Достапни линкови

Македонските историчари „засилени“ со асистенти во Комисијата со Бугарија


Седница на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија
Седница на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија

Со совети, мислења и подготовка на материјали, тројца историчари и двајца администратори ќе им помагаат на македонските членови на заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија. Од МНР очекуваат нивниот ангажман да влијае на поефективно работење на Комисијата

Членовите на македонскиот тим на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија ќе добијат свои асистенти. Министерот за надворешни работи Бујар Османи информираше дека е формиран Секретаријат на Комисијата составен од помошници, кои ќе им помагаат на членовите со свои мислења и познавања на одредена тема, а ќе ги обезбедуваат и потребните материјали. Иако договорите со нив ги склучува МНР, Османи уверува дека министерството нема да се меша во изборот на асистентите и дека нив ќе ги предлага исклучиво Комисијата.

„Тоа ќе бидат нивни асистенти кои ќе и ги подготвуваат материјалите, ќе им помагаат, ќе им подготвуваат во административниот дел во менаџирањето на нивната работа, значи тоа ќе биде цел секретаријат во функција на поефикасно подготвување и функционирање на историската комисија, а нивниот степен на подготвеност ќе биде исклучително важен за динамиката на нивната работа“, изјави Османи на редовниот брифинг со новинарите.

Од македонскиот тим на Комисијата велат дека асистентите не мора да бидат исклучиво историчари, но дека е неопходно да бидат стручни во областите за кои се разговара.

Претседателот на комисијата Драги Ѓоргиев вели дека функцијата на асистентите треба да биде советодавна, односно да можат со нив да разменуваат мислења и да добиваат совети за конкретната област која на некоја од седниците се дебатира.

Ѓоргиев вели дека и досега членовите на Комисијата имале консултации со многу ниви колеги историчари, но очекува овој секретаријат да ја забрза динамиката на работењето на Комисијата.

Засега комисијата побарала тројца асистенти, но од МНР велат дека се подготвени да одобрат и повеќе луѓе доколку Kомисијата процени дека и се потребни.

„Тоа се луѓе во функција на членовите на комисијата засега побарале тројца историчари, двајца административни работници, а ако има потреба за повеќе ние разбираме, бидејќи во овој процес квалитетот е многу поважен отколку бројот на луѓе кои ќе им бидат потребни“, вели Османи.

Министерот меѓу другото соопшти дека е формирана и интер-ресорска работна група (со која ќе раководи министерот) и четири тематски подгрупи на експертско ниво кои ќе го следат процесот на имплементацијата на обврските кои произлегуваат од Протоколот кој беше потпишан со Бугарија.

Групата е формирана со одлука на Влада, на ниво на министри, а подгрупите ги сочинуваат претставници од министерствата, на ниво на луѓе од администрацијата кои ги покриваат тие теми.

Билатералниот протокол со Бугарија беше потпишан на 17 јули во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство. Иако македонските власти тврдат дека тој не е дел од Преговарачката рамка за Македонија, Генчовска тогаш изјави дека Протоколот има конкретни рокови и тој е дел Рамката за преговори на Северна Македонија со ЕУ.

Многу дискусии малку резултати

Инаку вчера заврши уште една средба на заедничката комисија. Иако теми на разговори беа учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, од комисијата соопштија дека разговарале само за средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура.

Георгиев ги отфрла информациите во некои медиуми дека било разговарано и за Гоце Делчев, повторувајќи дека таа тема не била отворена и дека најверојатно за неа ќе биде разговарано на следната закажана средба на крајот од октомври.

На новинарско прашање дали вчера историчарите на средбата во Скопје разговарале за Гоце Делчев, Османи вели дека за ова е информиран колку и новинарите.

„И јас не сум повеќе информиран за работата на Комисијата, отколку вие, бидејќи Комисијата си е автономна во својата работа и во нивните разговори, во содржината на темите. Тоа што знам е дека воопшто не стигнале да работат за Гоце Делчев, а утринава има соопштение од опозициска партија дека се договориле за Гоце Делчев. Разбирам политичка дебата, меѓутоа класични лажни вести за да се манипулираат граѓаните е опасен преседан што го воведуваме во дневно-политичкиот дискурс“, оцени Османи.

Ги охрабри членовите на Комисијата да бидат што поотворени со јавноста, оценувајќи дека со Секретаријатот ќе имаат можност повеќе да работат и да бидат во комуникација со медиумите.

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев по објавата на препораките, тогаш на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, а кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн.

Неодамна македонскиот тим на Комисијата реагираше и на обвинувањата во јавноста за наводна бугаризација на Македонија и Македонците. Според членовите на Комисијата, најголемата лага е дека текстовите со кои се препорачува заедничко чествување ќе бидат применети во образовниот систем, иако како што велат, при секоја можност досега било наведувано дека заедничко чествување е една, а препораките за учебниците сосема друга тема на дискусија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG