Актуелни функционери може да се најдат на црната листа на САД


Илустрација
Илустрација

Не е исклучено дека на „црната листа на САД“ може да се најдат актуелни функционери, велат првите луѓе на државата. Детали од власта не откриваат, освен дека за тројца функционери постои основано сомнение за злоупотреба на службена должност и одбиваат да ги соопштат нивните имиња.

Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека не е исклучено на „црната листа“ на САД да се најдат имиња и на актуелни функционери. Тој не сакаше да открие детали, затоа што како што вели, не се сретнал со истражители, па немал повеќе информации. Тоа вчера го откри претседателот Стево Пендаровски.

На овие изјави им претходеше посета на тим на американски истражители за санкции од Вашингтон. Претседателот Пендаровски рече дека неодамнешната посета на тричлениот американски тим на земјава била токму заради собирање информации за ажурирање на „црната листа“, за која очекува да биде објавена во догледно време.

„Според моите информации тоа е утврдено и таа листа веројатно во некој догледен период ќе биде ажурирана и не би исклучил дека ќе има и актуелни функционери на неа“, изјави Пендаровски во интервју за Канал 5.

На прашањето на РСЕ дали можеби станува збор за истите тројца функционери за кои зборуваше и вицепремиерката за добро владење Славица Грковска, Ковачевски кусо одговори.

„Не знам“, рече премиерот.

Ковачевски- Јас со истражители не сум се видел
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:45 0:00

Грковска претходно во интервју за новинската агенција МИА изјави дека до сега иницирала три постапки поврзани со злоупотреба на службена должност.

„За две постои основано сомнение за поднесувањето кривична пријава, додека третиот случај е поднесен пред извесно време и станува збор за голем и обемен случај, поради што не очекувам до крајот на годината да има исход од страна на истражните органи,“ изјави Грковска.

Изминативе две недели темата корупција е во фокусот на јавноста откако претставници на меѓународната заедница упатија серија критики за недостиг на акција во борбата против корупцијата, а не празни ветувања и укажаа дека корупцијата ја јаде државата и системот од внатре. Во рок од една недела евроамбасадорот Дејвид Гир на два пати без дипломатски ракавици упати директна порака.

„ Време е за акција. Зборови и изјави за добри намери не се ефикасни“ рече Гир.

Претседателот Пендаровски во неговото годишно обраќање пред пратениците побара конкретни резултати, не само апсења за јавност, туку, изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. За прв пат кажа дека правда ќе има само доколку зад решетки се најдат не само корумпирани политичари, туку и судии и обвинители кои носат скандалозни одлуки.

Со конференции и политички кавги во битка против корупцијата

Дебати и конференции, но и кавги за тоа кој е виновен за лошите резултати во битката против корупцијата меѓу првите луѓе задолжени за владеењето на правото беа дел од настаните кои следеа по критиките за нивото на борбата против корупцијата.

Овој месец во земјава имаше две поголеми и една регионална конференција за борба против корупција, како и еден состанок во Владата со институциите кои имаат надлежност за справување со корупцијата. Корупцијата беше тема и на неколку собраниски комисии. И политичките подмладоци оддржаа конференција „Младите во борба против корупцијата“.

И додека политичарите на конференции зборуваат за справување со корупцијата, за која како што вели вицепремиерката за владеење на правото Славица Грковска, не ни требаат реформи на хартија, туку одговорни институции, инцијативите на Антикорупциска комисија од обвинителските фиоки не стигнуваат до суд.

За 4 години од функционирањето на овој состав на ДКСК, ниеден нивен предмет за корупција, непотизам или конфликт на интереси, не е процесиран, а поднесени се 27 иницијативи за кривична одговорност и 31 иницијатива за одговорност против функционери и раководители од јавниот сектор, потсети неодамна Шемси Салаи, член на ДКСК.

„Нашите иницијативи не се стигнати до суд. До обвинителство и таму имаат завршено. За сите нив, нема епилог“, изјави Салаи.

За министерот за правда Никола Тупанчевски борбата против корупцијата зависи и од интегритетот на сите чинители во општеството.

Јовески и Грковска во медиумски судир

Додека меѓународната заедница апелира за акција, македонските функционери се караат кој е виновен за состојбата. Вицепремиерката Грковска смета дека Шефот на Обвинителството Љубомир Јовески не ги постигнал целите како Републички јавен обвинител, и не гледа причина зошто понатаму би имал можност да продолжи со кариерата како уставен судија.

Во Собрание неговиот избор за уставен судија е блокиран од опозициските пратеници.

На ваквиот став на Грковска жестоко одговори Јовески кој ѝ порача дека функцијата што ја има е непотребна. Според него за ефикасна борба може да се искористат парите кои ги троши Кабинетот на Грковска за дебати и конференции со занемарлив ефект.

По ланскиот најлош резултат и 111 место на листата за перцепција на корупцијата, годинава Македонија напредуваше за 24 места. Според извештајот на Транспаренси интернешнал, годинава, Македонија е рангирана на 87-место од 180 држави во светот со 39 индексни поени. Најдобар резултат во изминатата деценија Македонија имаше во 2014 година, кога со 45 индексни поени беше рангирана на 64 место во светот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG