Достапни линкови

Препораки за промена во учебници во Софија и Скопје и заедничко чествување на историски личности


Учебник по историја
Учебник по историја

Заедничко чествување на пет историски личности и по пет препораки за измени во историските учебници за 5 клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија, досега постигнала заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Историските личности се од среден век, а учебниците се однeсуваат на периодот на антиката. Сега на потег се Владите.

Договорено е заеднички да се чествуваат Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и Цар Самоил. За нив е постигнат заеднички текст што треба да важи и за македонската и за бугарската страна. Тие препораки им се испратени на владите и тие треба чествувањето на овие личности да го прават заедно.

Историски личности

Овие личности треба да се чествуваат и повеќестрано, односно да бидат вклучени и други држави од регионот и да се нагласи значењето на Кирил и Методиј и на Климент и Наум за ширењето на христијанската култура и за писменоста. За цар Самоил во препораките пишува дека „е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија.

Прес конференција на Драги Ѓоргиев

Учебници

Препораките за учебниците, по пет за секоја страна се однесуваат на недоследности, фактографски грешки, историска географија во нив. Двете страни се согласиле дека има проблеми во учебниците кои се однесуваат на античката историја. И во двете земји во учебниците има претстава за континуитет на нацијата од антиката до сега. Потоа сопствениот народ се претставува како најстар народ, а и во двете земји се игнорира останатата античка култура на Балканот, односно културата на соседите.

Препораки за бугарските учебници се да се вклучи поширокиот регионален контекст, особено на териториите на запад од древна Тракија. Наместо само бугарски земји, како што е сега во бугарските учебници да се користат термини како „денешни бугарски земји“, или „територијата на современа Бугарија“. Се предлага повнимателно да се датира појавата на тракиската култура во антиката, потоа при претставување на некои антички заедници потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (на пример Дарданците) и историските карти треба да се користат согласно со историскиот контекст и поставените методски цели.

За македонските учебници, пак, се предлага да има поголема застапеност на проблематика поврзана со античка Тракија и Тракијците. Во учебниците имало сугестиите за континуитет меѓу античка Македонија и современата македонска држава, а има и сугестиите за институционален континуитет меѓу мисијата на апостол Павле и средновековните црковни структури што постоеле на територијата на денешна Република Северна Македонија, што според Комисијата се неосновани. Потоа се предлага историските карти на античката македонска држава да бидат попрецизни и петто при претставување на некои антички заедници потребно е да се земат предвид водечките тези во историографијата за нивните етнокултурни карактеристики (како на пример, Пајонците, Дарданците, Мигдонците).

Ѓоргиев вели дека сакаат преку учебниците да ги намалат поделбите и омразата што се создава кај младите што учат од тие книги.

Македонско - бугарска комисија за историја
Македонско - бугарска комисија за историја

Препораките за учебниците и за историските личности се постигнати во 2019, но сега Министерството за надворешни работи ги објави, за да го испочитува рокот од Протоколот кој предвидува до 17 август да бидат објавени постигнувањата на заедничката Комисија.

Комисијата е формирана во 2018, обврска што произлезе од Договорот за добрососедство со Бугарија. Досега Комисијата одржала 19 средби плус четири средби за технички прашања, што во просек е по една средба на два месеци, рече копретседателот на Комисијата од македонска страна, Драги Ѓоргиев на брифинг со новинари.

Протоколот ги изнесе постигнувањата на Комисијата на виделина

Според Протоколот, Скопје и Софија се обврзани сите досегашни договорени резултати, во рок од две години по потпишувањето на Протоколот, да се вметнат во учебниците како и да се изменат натписи на споменици и музејски материјали.

Протоколот меѓу Скопје и Софија беше потпишан на 17 јули во Бугарија, а двете страни имаат еден месец рок во кој треба да објават што е усвоено од досегашната работа на Заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања. Во Протоколот има временски рамки за спроведување на задачите на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања со кои се прави суптилен притисок врз комисијата и нејзината работа.

Ѓоргиев дели дека во Протоколот, што го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји, има само охрабрување, а дека резултатите ќе зависат од Комисијата.

„Рокови во однос на постигнување резултати на Комисијата имаше и порано, и тоа е начин на кој размислуваат политичарите. Тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа таму не стои во Протоколот императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши за одреден период“, вели Ѓоргиев.

Тој вели дека Комисијата не мора по секоја цена да донесе решенија за недоразбирањата коишто постојат меѓу бугарската и македонската историографија.

„Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражувања, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и личности онака како што тие мислат, Комисијата на никој начин нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историски книги, врз истражувањата итн. Значи, Комисијата ќе се фокусира на учебниците по историја со цел да придонесе да се надминат одредени недоразбирања во учебниците за да се релаксираат односите меѓу двата народа и двете држави“, рече Ѓорѓиев.

Во меѓувреме, Комисијата работи и на учебниците по историја и за другите одделенија, како и за чествување на Гоце Делчев.

Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје
Споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје

Деновиве бугарската фондација „Македонија“ на својот профил на Фејсбук објави дека го исчистила споменикот на Гоце Делчев во Скопје и на него ставиле бугарско знаме. Изминатиот период актуелни се темите за бугарскиот културен центар Иван (Ванчо) Михајлов и за здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид. На брифингот со новинарите Ѓоргиев, запрашан дали ваквите теми се рефлектираат на работата на Комисијата, рече дека не зборуваат за инциденти и провокации и тоа не се одразува на нивната работа.

Од JП „Комунална хигиена“ реагираа дека се невистинити објавите дека некој друг го чистел споременикот на Гоце Делчев, туку тоа го направиле вработени во Комунално.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG