Достапни линкови

Парламентарен состав за трауматично носење закони


Гласање за уставни измени во македонскиот парламент. 19.10.2018
Гласање за уставни измени во македонскиот парламент. 19.10.2018

Донесување на закони во последен момент, по скратена постапка, во тензична атмосфера, со меѓусебни политички обвинувања и партиски тактизирања. Ова е сликата по која ќе остане запаметен актуелниот пратенички состав, кој за два дена ќе биде распуштен.

Актуелниот пратенички состав кој помина повеќе од три години во македонското собрание веројатно ќе биде запаметен по тоа што донесувањето на важни закони се одвиваше во тензична атмосфера, под притисок и голема неизвесност до самото гласање. Последен пример е Законот за јавно обвинителство, проследен со низа партиски преговарања и договарања околу неговата содржина, со закани, уценувања, одложувања.

Упатените велат дека ваквиот парламентарен состав во кој де факто сегашната влада е составена од партија која нема, односно немаше, најголем број пратеници во собранието и кратењето на мандатот, како и притисокот кон системски реформи кои се собраа многу во овој период, предизвикало да биде релативно трауматично носењето на повеќе закони.

„Таква му е кармата на овој парламентарен состав, бидејќи се фрагментирани и бидејќи доаѓаат во ситуација во која гласачкото тело и кај Македонците и кај Албанците е дијаметрално поделено, на поддршка за власта и поддршка за опозиција. И тие два фактора заедно носат тензичен мандат“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

И како што партиските обвинувања се замрсуваа и игрите беа се по неизвесни околу законот за јавно обвинителство, некои од партиите решија дека тоа е моментот да побараат уште нешто повеќе. Таков е примерот со владејачката ДУИ која носењето за законот за го услови со измени на Изборниот законик, односно со прекројување на изборната единица 6.

Аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека сенка на овој парламентарен состав фрла тоа што владејачката СДСМ дозволува секој политички субјект да си ги оствари своите партиски интереси.

„Повторно се случува насилство во Собранието каде што со притисоци со закани и уцени се прави обид да се обезбеди мнозинство. Од друга страна повторно дел од етничките албански партии сакаат да си вметнат нивни нереални етнички барања во 5 до 12. Прво Беса сакаше да протне нешто со личните карти, па сега ДУИ сака прекројување на изборната едница 6, буквално во една минута до 12. Едноставно се наметнува впечатокот дека било што да побара некој од СДСМ лесно може да го добие“, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Тензии и кога се гласаа уставните измени

Но, ова не е првпат овој состав на пратеници да носи закони чие усвојување се случувало во „наелектризирана атмосфера“. Пример за ова беше и гласањето за уставните измени со кои се промени името на државата во Република Северна Македонија за целосна употреба, како дел од претходно потпишаниот Договор од Преспа. Нивното донесување беше проследено со голема неизвесност околу тоа дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство. На крај со гласовите на независната пратеничка група, уставните измени беа донесени.

„Договорот од Преспа секако ќе беше трауматичен, бидејќи е голема варијабла во македонскиот политички дискурс, но останатите закони мислам дека се соочуваат со повеќе проблеми, а тоа е недостаток од поддршка од сите партии, лошо менаџирање на инклузивниот процес претходно, недостаток на доволно време за дебата и анализа, но во моментот мислам дека законот за ЈО е под притисок на Меѓународната заедница бидејќи изгледа дека е директно поврзан со веројатноста за добивање датум за преговори“, анализира Арсовски.

За Божиновски пак, спорен е начинот на кој се донесуваат законите. Содржината на законите вели тој, паѓа во сенка на тоа, како тој закон воопшто бил донесен.

„Ова не доликува на демократија. Какви се овие тргувања, барања, притисоци, постојано слушаме за некакви тргувања, непристојни понуди со пратеници. Ова се повторува повторно и повторно и ова не личи на парламент“, вели Божиновски.

Носење на закони по скратена постапка

Но и овој пратенички состав ја продолжи праксата на претходниот, во однос на донесување закони по скратена постапка. Под превезот на „европско знаменце“ беа донесени неколку такви закони. Такви на пример беа Законот за Академија за судии и обвинители и Законот за јазици, за кој и Венецијанската комисија испрати мислење дека на институциите им се наметнуваат нереални правни обврски. Обид да се протурка со европско знаменце имаше дури и за Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, но под притисок на јавноста тој беше повлечен.

Овој собраниски состав освен Договорот со Грција за промена на името, го изгласа и Договорот за добрососедство со Бугарија, но ќе остане запаметен и по блокирањето на важни закони.Покрај законот за јавно обвинителство, тука се и законот за одбрана, а во собраниска процедура се и измените на Изборниот законик. Предлозите за измена на Изборниот законик предвидуваат една изборна единици за парламентарните избори, наместо сегашните шест и отворени листи за советници и еднаков број на мажи и жени на листите за локалните избори. Но за овие измени има поднесено илјадници амандмани и нема консензус меѓу партиите.

Минатата недела, Собранието работеше под полна пареа. Само во еден ден беа закажани 11 седници на собраниски комисии, а десетици закони чекаат на гласање.

Собраниската публикација „Мојот пратеник“ покажува дека во втората половина од минатата година 14 пратеници не изустиле ни збор во Парламентот, но си ја земале собраниската плата. Според последниот број од публикацијата, кој се однесува на втората половина од 2019, само дваесетина од 120-те пратеници биле активни на седниците, постапувале прашања, поднесувале амандмани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG