Достапни линкови

Нов изборен модел за поодговорни пратеници


илустрација
илустрација

Отсуствата на пратениците на седници што е причина за неодржување на седниците и закочување на голем број закони во Собранието е неодговорно и може да се надмине преку редуцирање на патните трошоци и промена на изборниот модел, сугерираат аналитичари и поранешни пратеници

Иако Собранието долго време не работеше поради различните политички кризи, па голем број закони се уште чекаат да бидат донесени, сликата во македонскиот парламент останува непроменета. Немањето кворум за работа поради отсуствата на дел од народните избраници се честа причина за нервоза кај собранискиот спикер Талат Џафери кој пак постојано ги повикува пратениците да се однесуваат одговорно и како што вели, да си ја заработат својата плата. Поради неможноста да се обезбеди кворум, минатиот петок Џафери беше принуден да ја прекине закажаната седница и притоа најави дека ќе предложи седница за распуштање на Собранието.

Од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ велат пратениците не смеат да си дозволат отсуства и напротив треба максимално да се вложат за да не трпи законодавниот процес.

„Второ, патните трошоци конечно мора да се редуцираат и регулираат поригорозно бидејќи се главната основа на злоупотреба од страна на пратениците и нивното присуство во Собранието и третиот аспект е конечно промена на изборниот модел во делот на отворени листи каде што пратениците коишто не би доаѓале на седници како што е сега случајот, односно оние кои не ја ценат улогата дадена од граѓаните, нема да можат да бидат издвоени од следните избори, тоа единствено може да се оствари преку отворените листи, каде што, не партиите, туку граѓаните ќе оценуваат кој реално заслужува да биде во парламентот и кој е достоинствен за таа функција,“ вели Марко Трошановски, од Институтот за демократија.

Мерсел Биљали е поранешен пратеник во парламентарниот состав од 1994 до 2002 година. Тој се сеќава дека и тогаш имало ситуации на бојкот и блокади на собраниските комисии и пленарни седници, но дека тоа што денеска се прави е во најмала рака неодговорно однесување на пратениците.

„Тука лесно може да се прочита хипокризија во однесувањето. Прво покажувате голема грижа за националните интереси, а потоа пак токму во однос на тие интереси, не покажувате никаква грижа. Отсуството да учествувате и да сте активни во однос на секојдневните проблеми на граѓаните, покажува дека нешто друго ви е позначајно од тие проблеми. Мора да се сложиме дека нивното однесување не е соодветно на реалните проблеми на граѓаните, туку имаат некоја нивна лична и колективна агенда која е само обвиткана во амбалажа на национален интерес. Кога реално и совесно би ги претставувале интересите на граѓаните, тие би биле постојано присутни во Собранието или би поднеле оставка ако не можат да бидат таму“, вели Биљали.

Тој додава дека слободата и имунитетот кој ги штити народните избраници не треба да се злоупотребува, па како и Трошановски смета дека ефект за неодговорното однесување на некои пратеници може да има само промената на изборниот модел, односно воведувањето отворени листи кои би ни донеле пратеници одговорни пред граѓаните, а не пред партиите.

Кои се правата и обврските на пратениците?

Во Деловникот за работата на Собранието јасно се пропишани правата и должностите на пратениците. Во него се наведува дека, пратеникот кој е спречен да присуствува на седницата на Собранието, е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата.

Во член 31 од Деловникот пишува:

„На пратеникот кој отсуствува најмалку три пати едноподруго од седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот на Собранието, му се одбива 5% од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на изборите и именувањата“.

За присуство на пратениците на седниците се води евидентен лист што е отворен во текот на одржување на седницата, а на крајот од работниот ден се предава на претседателот на Собранието. Право на патни и дневни трошоци имаат само пратениците кои се запишале во евидентниот лист.

Но, токму тука се прават злоупотребите, пратениците доаѓаат, се запишуваат како присутни за да добијат надоместок за тоа, а потоа не присуствуваат на седниците.

Откако во петокот немаше услови за одржување на 79 седница, Џафери одржа средба и со претседатели на партите од парламентарното мнозинство, по што од Кабинетот на претседателот на Собранието испратија соопштение во кое се вели дека „по ваквото однесување се покажува дека за одредени пратеници, приоритет е нешто друго, а не практикување на мандатот кој што им е доверен од граѓаните“. Претседателот исто така нагласил дека доколку има какви било разлики во одредени ставови внатре во коалицијата, истите треба да се решат на друго ниво, не во пленарната сала.

Поради тесното парламентарно мнозинство и соодносот на политичките сили внатре, очекувани се проблемите со кворум, но токму тоа директно се одразува на ефикасноста во работата на законодавниот дом, сметаат политичките аналитичари.

„Се разбира дека од 63, 64 пратеника од мнозинството неколку понекогаш имаат оправдана причина да не дојдат на седница, а опозицијата пак тоа може да го користи за да го блокира собранието, што сепак сметам дека е во најмала рака неодговорно“ вели Трошановски.

Инаку полупразните собраниски сали не се нешто ново за македонскиот парламент. Покрај несогласувањата меѓу владејачкото мнозинство и пратениците од опозицијата поради што тешко се доаѓа до кворум за работа, имаше примери на кои на надзорните расправи и седници во Собранието не се појавуваа и актуелни претставници на државните институции, чии години извештаи беа на дневен ред, па така многу седници беа прекинувани.

Дали работата на Собранието ќе се подобри со дијалогот „Жан Моне“ останува да се види. Овој формат на средби меѓу претставници на Европскиот парламент и македонските политички лидери има за цел да го помогне политичкиот дијалог далеку од очите на јавноста. Дијалогот е замислен како подобрување на дијалогот власт- опозиција и политичко култивирање на нивните односи.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG