Достапни линкови

Македонија тапка во место во прифаќањето на ЛГБТИ луѓето


Прва парада на гордоста во Скопје
Прва парада на гордоста во Скопје

Земјава останува меѓу последните во регионот според почитувањето на човековите права на ЛГБТИ заедницата, покажа последниот извештај на ЛГБТИ организацијата ИЛГА Европа. Животот на овие луѓе е полн со страв, стигми и предрасуди, додека промените тапкаат во место.

Македонија се најде на 31-во од 49 места на годишниот извештај за состојбата со човековите права на ЛГБТИ луѓето, што организацијата „ИЛГА Европа“ го објавува цела деценија. По одредено подобрување на на состојбите изминатите години, последните години земјава стагнира, додека регионот оди напред. Така, освен Бугарија која успеавме да ја оставиме зад нас на оваа листа (на 40-тото место), пред нас е целиот регион. Така соседна Албанија се најде на 28 место, Косово е уште три места погоре од неа, Србија пет, додека Грција е на 17 место.

Земјава, во шест категории, има остварено 27% од вкупно 100%, во однос на постигнатите права за ЛГБТИ заедницата.

Тапкањето во место го вклучува алармот кај Кочо Андоновски, долгогодишен активист и прв маж во земјава кој пред скоро две децении јавно призна дека дека е геј. Сега е дел од ЛГБТИ Центарот за поддршка и не гледа искреност во намерите за подобрување на животот на оваа маргинализирана група. Во ист кош ги става и власта и опозицијата. Вели дека редовно слуша оти „дури ни нивното членство не е подготвено за ова“, па се запрашува дали е ова патот по кој се движиме кон еднаквост на сите граѓани во земјава.

„Како да се наоѓаме во некое лимбо во кое ние чекаме дали ќе отвориме преговори со ЕУ или не, па дали ќе ги правиме овие промени или не, што укажува на тоа дека ние имаме многу лоши мотиви за промените кои ги правиме во општеството. Дека не ги правиме за на граѓаните внатре да им го олесниме животот туку ги правиме заради нечиј мониторинг, известување или можност за некаков напредок во некои евроинтегративни процеси. И ова се многу проблематички точки кои се нотираат“, револтиран е Андоновски.

Како сериозни проблеми ги споменува отсуството на казни за зачестениот говор на омраза на социјалните мрежи, но и немањето интерес за имплементацијата на веќе донесената регулативата за злосторствата од омраза каде како основ беше призната сексуалната ориентација. Исто така потсетува дека иако има пресуда од Стразбур и рок до крајот на 2022 година, земјава се уште не прави ништо во однос на законите за правно признавање на родот кај трансродовите луге.

Токму овие точки се споменуваат и во Извештајот на ИЛГА Европа, во делот на препораките за Македонија. Дел од нив се истакнати и во последниот извештај за Македонија неодамна усвоен од Европскиот парламент кој изрази загриженост поради растот на дезинформации и дискриминаторски говор против припадниците на ЛГБТИ заедницата и бранителите на човековите права во медиумскиот и политичкиот дискурс. Оттаму го осудија вознемирувањето, говорот на омраза, злосторствата од омраза и смртните закани со кои се соочуваат овие луѓе и повикаа на спроведување истраги како и санкционирање на таквите инциденти.

Само пред неколку дена беше претепан ЛГБТИ активист во Тетово. Непосредно по локалните избори беше вандализирана и канцеларијата на организацијата ЛГБГТИ Јунајтед во овој град. Активистите повеќепати последниве години излегуваа и на протести пред Обвинителството чекајќи правда за нападите врз нивната заедницата. Сторителите не се пронајдени.

Живот во страв

Дејан Сламков е студент кој последниве години живее во Скопје. Сака да учи, да се дружи и да го живее животот исто како и своите врсници. Ама кога во јавност ќе покаже емоции, дури и тоа да е обично држење за рака, вели дека редовно е мета на вербални напади и закани. Само поради тоа што има партнер, а не партнерка.

„На моменти се случувало да има или префрлување од луѓе, закани, викање, што не е пријатна ситуација секако и јас во тие моменти не знам како е вистинскиот начин да изреагирам, бидејќи знам дека што и да кажам, на тие луѓе нема да им го сменам мислењето. Само може да се влоши состојбата ако возвратам. Ама ако не возврататам се чувствувам дека сум поразен на некој начин, како да им дозволувам тие да го контролираат мојот живот, моето движење, тоа што сакам да го правам“, искрен е Сламков.

Вистински посакува да се срушат стереотипите и „да не биде кул да ја мразиш ЛГБТИ заедницата“. За себе дури вели и дека е во привилегирана положба, бидејќи има многу пријатели кои го прифаќаат таков каков што е, а и неговите родители знаат дека е геј. Свесен е дека тоа не е случај со многу други лица во земјава кои имаат поразлична сексуална ориентација.

Оние најмаргинализираните, честопати завршуваат на улица, па бараат помош во Сигурната куќа за ЛГБТИ лица во Скопје. Откако беше отворена кон крајот на 2017 година, досега има примено педесетина лица. Најголем дел биле избркани од дома, откако признале дека се геј или лезбијки.

„Најдоминантната причина поради која ги сместуваме е претрпеното семејно и родово базирано насилство. Во превод најесто е односот со родителите, кои по дознавањето на нивната сексуална ориентација или кога децата ке се аутираат, едноставно не ги прифаќаат и им велат да си заминат од дома“, открива Ивана Костовска, социјална работничка и менаџерка на куќата која во неа работи од самиот почеток.

Затоа и воопшто не е изненадена што и на извештаите за човекови права Македонија е меѓу последните во регионот. Вели дека пандемијата несразмерно ги погоди ЛГБТИ луѓето. Со оглед на тоа што работи со најранливите од оваа група, за неа справувањето со дискриминацијата, но и проблемите со ресоцијализација на оние што отфрлени од сите доаѓаат во куќата, и се буквално секојдневие.

„Сметам дека треба да почнеме повеќе да вложуваме во едукација, од најмали возрасти треба да се работи на едукација, во смисла на недискриминација, на прифаќање на некои вредности кои мислам дека ги имаме некаде заборавено“, револтирана е Костовска.

Промените бавно доаѓаат

Од пред 17 години, кога Андоновски првпат јавно призна дека е геј, многу работи во земјава се променети. Тој промените ги гледа главно низ призма на активизмот. Вели дека тогаш бил сам, сега има многу кои гласно говорат за правата на ЛГБТИ луѓето. Ја споменува и интерпарламентарната група за правата на ЛГБТИ во Собранието, многу иницијативи кои се случија во меѓувреме, но и неколку успешни паради на гордоста.

„Промени има секако и тоа укажува дека и покрај тешкотиите и покрај тоа што многу тешко оди, не смее да се престане да се работи. Веќе многу луѓе чувствуваат припадност кон заедницата, чувствуваат дека не се сами и се подготвени да се борат за себе и за себереализација, едноставно за среќа во животот. Ние сакаме да се реализираме себе си и да доживееме малку среќа во овој живот. Втор немаме“, вели Андоновски.

Веќе има датум и за третата парада на гордоста, 25 јуни во Скопје. Ќе се одржува под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“. На неа присутен ќе биде и Сламков за да слави, но и да протестира. Загрижен е што нештата стагнираат, и исплашен дека можеби нема да дочека вистински промени во земјава кон заедницата на која и припаѓа. Затоа бара само малку почит и разбирање.

„Би рекол луѓето да си ја гледаат својата работа. Да не се замараат со луѓе кои немаат никаква врска со нив. Едноставно, јас дали сум геј или не нема никакво влијание врз секојдневниот живот на рандом човек на улица. Дали сум јас геј или не, мене тоа мене како личност не ме прави нешто поразличен во мојот карактер. Сите сме луѓе, и постои само една поделба добри и лоши, друга нема, ни религија, ни сексуална определба, нити пак националност“, завршува Сламков.

На врвот на листата како земја која најмногу ги почитува човековите права на ЛГБТИ лицата во Европа се најде Малта. На дното пак е Азербејџан, во друштво на државите како Турција, Ерменија и Русија.

Инаку ЛГБТИ е скратеница која во себе ги содржи различните определби - лезбејки, геј, бисексуалци, транс и интерсексуалци. Понекогаш на неа се додава и буквата К, која ги вклучува „квир“ лицата. Како симбол на оваа заедница се користи знамето на виножитото чии бои ја рефлектираат различноста на ЛГБТ заедницата и спектарот на човечката сексуалност и пол.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG