Достапни линкови

Македонија и ЕУ - долг пат без извесен крај, но што во меѓувреме?


Софија- Македонското, бугарското и знамето на Европската унија на заедничка владина седница на Македонија и Бугарија, 25.1.2022
Софија- Македонското, бугарското и знамето на Европската унија на заедничка владина седница на Македонија и Бугарија, 25.1.2022

Седумнаесет години кандидат за зачленување, а 13 години и со препорака за почеток на преговорите Македонија се уште чека напредок во евроинтеграциите, кои овојпат се блокирани од Бугарија. Во меѓувреме имаше разни владини проекти за одржување на темпото на реформи.

Македонскиот пат кон Европската унија воопшто не е мазен. Земјава која е кандидат за зачленување во унијата од 2005 година, во 2009 првпат доби препорака за почекот на преговорите. Тогаш, со датумот стигнаа и низа услови кои на Владата на тогашниот премиер Никола Груевски и беа доставени како патоказ, а услов за да почнат беше и да се најде решение за проблемот за името со Грција која претходната, 2008 година, веќе го испорача своето право на вето во НАТО поради нерешениот проблем меѓу двете земји. Земјава потоа добиваше препораки без датум и во 2010, 2011, 2012,2013, 2014, 2015 и 2016 година.

По избувнувањето на политичката криза во 2015 година односно објавувањето на таканаречените опозициски бомби и постигнувањето на Договорот од Пржино за надминување на кризата, препораката стана условена и со спроведувањето на тој договор и со одржување на слободни и фер избори во декември 2016 година.

Сите македонски датуми за ЕУ

Поранешниот премиер Зоран Заев во 2017 година застана на чело на владата и тогаш рече дека очекува датум во јуни 2018 година. Пречката, проблемот со името со Грција беше тргната таа 2018 година со договорот од Преспа но земјава пак не доби датум. Истото следуваше 2019, а од 2020 година Бугарија ја блокира македонската европска иднина поради нерешени билатерални прашања, првично повзрани со историјата.


Накратко до 2022 година ваков е македонскиот пат кон ЕУ во кој речиси секогаш по некое од разочарувањата поради неуспехот се ветуваа реформи дома кои ќе ја направат земјава според европските стандарди уште додека чека да почне преговори. Последното ветување е пред речиси една година, во март лани, кога по повторна блокада од Бугарија поранешниот премиер Заев и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров ја објавија агендата Европа дома.

Во последниот извештај на Европската комисија објавен лани во октомври, по објавувањето на Агендата Европа дома се споменува и тој владин документ. Во него се наведува дека земјава има напредок во сите сфери но дека треба да продолжи со реформите во борбата против корупција како и реформите во јавната администрација.

И додека со децении стигнуваат извештаи со оцени за напредокот на земјава, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека паѓа поддршката и довербата во унијата, а сликите од терен дека се повеќе млади спасот го бараат во странство.

Во едно истражување објавено минатиот месец од политичката советодавна група Балканот во Европа (БИЕПАГ) од Грац, а спроведено лани во јули и август економскиот развој е главен приоритет на 60 отсто од испитаниците, а следен од само 22 отсто е членството во ЕУ.

Ние ако влеземе во ЕУ тие нема да ни ги решат проблемите, прво ние треба тука да поработиме, се согласува и студентот Стефан Даневски. Васко Наумовски, актуелен професор на Правниот факултет Јустинијан Први и поранешен вицепремир за евроинтеграции пак вели дека не може да се забележи некој позитивен исчекор во изминативе години, а во одредени области има и стагнација. Информира Ивана Стојкова.

Пораснаа чекајки

Многу генерации на Македонци израснаа чекајќи го датумот кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија, со надеж дека ќе живеат во земја со европски вредности. Но, за дел од младите влезот во ЕУ нема да ги реши проблемите како што се корупцијата, партиските вработувања, нефункционалното правосудство и образованието.

Бугарија, Македонија - во и надвор од ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:17 0:00

Стефан Даневски е студент по безбедност. Тој вели дека ваквите состојби се нешто што му пречи нему и на неговите врсници, но не очекува дека добивањето датум или влегување во ЕУ ќе го промени тоа.

„Најпрво мислам дека ние тука кај нас треба да ги решиме сопствените проблеми, да се поработи малку на менталитетот кај луѓето, ние ако влеземе тие нема да ни ги решат проблемите, прво ние треба тука да поработиме. Влезот во ЕУ е плус, но според мене ќе бидат потребни години за да се случи тоа, затоа што тие гледаат што се случува кај нас, корупција, судство, партиски вработувања, така што има доста време за да се работи на нашиот систем“.

Што направивме чекајќи го датумот? Условите кои што ги наметнува самиот процес на евроинтеграција подразбираат поттикнување на државите да спроведуваат реформи во одредени области, но според професорот Васко Наумовски, поранешен дипломат, за жал не може да се забележи некој позитивен исчекор во изминативе години, а во одредени области има и стагнација.

“Имено, областите како борба против корупцијата, владеењето на правото, реформи областите на администрацијата, заштитата на животната средина итн. се области кои што би требало да бидат приоритет на секоја влада и на тој начин создаваме едно поконкуретно македонско општество, кое што полесно би се вклопило во ЕУ“, вели Наумовски.


Последниот извештај на Европската комисија нотира дека судскиот систем е умерено подготвен за ЕУ членство, иста оценка доби и борбата против корупцијата, а мал напредок е констатиран и во државната администрација. Токму ваквите состојби за кои што европската комисија со години наназад алармира, се дел од причините што младите не гледаат перспектива во земјава.

„Секој сака тука каде што се неговите блиски да најде работа, да формира иднина, меѓутоа исто така има голем број што си заминуваат, најчесто заминуваат од финансиски причини иако мислам дека поголем број на мои врсници не се задоволни од целокупната ситуација: политика, самиот систем како функционира, пример за една пријава некаде ако одиш во министерство те моткаат и нема правда едноставно се гледа по судските случаи“, вели Даневски.

Реформите не треба да зависат од преговорите, вели професорот Наумовски. Сите оние области кои што треба да се подобруваат би требало да бидат приоритет за секоја влада, па дури и државата да не беше земја кандидтка за ЕУ.

„Сите реформи кои што ние би ги спроведувале во процесот на преговори не се наменети да донесат никакви придобвики за граѓани на други држави. Придобивките што ние ќе ги имаме од процесот на преговорите се наменети пред се за нашите граѓани и оттаму реформите би требало да бидат спроведени дури и ние воопшто да не бевме кандидати за членство во ЕУ“, вели Наумовски.

Наумовски додава дека јасно е кои се слабите точки на кои треба да се работи и истите редовно се нотираат во извештаите на европските институции, а она на што државата треба да се фокусира е - исполнување на тие критериуми за членство, со цел откако ќе започнат преговорите да може да се скрати времетраењето на истите што е можно повеќе.

Бугарија 15 години членка- многу пропуштени шанси

Бугарија, пак, 15 години е членка на Европската унија. Како тамошните аналитичари го оценуваат овој изминат период во земјата и дали може да се очекува напредок во разговорите меѓу Скопје и Софија која е главниот противник за напредокот на македонскиот европски пат со разни условувања- од историското минато до правата на бугарското малцинство во Македонија повеќе од прилогот на Гоце Атанасов.

Деновиве се одбележаа 15 години откако Бугарија стана членка на Европската унија, историски потег за кој многумина се надеваа дека значително ќе го подобри квалитетот на животот во поранешната комунистичка земја, ќе го поттикне економскиот раст и ќе стави крај на ендемската корупција. Поранешниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси, кој одигра клучна улога во преговорите за членство на земјата во ЕУ, вели дека последните 15 години понудија единствени развојни стимулации. За жал, многу шанси беа потрошени, а Бугарија заостанува од своите врсници во ЕУ.


„Многу луѓе веруваат дека членството во Европската унија е како магичен стап, дека носи магија, носи чуда и дека се ќе мора да престане веднаш по членството во Европската унија. Напротив, ние мора да го искористиме ова членство како алатка, а не како цел“.
Според Паси и натаму главен проблем е заминувањето на младите од Бугарија.

„Членството во Европската Унија не донесе решение за еден од најголемите предизвици за Бугарија – ова е демографската криза, напротив, голем број доброобразувани и слободоумни бугарски студенти заминаа на Запад да се образуваат во други европски универзитети и градови“.

Коментирајќи го одбивањето на Бугарија да ѝ дозволи на Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската унија, Паси вели дека Бугарија секогаш го поддржувала членството на целиот Балкан и во НАТО и во Европската Унија. Според него, спорот со Северна Македонија
„ќе биде надминат многу брзо“ со новата влада.

„Во овој момент имаме спор со Северна Македонија, кој многу верувам дека ќе се надмине многу брзо, бидејќи имаме свежа влада без тешко наследство и мислам дека тие се многу флексибилни да ги носат вистинските одлуки без никакво одлагање“.


Паси, кој три децении беше на чело на првата проатлантска невладина организација во Источна Европа, ги минимизира некои контроверзни изјави на бугарските официјални претставници кои повремено предизвикуваат загриженост во НАТО за позицијата на Бугарија кон Русија.

„Бугарија останува до денес лојална членка на оваа (НАТО) алијанса. Иако понекогаш некои од лидерите зборуваат погрешни работи - на крајот на денот земјата ги прави вистинските работи“.

Анкетата на Евробарометар во 2021 година покажува дека Романците и Бугарите ѝ веруваат на Европската унија двојно повеќе отколку на нивните влади. Во последниве години и двете земји беа потресени од антивладини протести поради загриженоста за назадување на демократијата, што на моменти наиде на силни критики од Брисел.

Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој официјално ги презеде уздите на новата центристичка коалициска влада во декември лани, во обраќањето по повод 15-годишнината рече дека сака Бугарија да игра клучна улога во блокот.

„Нека 2022 година биде нов почеток. Нов почеток за Европската Унија и нејзиниот развој и нов почеток за Бугарија како поактивна, поконструктивна членка на оваа унија. Само заедно можеме да бидеме горди што сме Европејци и уште погорди што сме Бугари“, рече Петков.

Нови обиди за датум

И македонската јавност сега е свртена кон бугарскиот премиер Петков, кој заедно со новиот македонски премиер Димитар Ковачевски се обидуваат да најдат решение за проблемот меѓу двете земји поради кој источниот сосед не дозволува напредок за земјава во унијата. Претходниците на нивните позиции Зоран Заев и Бојко Борисов, кој и го потпишаа Договорот за пријателство во 2017 година досега не успеаа да пронајдат решение, а проблемот главно изгледаше нерешлив поради разликите во толкувањето на историјата.

Меѓувладина седница на Бугарија и Македонија - Софија 25 јануари 2022
Меѓувладина седница на Бугарија и Македонија - Софија 25 јануари 2022

Навидум новиот пристап сега, во кој се зборува за иднината и економските прашања, а кој резултираше со потпишани три меморандуми за соработка меѓу двете земји- за земјоделство, за мали и средни претпријатија и за железничката линија Скопје-Софија, сепак не е неоптоварен и со старите прашања. Пред посетата на Петков во македонскиот главен град на состанокот на бугарскиот Совет за безбедност беше потврдено дека владата нема да отстапи од декларацијата на бугарското собрание од 2019 година. Во таа декларација се наведени тезите кои македонската страна досега ги сметаше за навлегување во идентитетските прашања, а поврзани со историјата, создавањето на македонската нација врз бугарски корени и јазикот.

Според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, со ваквите поставувања на работите тешко и до крајот на оваа година да се дојде до решение со кое Бугарија би ги деблокирарала македонските европски интеграции.

„Бугарите веќе измислија толку работи што не им е проблем нешто да отстапат. Еве по нивниот совет за безбедност Радев не ги спомна Бугарите во Уставот во оваа фаза и ете нивната остапка може да биде да не ги внесеме Бугарите во Уставот или пак барем да не ги внесеме во оваа фаза, ама сето тоа се измислени проблеми за да има што да се решава“, вели Кржаловски.

Влегувањето на Бугарите во Уставот пак беше споменато по средбата на Ковачевски и Петков во Софија. Македонскиот премиер го повтори ставот дека може да побараат да бидат дел, но дека тоа е процес во кој што има повеќе чекори во кои се вклучени повеќе институции. Другите прашања поврзани со историјата која досега беше главна пречка за наоѓање решение поради инсистирањето на Софија дека македонскиот народ не постоел до 1944 година останува да ги решава заедничката мултидисплинарна комисија за историски и образовни прашања.

Таа е формирана во 2018 година. Историчарите досега постигнаа договор за заедничко чествување на пет личности- Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, а првично запнаа за револуционерот Гоце Делчев. Сега Петков вели дека кај историоската комисија заедно со Ковачевски забележале друго ниво на ентузијазам и за определување на нов режим за работа.

Но, без разлика на ентузијамот сега двете страни имаат црвени линии од кои велат не отсапуваат. Бугарските се дефинирани во собраниската декларација донесена во 2019 година, а македонските исто така во собраниска резолуција донесена лани а во која се наведува дека треба да се почитува просторниот и временскиот континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти, да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право. За Малинка Ристеска Јорданова македонско-бугарските односи се како одење по жица токму поради црвените линии на двете земји кои се сосема различни.

На прашањето дали негирањето дека македонско малцинство има во Бугарија, политика на која инсистира Софија и покрај 14 пресуди од Стразбур во корист на малцинството, всушност е на линија и на бугарската теза дека Македонците се вештачки создаден народ од поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито и затоа ги има само на територијата на денешна Македонија, Ристевска-Јорданова нагласува дека Бугарија никогаш не се повлекла од таа теза.

„Таа е и во нивната рамковна позиција, во меморандумот, во изјавата од декември..значи досега тие не се повлекле од таа теза и таа е многу опасна и безбедносно и за стабилноста на регионот и за нас. Затоа ние треба да бидеме многу поцврсти во однос на овие прашања“ , вели Ристевска Јорданова.

Членка на ЕУ, но не скоро?

Инаку по декларацијата на бугарското собрание донесена во време на владеењето на Борисов претседателот Румен Радев почна да инсистира и на правата на македонските Бугари, а новиот премиер Петков го најави формирање и на други работни групи кои веќе се формирани а поврзани со теми како економијата, културата итн,транспорт и врски, образование итн. Првично во интервју за Фајнешл Тајмс Петков рече дека ќе предложат нов процес за Северна Македонија, многу брз и со ограничен период од шест месеци, но пред доаѓањето во земјава нагласи дека рокот кој го поставил бил рамка во која работните групи требало да си ја вршат својата работа и да имаат средби секој месец. Петков сега нагласи дека никогаш не дал точен рок за едно или друго решение.

Поштедливи на зборови за конкретни рокови со датум се сега и од македонската влада.

„Во однос на политичките прашања, критериум за успешност е доколку низ разговор на сите овие комисии и низ еден политички дијалог меѓу владите, постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ“, рече Ковачевски по средбата со Петков во Софија.

Неодамна и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ кажа дека целосно се ослободени од лицитација со датуми или месеци и оти е важно структурата да профункционира и даде резултати кои ќе бидат видливи за граѓаните.

Во меѓувреме кога и да се случи тоа, проекциите на упатените се дека долго време ќе и треба на Македонија да преговара за да стане членка на унијата. Марко Трошановски од Институтот за демократија вели дека она што е очигледно е дека тоа брзо нема да се случи оти и цв самата Унија постои замор од проширувањето.

„Секако крајната цел треба да биде таа интеграција и некогаш ќе се случи, но не мислам дека тоа ќе биде во догледно време“, вели Трошановски.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG