Достапни линкови

Купишта закони во Собранието и пред оваа нова година


Седница на македонското собрание
Седница на македонското собрание

Три дена пред Нова година пратениците на агендата имаат стотици закони и измени на закони, дел од нив по скратена постапка, која често е критикувана и во извештаите на ЕУ. Марко Трошановски од ИДСЦ вели дека ова е стара пракса- пред крајот на годината собранието да се затрупа со работа.

Седници на пет собраниски комисии и четири пленарни седници- со вакво темпо Собранието ја почна последната недела од оваа 2020 година. Понеделнички, пратениците расправаат на комисиите за одбрана и безбедност, надворешна политика, локална самоуправа, законодавно правната комисија и комисијата за транспорт, врски и екологија.

Пленарни седници се закажани четири- 19, 20, 26 и 29-та седница. Рекордер по бројот на точки е 29-та седница со вкупно 41 точка на неа од кои 13 се закони или измени по скратена постапка. Некои од нив се поврзани со актуелни случувања, како на пример барањето заем од Светска банка за основното образование, за кое веќе се најавени реформите, но некои е нејасно зошто се ставени сега по скратена постапка.

Какви се измени и закони се предложени?

На друга седница, 26-тата исто така понеделничка на пример, пратениците по скратена постапка треба да расправаат за Предлог - закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти со кој, како што е наведено, треба да се продолжи рокот за доставување на барање со потребната документација, поради тоа што „голем дел од барателите не ја доставија потребната документација во законски утврдените рокови, дел од објектите и понатаму останаа без правен статус“.

Потоа на истата седница, исто така по скратена постапка, е и Предлог на закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Во овие измени се предвидува усогласување на обврските на радиодифузерите и операторите во делот на авторските права за емитување или реемитување на програмски сервиси од странски радиодифузери. Сега со измените, се допрецизираат обврските на операторот кој реемитува странски програми.

На истата седница е и предлог законот за контрола на опојни дроги, во редовна постапка, со кој се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели. Овој закон ВМРО-ДПМНЕ претходно бараше да биде тргнат од дневен ред и тврди тој се носи заради лукративните цели на семејството на премиерот кое има лиценци за производство на канабис.

На седницата број 20, пак, е ставен и предлогот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба за кој минатата недела се одржа 20 часовна седница, а опозицијата имаше силни критики тврдејќи дека предложеното законско решение е едно од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.

На седницата со најмногу точки се и измените на Законот за лична карта кои го поднесоа пратениците од Беса, дел од владејачкото мнозинство и во нив бараат во личните карти да ја пишува и националноста. Предлогот е поднесен на 21 декември и сега е на седница по скратена постапка.

На 29-тата седница, пак, по скратена постапка и со европско знаменце е ставен и предлог закон за Агенција за разузнавање. Интересно е и што истиот закон е ставен и на 26-тата седница, но не по скратена постапка и без европско знаменце, па е повлечен и потоа се појавува на 29-тата седница, но со овие две специфики.

Законот, како што се наведува се носи поради потребата од модернизирање на постоечкиот закон кој е донесен пред 25 години, за да се направи јасна дистинкција меѓу надлежностите на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање бидејќи во моментов имало преклопувања. За него јавната расправа почна пред десет месеци, во февруари, а неа присуствуваа и експерти, но и тогаш опозицијата имаше забелешка зошто се носи во скратена постапка.

Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ за Радио Слободна Европа, на прашањето зошто е обемна понеделничката агенда и зошто има толку закони по скратена постапка вели дека според тоа како закажуваат претседателите на комисиите така и се одвивала работата.

„Во врска со дневниот ред на пленарната седница има три нови по скратена постапка, а сите останати точки се законите од минатиот состав кои се пратени до пратениците пред три месеци, во најголем дел усогласување со законот за прекршоци и за нив постапката ќе продолжи во јануари", вели Митрески.

Што предвидува скратената постапка?

Скратена постапка за донесување на закон може да се предложи ако не е во прашање сложен и обемен закон, ако има престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или ако не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.

Ова е наведено во Деловникот на Собранието, кој предвидува и во случај на носење на закон по скратена постапка претседателот на Собранието веднаш да го задолжи матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат, второто и третото читање да се одржат на иста седница, а амандмани да можат да се поднесат на седницата до почетокот на третото читање.

Се скратува и времето на зборување и на носење на самиот закон па членот 171-д од Деловникот предвидува расправата во матичното работно тело и во неколку други комисии да може да трае најмногу два работни дена.

Пракса критикувана од ЕУ

Марко Трошановски од Инстититутот за демократија, невладина огранизација која со години ја набљудува работата на Собранието, вели дека ова е стара практика- пред Нова година, да се носат купишта закони, голем дел од нив по скратена постапка.

„За носењето на закони по скратена постапка пред Нова година има две причини- првата инертноста на министерствата што ги предлагаат, на самата Влада и на Собранието и втората што во периодот на предновогодишното расположение вниманието на јавноста е намалено се носат и некои, можеби контроверзни и не толку популарни закони “, вели Трошановски.

Носењето на закони по скратена постапка редовно е критикувано во извештаите на Европската унија за напредокот на земјава, па така во извештајот за лани комисијата забележа дека бројот на закони донесени по скратена постапка значително е зголемен во споредба со 2018 година и поради таквата постапка законите немаа соодветен процес на јавна консултација и не беа редовно поткрепени со проценки на влијанието.

Инаку и лани, на 27 декември имаше четири собраниски комисии и две пленарни, во 2018 година на 28 декември дури шест комиски расправи и пет пленарни седници. Слична беше состојбата и кога владејачко мнозинство беше ВМРО-ДПМНЕ. На пример на 29 декември 2015 година се одржаа пет комисиски расправи и две пленарни седници на кои дел од законите или измените исто така беа по скратена постапка.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG