Достапни линкови

Вести

Српската премиерка Брнабиќ во посета на Скопје

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска ќе ја посети Македонија. Како што соопштија од српската Влада, Брнабиќ ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски. По средбата, Брнабиќ и Ковачевски ќе учествуваат на премиерскиот панел „Градење на просперитетна иднина: Улогата на регионалната соработка“, што ќе се одржи во рамки на Самитот „Македонија 2025“.

види ги сите денешни вести

САД остануваат посветени на договорот од Преспа, по говорот на претседателката

Американската амбасада во Скопје
Американската амбасада во Скопје

Aмериканската амбасада во Република Северна Македонија излезе со кус став по однос на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, се вели во соопштението од амбасадата.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“, пишуваат од амбасадата на САД.

Сиљановска Давкова давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, додека ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, повторуваше идентично освен во делот на името на Републиката каде користеше само Македонија.

Првата реакцја пристигна во истиот момент кога амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, во ист момент ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.

Блинкен со остра критика за воените планови на Израел

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ja даде една од најострите изјави досега за Израел и војната во Газа.

Високиот американски дипломат рече дека тактиката на Израел довела до „ужасна загуба на невини цивилни животи“, но не успеала да ги неутрализира водачите и борците на Хамас, палестинската група прогласена за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија,.

Во две телевизиски интервјуа, Блинкен нагласи дека САД веруваат дека израелските сили „мора да ја напуштат Газа“, но исто така рече дека очекува да види веродостојни израелски планови за безбедност и управување на територијата по завршувањето на војната.

Хамас повторно се појави во делови од Газа, рече Блинкен, а „тежок потег“ на израелските сили во јужниот град Рафах ќе ризикува најблискиот сојузник на Вашингтон на Блискиот исток да се соочи со „одржлив бунт“.

Тој рече дека САД со недели соработуваат со арапските држави и други за да развијат „веродостојни планови за безбедност, управување, реконструкција“ во Газа, но „не сме виделе дека Израел го прави тоа. Мораме да го видиме тоа“.

Повеќе од милион Палестинци се засолниле во Газа поради борбите во други делови на територијата. Израел објави дека во овој град има и четири баталјони на Хамас.

Војната во Газа започна на 7 октомври, откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи речиси 1.200 луѓе, повеќето цивили, а киднапирајќи речиси 250 други. Во израелската офанзива загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Кристерсон: Шведска во време на војна ќе дозволи распоредување на нуклеарно оружје

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон
Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон денеска изјави дека ќе дозволи распоредување на нуклеарно оружје на шведска територија во време на војна.

Шведскиот Парламент во јуни ќе гласа за Договорот за одбранбена соработка (ДЦА) со Соединетите Држави, кој ќе му овозможи на Вашингтон до воените бази во Шведска и ќе дозволи складирање на воена опрема и оружје во оваа скандинавска земја.

„Во воена ситуација тоа е сосема поинаква работа, (тоа) целосно ќе зависи од она што ќе се случи. Во апсолутно најлошото сценарио, демократските земји во нашиот дел од светот на крајот мора да можат да се бранат од земји кои би можеле да ни се закануваат со нуклеарно оружје,“ изјави Кристерсон за Шведското радио.

Тој додаде дека одлуката за распоредување на нуклеарно оружје ќе биде донесена од Шведска, а не од САД.

„Шведска одлучува за шведска територија“, наведе Кристерсон.

Критичарите на нуклеарното оружје, меѓу кои и шведското Здружение за мир и арбитража бараат од Владата во договорот за одбранбена соработка со САД да биде ставено дека Шведска нема да дозволи нуклеарно оружје на нејзина територија.

НБРМ: Нема позначителни намалувања кај цените на храната

 Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ

Народната банка изврши надолна корекција на проекцијата за раст на македонската економија оваа година. При презентацијата на пролетните макроекономски проекции, гувернерката на народната банка Анита Ангеловска-Бежоска рече дека полошите изгледи за македонската економија се должат на слабата година лани и лошата реализација во првиот квартал од оваа година.

Таа оцени дека во земјава сè уште нема позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. Ако се спореди нивото на цените на храната со предпандемискиот период, тие, рече Бежоска, се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната.

Таа сепак истакна дека е позитивно тоа што согласно меѓународните финансиски институции, се проектира натамошен пад на цените на храната оваа година, а стабилизирање на нивното ниво наредната година, што остава простор за одредени надолни корекции.

„Ако се погледне движењето на светските цени на храната од средината на 2022 година, има речиси континурано намалување, но според последните податоци, се уште не се вратени на предпандемиското ниво и се повисоки за околу 17 - 18 отсто. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и сè уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната“, рече гувернерката.

Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно.

Проекциите за 2024 година покажуваат и просечна стапка на инфлација од 3,5%, што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4%). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 - 2026 година, инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 проценти.

Десетици уапсени на протестот во Ереван за договорот за границата со Азербејџан

Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024
Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024

Ерменската полиција уапси најмалку 151 антивладини активисти кои протестираа против контроверзниот договор за демаркација на границата со Азербејџан, додека ја спроведуваат кампањата за „граѓанска непослушност“ блокирајќи ги улиците во центарот на Ереван на 13 мај.

Органите за спроведување на законот за ерменската служба на Радио Слободна Европа изјавија дека приведените не ги почитувале полициските наредби.

Акциите на граѓанска непослушност беа спроведени на повик на архиепископот Баграт Галстанијан, кој бара оставка од премиерот Никол Пашинијан поради договорот за границата.

Ереван и Баку постигнаа прелиминарен договор во протоколот потпишан на 19 април, со кој Ерменија ја отстапува контролата врз четири села кои Ереван ги контролира од 1990-тите.

Масовни протести во Ереван против договорот за границата со Азербејџан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Пашинијан рече дека се неопходни еднострани отстапки за да се спречи воената агресија на Азербејџан против Ерменија.

Некои од сојузниците на Пашинијан во парламентот ги обвинија неговите противници за оркестрирање на пучот и се обидоа да го поврзат движењето со поранешниот претседател Роберт Кочарјан или руските интереси. Тие, исто така, го обвинија Галстанијан (52) дека е руски шпион, без да дадат докази за ваквите тврдења.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој беше мнозинска етничка ерменска енклава од распадот на Советскиот Сојуз и е меѓународно призната како територија на Азербејџан.

Во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах заедно со седум околни области што ерменските сили ги зазедоа за време на претходниот конфликт.

Откако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на еднодневната воена операција во септември, а речиси 100 000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија.

Израелските сили ги засилуваат нападите врз бегалскиот камп Џабалија во Газа

Појасот Газа, мај 2024 година
Појасот Газа, мај 2024 година

Израелските тенкови, под силен воздушен и копнен оган, влегоа подлабоко во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во понеделник (13 мај), објавија медиумите, додека тенкови и војници преминаа на клучниот автопат на периферијата на јужниот град Рафа.

Вооруженото крило на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, соопшти дека неговите борци биле вклучени во вооружени пресметки со израелските сили на една од улиците источно од Рафа и источно од Џабалија.

Во Џабалија, тенковите се обидуваа да напредуваат кон срцето на кампот, најголемиот од осумте стари бегалски кампови во Газа. Жителите рекоа дека тенковски гранати паднале врз центарот на кампот и дека воздушните напади уништиле голем број куќи.

Жителите и здравствените работници изјавија дека неколку луѓе биле убиени и ранети во серија воздушни напади врз кампот во текот на ноќта. Лекарите рекоа дека не можат да испратат тимови во некои од бомбардираните области поради интензитетот на израелското бомбардирање, но има извештаи за загинати.

Во Рафа, во близина на границата со Египет, Израел ги засили воздушните и копнените бомбардирања на источните делови на градот.

Жителите велат дека израелските тенкови го пресекле патот Салахудин кој го дели источниот дел од градот, додека источниот дел на Рафа е „град на духови“.

Во Израел, војската се огласи со сирени неколку пати во областите во близина на Појасот Газа, предупредувајќи на потенцијален ракетен и минофрлачки истрел од палестинска територија.

Израелската војска доцна во саботата соопшти дека силите кои дејствуваат во Џабалија го спречуваат Хамас, кој владее со Газа, да ги обнови своите воени капацитети таму.

Бројот на загинати од израелската воена операција во Појасот Газа надмина најмалку 35 000 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.

Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа околу 1200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници.

Дел од српската опозиција ќе ги бојкотира изборите во Белград

илустрација
илустрација

Рокот за поднесување изборни листи за изборите во Белград на 2 јуни истече на полноќ, а дел од опозициските партии, обвинувајќи ја владејачката партија дека не создава фер изборни услови, решија да бојкотираат, што значително ги намалува шансите на опозицијата да ја победи владејачката Српска напредна партија (СНС).

Во декември минатата година се одржаа избори во Белград, но тие ќе бидат повторени откако владејачката СНС не успеа да формира мнозинство од советниците во градското собрание и со тврдењата на опозицијата дека изборите биле украдени, меѓу другото, со миграција и носење гласачи надвор од Белград.

На предлог на дел од парламентарната опозиција изменет е Законот за единствен избирачки список, со кој се предвидува граѓаните кои го промениле местото на живеење во изминатите 11 месеци да не можат да гласаат на својата нова адреса, а ограничувањето важи за периодот од 3 јуни 2023 година до 3 јуни годинава.

Но, не успеа кампањата на граѓанските организации и опозицијата за отстранување на името на српскиот претседател од избирачкиот список на СНС, кој формално поднесе оставка од партијата во мај минатата година.

Името на Вучиќ беше на списокот на декемвриските парламентарни избори и на претстојните белградски и локални избори, иако тој не бил и не е кандидат за ниту една функција, што опозицијата и експертската јавност го сметаат за прекршување на уставните и законските норми.

Градскиот изборен комитет во Белград уште еднаш ја прифати листата на СНС со името на Вучиќ, а такви листи се поднесени и за локалните избори што ќе се одржат на 2 јуни во уште 64 општини и градови низ Србија.

Германскиот суд ја потврди екстремистичката класификација за десничарската АфД

илустрација
илустрација

Највисокиот германски суд денеска (13 мај) пресуди дека домашните безбедносни служби можат да продолжат да ја третираат екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) како потенцијално екстремистичка партија.

Одлуката на судот значи дека разузнавачките служби го задржуваат правото да ја држат АфД под надзор, вклучително и прислушувањето.

Германското разузнавање ги класифицираше и АфД и нејзината младинска организација Јунге Алтернатива (ЈА) како можни десничарски екстремистички групи.

АфД, која продолжува да е на врвот на анкетите во неколку источни држави кои ќе одат на избори подоцна оваа година, е под зголемена контрола поради наводните расистички изјави на нејзините членови, како и наводите дека во нејзините редови има руски и кинески шпиони и агенти.

Пресудата на повисокиот управен суд во Минстер ја потврдува претходната одлука на понискиот суд во Келн.

Главната политика на АфД е тврдокорниот антиимиграциски став, додека партијата профитира од зголемената загриженост на многу германски гласачи за зголемениот број на баратели на азил.

„Пресудата го потврдува она што го кажуваме со години: АфД е крајно десничарска партија која сака да ја ослабне нашата демократија и владеењето на правото“, рече во изјавата Феликс Колб, шеф на антиекстремистичката група „Кампакт“.

АфД има околу 20 отсто од гласовите на националните анкети, во услови на големо незадоволство од трипартиската коалиција на канцеларот Олаф Шолц.

Првата дама и шефот на украинската дипломатија во прва посета на Србија од руската инвазија

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска
Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, од неделата (12 мај) се во билатерална посета на Белград.

Тоа е прва посета на високи украински достоинственици на Србија од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Кулеба во понеделник треба да се сретне со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, како и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Посетата започна со обиколка на градската библиотека во Белград во друштво на сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, а Зеленска го обиколи градот и неговата средновековна тврдина Калемегдан, јави агенцијата Танјуг. Другите медиуми не беа информирани за овој настан.

Како што е најавено на Инстаграм профилот на Зеленска, таа го посети археолошкиот локалитет со изложбата „Римска сала“ во градската библиотека во Белград, како и „украинската полица“, катче од библиотеката со украински книги што е основана под нејзино покровителство.

Таа присуствувала и на потпишувањето на договорот за соработка меѓу универзитетите во Белград и Киев.

Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, која го вклучува и полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Сепак, иако Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) од 2012 година, Србија не ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Брисел, ниту ги усвои санкциите што нејзините западни партнери и ги воведоа на Русија по инвазијата на соседна Украина.

Зеленска и Кулеба допатуваа во посета на Србија десет дена по изборот на новата влада, која ја следат контроверзии поради имињата на двајца министри блиски до Русија, поради што Белград претходно беше изложен на критики од ЕУ и од САД.

Се работи за Александар Вулин, прорускиот вицепремиер и поранешен шеф на разузнавањето кој е под санкции на Соединетите Држави и за Ненад Поповиќ, министер без ресор, со политички и деловни врски во Русија, кој исто така е санкциониран од САД.

Што се однесува до претседателот Александар Вучиќ, тој се сретна со украинскиот лидер Володимир Зеленски три пати од февруари 2022 година, кога започна руската инвазија, за време на меѓународни форуми во странство, а последен пат на регионален состанок во Тирана во февруари.

Од 2022 година, Србија прифати илјадници украински бегалци, испрати хуманитарна помош во Украина и вети помош во деминирањето на земјата и во нејзините повоени напори за обнова.

Официјална Софија по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова: Договорите мора строго да се спроведуваат

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност, како со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, така и со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија (РСМ). Ова се вели во ставот на бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев, по повод инаугурацијата на Гордана Сиљановска-Давкова.

Ова, како што пренесува БТА, е и ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој претходно денеска го пренесе, прес-службата на неговиот кабинет.

„Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат. Убедени сме дека европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементацијата на меѓународните договори во кои е членка, како и од одобрениот од Европскиот совет во јули 2022 година“, се посочува во соопштенијата од кабинетите на Главчев и Радев.

Двајцата, исто така, потсетуваат дека Република Северна Македонија е членка на НАТО, од кое што произлегуваат соодветните обврски и одговорности.

Новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, вчера ја презеде функцијата откако положи заклетва пред Собранието, при што во името на државата ја изостави придавката „Северна“, што предизвика низа реакции од Грција и ЕУ за почитување на Договорот од Преспа од 2018 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG