Достапни линкови

Историската комисија во „главна улога“


Историската комисија меѓу Скопје и Софија е под суптилен притисок со временски рамки за носење одлуки за да не се блокираат пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Поранешните дипломати очекуваат мачни и тешки преговори со постојани бугарски блокади.

„Историскиот чин“ како што го опишаа владејачките СДСМ и ДУИ потпишувањето на билатералниот Протокол и одобрувањето на францускиот предлог за почеток на пристапни преговори со ЕУ, го стави товарот за спроведување на овие два процеса токму врз историјата и решавањето на спорните историски прашања меѓу Скопје и Софија.

Временските рамки во Протоколот за спроведување на задачите на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија во билатералниот Протокол прават суптилен притисок врз комисијата и нејзината работа, велат дел од историчарите.

Професорот по историја, биточанецот Васко Гичевски, кој бил и првенец на Институтот по историја, вели дека основниот проблем со Протоколот е што ја прави историјата пречка на македонскиот европски пат.

„Протоколот иако има свои економски делови и пропратни приказни, главната целина е базирана врз историските прашања. Комисијата добива едно интересно значење на некакво семоќно тело кое наводно според научни принципи ќе треба да одлучува, иако за одлуките во комисијата знаеме дека имаше обиди за притисоци, ќе треба да биде гарант за европската иднина на Македонија, а научното работење не може да го врзете вие во определени рамки и конкретни датуми, затоа што историјата не е наука во која денеска ќе прашате нешто, а утре ќе го имате одговорот“, вели Гичевски.

Тој додава дека Протоколот ја става државата во ситуација каде може да заглави во едно историско лимбо и да донесе низа суштински проблеми кои се граничат со цензура.

Поранешните дипломати очекуваат мачни, тешки и долги преговори

Долгогодишниот дипломат Драган Јањатов смета дека потпишаните протоколи и билатерални спогодби ќе ги направат преговорите со Европската Унија исклучително тешки и мачни, а се очекува и многу опструкции од бугарска страна.

„Нема дилема дека историските прашања ќе бидат еден од главните адути на бугарската страна. Тие само за тоа можат да се фатат, така што, да не си им во кожа на тие во историската комисија од македонскиот дел“ вели тој.

Временски рамки за „охрабрување“ и рокови за историската комисија како суптилен пристисок

Според Протоколот, Скопје и Софија се обврзани сите досегашни договорени резултати, во рок од две години по потпишувањето на Протоколот, да се вметнат во учебниците како и да се изменат натписи на споменици и музејски материјали.

Македонската влада се обврзува до почетокот на учебната година( 2023-2024 година) да ја промени содржината на учебникот по географија за 7 одделение, заради, како што се вели во потпишаниот Протокол, неосновани етнички односно територијални претензии.

„Двете држави, не покасно од учебната 2024-2025 г., да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на Комисијата, во согласност со чл. 8 ал. 2 од Договорот“, се вели во Протоколот.

Гичевски вели дека роковите се само дел од проблемот со кој македонските учебници ќе треба да претрпат промени во согласност со договореното во заедичката комисија. Таквите промени во учебниците нема да бидат во корист ниту на учениците, ниту на државата, ниту на наставниот процес, затоа што ако до вчера децата учеле едно, веќе од утре ќе учат друго за истата тема. А по некое време другата генерација која ќе дојде ќе го учи истиот предмет со сосема други податоци, создавајќи сериозна замка вели тој.

Како пример за тоа како би изгледало го наведува учебникот за историја и општество за четврто одделение каде што е направен еден вид на баланс.

„На 11 октомври македонскиот народ се кренал на востание, но во него не пишува ниту против кого, ниту зошто се кренал на востание. Веројатно тоа е замислата како би требало да изгледа еден историски податок кој никако не може да биде целосен. За да може да задоволите еден историски наратив треба да одговорите на методолошките прашања, кога, зошто и како е нешто направено. Така заглавуваме во една непријатна ситуација, да зависиме од политичката волја на она што Бугарија го смета за прифатливо“ вели Гичевски.

Според него македонските учебници по историја како и сите други учебници имаат одредена фалинка, но како што тврди, во нив нема анимозитет кон соседните земји и балканската историја, и во ниту еден момент не се сретнала навредлива основа за соседите.

За дел од историчарите, Протоколот е едностран договор затоа што обврските за измени на учебници, натписи на споменици и во начинот на изразување во научната терминологија се однесуваат повеќе на македонската страна во делот на бришење на терминот – бугарска окупација кој во Софија се смета за навредлив, иако како што велат тие, самата се согласила на тој термин во Париските мировни договори по крајот на Втората светска војна.

Јањјатов на ова додава дека со Протоколот, Бугарија има значителна предност.

„Тоа треба на некој начин да се неутрализира. Нам ни се удри од глава што работите ги водеа индивидуалци и поединци, а не институции. Кога дојде до институции веќе беше доцна. Сега е потребен ум во глава, оваа некаква шанса да се искористи умешно“ додава тој.

Македонски поделби за историски спорови со Бугарија

Рокови сепак има, но дали се остварливи?

Дополнително во Протоколот се охрабрува Комисијата да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година по потпишувањето на Протоколот.

Комисијата на ова прашање „заглави“ повеќе од една година и до сега не можеа да изнајдат заедничко решение.

Од Комисијата се бара во рок од една година да изготви и предложи препораки за Скопје и Софија за заедничко одбележување и чествување на заеднички личности и настани.

Според Протоколот Скопје и Софија прифаќаат во наредните две години да ги чествуваат сите заеднички историски настани и личности кои се веќе договорени од експертската комисија, но и оние кои не се, ако за тоа се договорат дополнително политичарите.

За овој проблем копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу двете земји Драги Ѓоргиев во февруари годинава за РСЕ изјави дека ако политичарите сами нашле начин да чествуваат одредени настани тие треба да бидат тргнати од дневен ред на комисијата. Изјавата тој ја даде во пресрет на заедничкото чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

„Мое лично мислење е дека заедничкото политичко чествување на Гоце Делчев од страна на двете влади ја става комисијата во поглед на заедничките чествувања во една апсурдна ситуација. Ако политичарите се договараат заеднички да чествуваат одредени личности или настани од историјата на Македонија и на Бугарија околу кои има некои точки на спојување тогаш која е целта на самата комисија? Што треба таа комисија да направи во однос на Гоце Делчев, ако веќе самите политичари се договориле да го слават Гоце Делчев заедно? “ изјави тогаш Ѓорѓиев за РСЕ .

Македонските власти денеска ги прават последните подготвки пред утрешната политичка меѓувладина конференција во Брисел на која ќе се отвори процесот за отпочнување на преговори. ЕУ по овој состанок ќе започне со скрининг врз македонските институции, додека целосното почнување на преговорите ќе зависи од измените на македонскиот Устав, за кој македонската влада се обврза да го направи со вметнување на Бугарите во него.

До ова дојде по прифаќањето на францускиот предлог во саботата во Собранието и брзата иста постапка од Владата како и по вчерашното потпишување на билатерален Протокол со Бугарија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG