Достапни линкови

Македонското собрание пред онлајн испит


илустрација

Додека во земјава се уште се води дебата за тоа дали онлајн работата на македонското собрание е според устав, во некои европски земји пленарните онлајн седници се реалност. Поранешниот спикер Стојан Андов вели дека собранието мора да работи, па дури и онлајн во услови на криза

Опцијата и народните пратеници болни од ковид 19 да можат да работат од далечина се чини дека тешко ќе биде реализирана во македонското Собрание, во кое по гласните противења, опозицијата ги блокираше измените на собранискиот деловник со над 3000 амандмани. Токму со измените на Деловникот треба да се овозможи онлајн вклучување на седниците на пратениците заразени од ковид.
Власта тврди дека овој предлог на собранискиот спикер Талат Џафери е за да се овозможи функционална работа на собранието. Опозицијата пак вели дека ова решение е неуставно и е обид на владејачкото мнозинство да си обезбеди кворум.

Поранешниот собраниски спикер Стојан Андов вели дека во услови на пандемија, кога има пратеници кои не можат да присуствуваат на седниците поради болест, ваквата алтернатива за онлајн седници е најлогично решение.

„Не треба да се чека промена на Деловникот. Ова со короната е надвор од сите деловници. Треба да се изреагира побрзо, да се свика седница и да се заврши работата. Собранието мора да работи. Во спротивно Собранието може да биде пречка со недонесување на одлуки, на закони, да овозможи ширење на вирусот“, вели Андов.

Обвинувањата на пратениците од опозицијата дека овие промени се во спротивност на Уставот, според Андов се неоправдани.

„Тие измислици дека тоа не е според Устав, можам да кажам дека јас сум еден од оние кои ја воделе Уставната комисија, па ние не сме знаеле што не чека, дека ќе има пандемија. Какви се тие изговори, тие не вредат ништо. Треба сите да седнат и да работат, комисии, министерства, Влада, Собрание сите да работат според новите услови кои ни ги наметнува корона кризата“, вели Андов.

Но некои од политичките аналитичари сметаат дека собраниските седници треба да се одвиваат во сала со говорница и можност за јасна дебата на различните мислења.

„Онлајн седниците мислам дека имаат повеќе негативни отколку позитивни страни. Физичкото присуство и целата дебата која треба да се слушне во Собранието е сржта на демократијата, и во него треба да се слушнат различните мислења на народните претставници во врска со прашањата кои им е важни на граѓаните. Мислам дека со ваков вид седници ќе се изгуби и квалитетот на работата на Собранието, пратениците треба да имаат работни услови за поквалитетно извршување на задачите. Работејќи од дома нема да се подобри имиџот на Собранието и нема да доликува на еден законодавен дом“, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Сепак тој се согласува дека во услови на пандемија мора да се најде решение за тековната состојба, па во изборот меѓу неработење и недонесување закон и онлајн седици со низа технички предизвици, подобро е да се одбере втората опција.

„Ние имаме технички проблеми во Собранието и кога се физички присутни пратениците, се повторуваат гласања, па се негираат, па има кворум, па нема кворум, такви технички пропусти може подоцна да бидат проблем за спроведување на закон и извор на политички кризи“, вели Незири.

Инаку, онлајн седниците не се непознати за други земји. Па така во регионот, Словенија веќе ја одржа својата прва онлајн седница, на која како што пишуваат медиумите на пратениците им биле достапни сите алатки за работа, право на збор и учество во дебата преку кревање рака, можност за онлајн гласање, или дури и по потреба со телефонски повик. Поради пандемијата со ковид 19, голем број земји беа принудени да ги ограничат седниците на минимум, а на седниците на кои се бара физичко присуство на пратениците се внимава целосно да се почитуваат протоколите за работа во услови на пандемија. Во повеќето европски земји собраниските службеници работат од дома, а во голем дел од законодавните домови функционираат седниците преку видео конференции, но не и онлајн гласањето. Така на пример во Финскиот парламент се работи од далечина, но онлајн гласањето не е дозволено. Двата дома во Британскиот парламент функционираат хибридно. Дел од седниците се одржуваат со физичко присуство, дел од далечина, а онлајн гласање таму се одржа уште пролетва.

Уште во мај годинава, Бразил беше меѓу првите земји кои донесоа резолуција за работа на парламентот со видео конференции и употреба на сите дигитални алатки кои ги нуди информациско-технолошкиот систем. Парламентите во Франција, Германија, Австрија, Италија, Холандија се уште инсистираат на физичко присуство на пратениците, но се закажуваат само приоритетните прашања, се внимава на одржување на социјална дистанца, дезинфекција на просториите и носење на заштитни маски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG