Достапни линкови

Собранието - место за ниски навреди или за добри закони­­­?


Архивска фотографија- собраниска седница за избор на владата, 30.08.2020
Архивска фотографија- собраниска седница за избор на владата, 30.08.2020

Собраниската дебата, за избор на претседател на Собранието и за избор на Владата, изминатиот викенд, според Марко Трошановски од Институтот за демократија, покажа натамошна деградација на политичкиот дијалог. Истражувањата покажуваат дека и досега нивото на дебатата во парламентот беше ниско.

„Џафери ги искара пратениците поради вокабуларот“, „Џафери: читајте си го деловникот да знаете што е реплика, далеку ќе стигнеме вака енглески“, „Јанушев тропаше на говориница, Џафери го опомена“. Вакви беа насловите во медиумите викендов, додека во собраниската сала пратениците на два метра дистанца и со маски на лицата дебатираа за изборот на новата влада предводена од Зоран Заев.

Но, освен што седницата беше и тест за тоа како може да се одвиваат големи настани во затворен простор во време на епидемијата со коронавирусот , таа е и индикатор за тоа какво собрание ќе има државава по овие парламентарни избори.

Во овој собраниски состав, кој дојде по изборите што се одржаа на 15 јули има многу нови пратеници. Околу 30 пратеници од 120-те имаат претходно искуство на парламентарната говорница, додека другите за првпат седнуваат на пратеничките столчиња.

Свежината на оваа пратеничка постава, сепак, според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ не донесе многу промени во реториката и односот на пратениците. Според него, и овој собраниски состав ќе биде доста партизиран, но разликата во него е што сега многу поорганизираната е опозиција на Албанците. Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои се опозиција, заедно имаат 12 пратенички места, додека другите партии на Албанците, ДУИ кои имаат 15 пратеници, ДПА еден и Беса која на изборите настапи заедно со СДСМ, се дел од владината коалиција.

„Ако се препознава денот по утрото, ќе имаме доста конфликтно собрание, но сакам да се надевам дека тоа е поради формирањето на новата влада и дека разговорите и дебатите ќе бидат поконструктивни кога ќе се зборува за законски решенија. Ние и овие денови не видовме дебати за подобрување на програмата на новата влада, туку повеќе за омаловажување на челниците на владата“, вели Муслиу.

Парламентот - арена за навреди или за место за носење на добри закони за граѓаните?

И досегашниот состав на македонското собрание не беше препознаен од истражувачите како некој во кој се употребува аргументирана дебата. Според истражувањето на Институтот за демократија спроведено со партнерски организации, а објавено во мај годинава, споредено со парламентот на Словенија и Европскиот парламент, македонскиот парламент заостанувал во нивото на аргументирана дебата.

Во истражувањето Институтот за демократија наведува дека врз основа на набљудувањето на дебатите на парламентарниот состав од 2017 до 2019 година може да се заклучи дека говорите на пратениците биле генерално слабо или воопшто не биле аргументирани.

„Имено, тоа е случај во околу 75 отсто од нивните излагања во набљудуваниот период. Подетално, може да се забележи дека излагањата во кои не се изнесуваа никаков аргумент, просечно се движи околу 30 отсто додека излагањата во кои пратениците понудиле образложение на своите позиции кое не е доволно да се смета за еден целосен аргумент се движи околу 45 отсто. Пратениците изнеле еден или повеќе аргументи, во 26 отсто од своите обраќања во Парламентот“, се наведува во истражувањето.

Споредено со Европскиот парламент 32 отсто пониско, а споредено со парламентот на Словенија дури 51 отсто пониско. Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски за Радио Слободна Европа вели дека и новиот парламентарен состав на овие неколку седници покажал понатамошна деградација на политичкиот дијалог на ниво на собраниска дебата што може да се смета дека го најавува и генерално политичкиот дијалог на позицијата и опозицијата.

„Ако преовладува лична дискфалификација, емотивна жестина, партиски препирки и генерално дискусии лишени од конструктивна критика, алтернативни решенија на владините политики и партнерска соработка во креирање на подобри јавни политики, секако дека ќе имаме празен мандат на парламентот“, вели Трошановски.

Што си порачаа пратениците?

Овој парламентарен состав досега заседаваше шест дена од кои со најжестоки конфронтации поминаа седниците за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и дводневната седница за избор на новата влада. И на двете седници, кога се гласаше, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ излегуваше од собраниската сала.

Опозициската партија главно владината коалиција на СДСМ, ДУИ и ДПА ја нарекуваше коалиција на лагата, премиерот Зоран Заев го нарекуваа „топ-шоп мандатар“, односно дека ветувал се и сешто, а тој им возврати дека се „Дормео опозиција“ алудирајќи дека на овие познати душеци ги преспале битните одлуки за државата во минатиот период. Во тонот со кој се обраќаа меѓусебно преовладуваше нетрпеливоста, па опозицијата ја напаѓаше власта за лажење, корупција и неспособност, а власта и за сегашните состојби во редовите на ВМРО-ДПМНЕ но и за владеењето на претходниот премиер од таа партија Никола Груевски, кој сега е азилант во Унгарија.

Инаку, овој е десетти парламентарен состав во независна Македонија. Во него има 120 пратеници, 46 од коалицијата „Можеме“ на СДСМ, 44 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 15 од ДУИ, 12 од Алијансата за Албанците и Алтернатива, двајца од Левица и еден од ДПА. Oд нив 43 се жени и 77 мажи. Изборите се одржаа на 15 јули, а беа распишани по инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ откако земјава лани есента не доби датум за преговори со Европската унија и покрај промената на името.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG