Достапни линкови

Вести

Полицијата спасила 9 лица кои се загубиле на Попова Шапка

Попова шапка. Илустрација.

МВР соопшти дека пронашло девет лица кои се загубиле во ски центарот Попова Шапка. До интервенцијата на полицијата дошло откако две лица од Тетово на возраст од 15 и 19 години во СВР Тетово пријавиле дека поради неповолните временски услови и густата магла на Попова Шапка, во близина на новиот ски-лифт, каде се искачиле да скијаат, се загубиле и не знаеле каде точно се наоѓаат.

„Полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка и екипи од „Елем Турс“ веднаш презеле соодветни мерки за нивно пронаоѓање и ги пронашле двајцата тетовци, како и уште седум други лица од Скопје, Куманово и соседно Косово кои, исто така, се изгубиле во тој реон“, информираа од МВР.

види ги сите денешни вести

Мицкоски: Францускиот предлог немало да биде на маса ако некој претходно истиот не го прифатил

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на презентација на сработеното од градоначалниците од таа партија

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека е невозможно решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија додека трае француското претседателство.

За Мицкоски барањата на Софија се максималистички и порача дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка апртија е прецизен, а тоа е дека нема преговори за јазикот и никакви фусноти не се прифатливи.

„Денеска беше состанокот корепер на амабасадорите на земји членки на Европската Унија во Брисел. Нема напредок од проста причина што толку се максималистички барањата на официјална Софија што што дури и за овие кои се таму и преговараат во името на граѓаните не се прифатливи. Барањата се толку максималистички што се надвор од здрава логика и надвор од сите европски вредности“, рече Мицкоски во гостувањето во дневникот на Сител телевизија.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски го одбил францускиот предлог поради тоа што десетици илјади граѓани излегоа пред Владата и порачаа дека не го прифаќаат предлогот.

ВМРО-ДПМНЕ прашува за каков хибриден напад обвинува Владата

Сепак, тој смета дека предлогот немало да биде на маса ако некој претходно истиот не го прифатил.

„Дали тоа бил Ковачевски, дали тоа бил Османи или дали тоа бил некој друг околу нив да бидеме реални нема да си дозволи администрацијата на ЕУ ниту пак на земјата која што претседава таков предлог да го стави на маса без да добие согласност од страните кои преговараат. Владата тогаш се препелкаше дека не знае за каков предлог и дека сеуште не го добила тој предлог, за да потоа излезе дека всушност тие веќе неколку месеци преговарале. Приказните дека не е прифатен е само поради тоа што народот излезе, тоа што ВМРО-ДПМНЕ излезе и тоа што добивме општествено не“, рече Мицкоски.

Москва и Киев разменија воени затвореници

Илустрација

Украинското Министерство за одбрана објави размена на затвореници во која учествуваат 144 украински војници, вклучително и голем број бранители на челичарницата Азовстал во јужниот пристанишен град Мариупол.

„Ова е најголемата размена од почетокот на целосната руска инвазија. Од 144 ослободени, 95 се бранители на Азовстал. Меѓу нив, 43 војници на Азовскиот полк“, соопшти главната управа за разузнавање на Министерството за одбрана.

Не е прецизирано кога и каде се случила размената, ниту колку руски затвореници биле дел од размената.

Шефот на сепаратистичката група поддржана од Русија во украинскиот регион Доњецк, исто така, пријави размена на затвореници со Киев, велејќи дека бројот на разменети борци е 144 од двете страни.

Денис Пушилин рече дека 144 сепаратисти поддржани од Русија и руски војници ќе се вратат дома како дел од размената.

„На Киев му предадовме ист број затвореници од украинските вооружени единици. Повеќето од нив беа ранети“, рече Пушилин на Телеграм.

Русија соопшти дека околу 2.500 украински војници биле приведени кога ја презела фабриката за челик.

Москва и Киев неколкупати разменуваа затвореници по инвазијата на Русија на 24 февруари.

Премиерот Ковачевски најави воведување на закон за плати

Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска од Собранието најави воведување закон за плати во кој како што рече ќе се знае која ќе биде конзистентноста и структурата на платите во државата.

Ковачевски од собраниската говорница одговарајќи на пратенички прашања рече дека ќе има зголемување на платите, а најави и воведување методолгија за пораст на платите која ќе зависи од порастот на трошоците на живот, од зголемувањето на просечната плата и од зголемување на перформансите на работниците.

Такви закони се болни зошто голем дел од државна управа не сакаат да ги прифатат бидејќи, како што рече, во секоја институција има вработени кои имаат и натпросечни плати, но има и вработени во институции кои имаат помали плати, потпросечни плати, а врз кои паѓа добар товар од работата, но заради хронолошки, системски и нерешени прашања тоа останало така.

Премиерот иформираше дека им дал задача на вицепремиерот за економски работи, на министерот за финансии и на министерката за труд и социјална политика да изготват такво законско решение, а социјалниот дијалог со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) да се води во насока на воспоставување методологија која ќе обезбеди поголеми плати.

Тупанчески: Ветингот не мора да биде направен со закон за ветинг

Министерот за правда Никола Тупанчески

Министерот за правда Никола Тупанчески смета дека ветингот не се покажал како најдобра алатка за прочистување во судството и дека филтрација кај судиите може да се направи и преку постојните институции и закони.

Тој го наведе искуството во Албанија, каде ветингот доживеа, како што рече, фијаско затоа што начинот на кој беше спроведен не ги даде очекуваните резултати или не беше постигната целта која беше поставена.

„Решението остана дека и во рамки на институциите и во рамки на постојните законски и подзаконски акти може да се направи селекција на добри и на лоши судии, или помалку добри. Во таа насока беше донесена методолгијата која значеше симбиоза на попрецизни критериуми околу изборот и разрешувањето на судиите и јавните обвинители“, рече Тупанчески одговарајќи на пратеничко прашање на Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците.

Косовската влада најави ветинг во судството

Додаде дека последната година, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет покажале видливи резултати во однос на она што се нарекува ветинг во фигуративна смисла.

„Ветингот не мора да биде направен со закон за ветинг. Напротив сметам дека ветингот може да биде направен и со постојните законски решенија и подзаконски решенија. Најважно во целата оваа работа е да се има сериозна волја заради остварување на резултатите“, рече Тупанчески.

ССКЦ: Незаконски не им се продолжува договорот на лекарите со наполнети 64 години

Клинички центар „Мајка Тереза“ - Скопје

Од синдикатот на Клинички центар (ССКЦ) реагираат што министерот за здравство и некои директори на болници не им го продолжуваат договорот за работен однос на некои здравствени работници кои наполниле 64 години возраст и имаат 15 години пензиски стаж, се до нивна 67 годишна возраст, а кои претходно дале согласност работниот однос да им се продолжи.

„Според ставот 1 на членот 204а од Законот за здравствената заштита кој ја уредува оваа проблематика за здравствените работници и соработници е утврдено дека „заради непречено вршење на здравствената дејност во мрежата на здравствените установи, директорот на здравствената установа по претходна согласност на здравствениот работник односно здравствениот соработник, еднаш годишно донесува одлука за продолжување на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник кој ги исполнил условите за стекнување на старосна пензија најмногу до 67 години возраст, а ставот 2 од членот 204-а од Законот за здравствената заштита (ЗЗЗ) утврдува дека „одлуката на директорот за продолжување на работниот однос на здравствениот работник и здравствениот соработник, ја потврдува министерот за здравство“, реагираат од Синдикатот.

Пациентите со дијабетес разочарани од односот на министерот за здравство

Од таму потенцираат дека се работи за високостручен и дефицитарен кадар кој е исклучително значаен дел во функционирањето на здравствениот систем и дека со овие вработени се обезбедува континуитет во стручната дообразба на младите здравствени работници и соработници и се обезбедува повисоко ниво на здравствена услуга.

Истовремено, како наставен кадар придонесуваат во научната едукација на здравствените работници и соработници.

Од Синдикатот на Клинички центар додаваат дека ќе застанат во заштита на правата на своите членови доколку истите им бидат нарушени поради несоодветна примена на законските одредби поврзани со продолжување на нивниот работен однос согласно Законот.

„Министерот за здравство и директорите на здравствените установи треба да ја претпостават можната финансиска импликација врз Фондот за здравствено осигурување во случај на поведување поединечни и колективни тужби од страна на засегнатите здравствени работници и соработници, како и за последиците во пружањето на квалитетна и континуирана здравствена услуга на граѓаните“, се вели во реакцијата на ССКЦ.

Предизвиците на Ромите исти како и пред 30 години

Латифа Шиковска пратеничка во македонското собрание

Иако се сменија неколку состави на влади, иако на многу избори се ветува, малкубројните пратеници кои ги застапуваат Ромите во нашата држава, и натаму констатираат предизвици во заедницата кои беа карактеристични за 19 или 20 век.

Ова за Радио Слободна Европа го изјави Латифа Шиковска пратеничка во македонското собрание, која нагласува дека таа како пратеничка во овој состав од позицијата како поединец не многу можела да направи освен секогаш да иницира процеси, дебати, да предлага јавни политики, закони и слично, но последниот збор го има мнозинството во парламентот и Владата.

Главните предизвици со кои се соочуваат денес Ромите во Република Северна Македонија се во сите сфери, вели пратеничката Шиковска и додава дека во делот на образованието има мал напредок, но децата Роми се недоволно вклучени во предучилишното образование, така што има деца на улица и деца на бездомни семејства кои се надвор од образование.

Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиште

Пратеничката Шиковска за РСЕ додава дека проблеми има и во сферата на домувањето.

,,Ромите живеат во неурбанизирани населби, во многу случаи не се донесени детални урбанистички планови и не може да се заклучи дека живеат достоинствено“, вели таа.

Дополнително вели дека Ромите немаат еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги како и секој наш граѓанин.

„И денес имаме Роми кои немаат здравствено осигурување, пристап до матичен лекар, матичен гинеколог и пристап до пренатална и постнатална грижа. Стапката на доенечка смртност во ромската заедница е највисока. Се уште постои дискриминација и во здравството за жал“, вели Шиковска.

Пратеничката додава дека изостанува развој и унапредување на ромската култура, јазик и традиција.

Нема поддршка за ромски , истакнува пратеничката Шиковска и потенцира дека ,,Промоцијата на ромската култура и јазик не е доволно видлива во општеството, сè уште има стереотипи и предрасуди кон Ромите во учебниците. Државата не ги поддржува доволно креаторите на културни производи преку претставување на ромската заедница - идентитет и култура“.

И денеска македонското законодавство и јавните политики нејасно ги таргетираат појавите кога станува збор за елиминирање на антициганизмот, говор на омраза и негово признавање како кривично дело во кривичното право на Република Северна Македонија вели Шиковска и оценува дека ромската заедница е најсиромашната заедница во Република Северна Македонија.

Бислимовски: Цената на струјата ќе поскапи за 7,4 отсто

Марко Бислимовски, Регулаторна комисија за енергетика

За 98,8 отсто од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 отсто, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски.

Бислимовски вели дека ако не беа воведени блоковите, оваа цена ќе беше зголемена за 17,74 проценти.

„Во зависност од блоковите, во зима 59,9 отсто од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6 проценти, додека 35,5 отсто ќе имаат зголемени сметки од 6,6 до 8,8 отсто, 3,4 проценти од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,2 отсто и само 1,2 отсто од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 99,5 отсто. Во летниот период, во зависност од блоковите, 77,2 отсто од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 проценти, додека 21,8 отсто ќе имаат зголемени сметки од 6,7 до 8,8 отсто. Само 0,7 проценти од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8 до 11,3 отсто и 0,2 отсто од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4 до 100 отсто“, објасни Бислимовски.

Тој подвлече дека блоковите важат само за високата тарифа, а за евтината напомена дека нема блокови и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика.

Азески: Државата, граѓаните и компаниите мора да почнат да штедат

Во сметките, дополни Бислимовски, граѓаните ќе добиваат колку е цената на струјата и колку е мрежарината, односно збир од активната енергија и користењето мрежа.

Претседателот на РКЕ соопшти и дека енергетските компании побарале значителни зголемувања на тарифите за нивните услуги, но РКЕ не ги прифатила сите нивни барања и одобрила многу помали проценти.

„Трошоците за набавка на електрична енергија на ЕВН ХОМЕ на годишно ниво се зголемени за 57,4 милиони евра, во однос на планираното од декември 2021 година, заради враќањето на голем број компании и јавни институции од либерализираниот на регулираниот пазар на електрична енергија, заради што ЕВН ХОМЕ мораше да направи дополнителен увоз на електрична енергија во износ од 33,2 милиона евра. Со укинување на кризната состојба, ЕВН ХОМЕ има и дополнителен трошок за обновливи извори за енергија во износ од 9,5 милиони евра. Дополнително, новата цена на електрична енергија што ЕСМ му ја испорачува на ЕВН ХОМЕ е зголемена за 17 отсто, од 41 евра за мегават час на 48 евра“, рече Бислимовски.

Попис во Албанија во октомври

Илустративна фотографија

Во Албанија во октомври годинава треба да се одржи Пописот на населението и домаќинствата, што беше одложен минатата година, поради пандемијата со ковид-19.

Предвидено е дека статистичката операција ќе чини 16 милиони евра.

„Прибирањето на податоците нема да боде рачно на хартија, туку ќе се врши со електронски таблет, за да има поголема сигурност и брзина во обработката на податоците. Овој нов начин има свои предизвици, но ќе ни обезбеди поголем квалитет и ќе го забрза процесот на обработка. Процесот е многу сложен, ќе бидат ангажирани вкупно 8.000 попишувачи, околу 1.200 контролори и 6.000 геодети“, изјави директорката на секторот за социјална статистика, Мајлинда Нестури.

Попис 2021 - Секој трети стан во Македонија е празен

Инаку, пописот во 2011 година Македонците, Грците, Власите, Ромите, Србите, Црногорците и Египќаните го бојкотираат пописот, поради „дискриминаторскиот закон за попис со кој се предвидуваше казна од илјада долари за секој кој ќе каже друга етничка припадност од онаа што му пишува во матичната евиденција“.

Поради бојкотот тие беа попишани според матичната евиденција.

Исто така малцинствата не ги признаа резултатите од пописот, поради тоа дека „пописниот процес бил преполн со манипулации, злоупотреби и ја немало потребната транспарентност, поради што за малцинствата тој е целосно неуспешен.

Расте бројот на позитивни - нови 148 заразени со ковид

KYRGYZSTAN - COVID-19 - covonavirus - The coronavirus test, generic, 24 May 2021

Во последните 24 часа регистрирани се 148 нови случаи на ковид-19 од направени 1.261 тестови, соопшти Министерството за здравство. Од вкупниот број на позитивни (148), регистрирани се 40 реинфекции.

Најголем број од новите позитивни случаи се регистрирани во Скопје – 93, Битола – 11, Куманово – 9, Прилеп – 6, Кавадарци и Кочани – по 5, Тетово – 4, Кичево – 3, Велес и Неготино – по 2, Гостивар, Охрид, Штип, Струмица, Свети Николе, Крива Паланка, Пробиштип и Богданци – по 1.

Регистрирани сe 45 оздравени пациенти.

Во текот на изминатите 24 часа не е пријавено ниту едно починато лице. Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин регистрирано е едно починато лице од Скопје (84г), починат на ден 27.06.2022 во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 313.856, бројот на оздравени пациенти е 303.783, на починати е 9.323, а бројот на активни случаи изнесува 750.

Претходно од Комисијата за спречување на заразни болести информираа дека има зголемување за 65,8 отсто на бројот на позитивни случаи на ковид-19 во однос на минатата недела, но нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи.

Кацарска - Рамно на чудо е да очекуваме некаков договор помеѓу Скопје и Софија за францускиот предлог

Директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска

Директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска денеска изјави дека е рамно на чудо на ден до крајот на француското претседателство, да се очекува некаков евентуален договор за разликите помеѓу Северна Македонија и Бугарија во однос на предлогот на Франција за тргање на ветото и деблокада на евроинтеграциите на земјава. Но, како што рече, тоа е одговорност на политичкото раководство.

„Мене ми е многу тешко да видам дека за еден ден ќе може да направиме клучен пробив во однос на она што го нарековте „пеглање“ на разликите поради документите коишто беа усвоени во бугарското Собрание и нашите црвени линии. Очекувам дека чешкото претседателство ќе го преземе ова доколку не видиме некое чудо до утре, меѓутоа веројатно со смален интензитет од она што работеше француското претседателство. Кај Чешка мислам дека примарниот фокус е Украина, како што знаеме, веројатно и Самитот којшто требаше да биде за Западниот Балкан од она што се последни најави е дека истиот ќе биде за Украина“, изјави Кацарска на настан во организација на ЕПИ.

Франција утре го завршува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Од 1 јули со ЕУ ќе претседава Чешката Република. Порано овој месец, Владата во Прага ги соопшти приоритетите на своето претседавање во кои не е наведено проширувањето на Европската унија кон Западен Балкан.

Француските дипломати во седиштето на ЕУ не се запознаени со нова иницијатива за надминување на спорот меѓу Софија и Скопје, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Според информациите на МИА, процесот е целосно во рацете на Софија и Скопје, а делумно и во Париз, пред сѐ кај францускиот претседател Емануел Макрон, чиј предлог беше отфрлен минатата недела од страна на Северна Македонија.

Македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.

Вчера премиерот Димитар Ковачевски рече дека немало ништо ново во процесто со Бугарија, и дека тој е во рацете на МНР, а доколку има прифатлив предлог тој ќе биде ставен пред институциите на државата.

Пендаровски од Мадрид - Самитот е уникатна можност за сите сојузници да ја покажат силата и сплотеноста

Претседателот Стево Пендаровски на Самитот на НАТО во Мадрид

Претседателот Стево Пендаровски пред официјалниот почеток на Самитот на НАТО во Мадрид изјави дека Самитот претставува уникатна можност за сите сојузници да ја покажат силата и сплотеноста во однос на тековните и идните задачи.

Пендаровски, кој ја предводи македонската делегацијата во Мадрид, каде денеска официјално започна Самитот на НАТО, порача дека овој самит е посебен и според една друга специфика, односно, како што рече, никогаш во историјата на Алијансата од 1949 година не бил организиран самит во исто време додека се води војна на европскиот континент.

„Мислам дека ова е вистинско време да покажеме дека постои зголемена солидарност и сплотеност во рамките на Алијансата и дека во целост ќе го поддржиме украинскиот народ во одбраната на нивната територија, слобода, во суштина борејќи се за демократските вредности и слободата за сите нас“, изјави претседателот Пендаровски пред официјалниот почеток на самитот, се вели во соопштението од неговиот Кабинет.

На свечениот пречек, шефовите на делегациите беа поздравени од страна на домаќинот, премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез и Генералниот секретар на НАТО Алијансата, Јенс Столтенберг.

Претседателот Стево Пендаровски на Самит на НАТО во Мадрид, заедно со лидерите на земјите членки на Алијансата
Претседателот Стево Пендаровски на Самит на НАТО во Мадрид, заедно со лидерите на земјите членки на Алијансата

Пендаровски, како што е најавено, денеска и утре ќе учествува на трите состаноци на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и Влади.

На самитот во Мадрид, како што е најавено, се очекува да бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици и се очекува да биде усвоен новиот Стратегиски концепт на НАТО Алијансата.

Се зголемува бројот на позитивни на ковид, но не и на хоспитализирани и починати

Зголемување за 65,8 отсто на бројот на позитивни случаи на ковид-19 во однос на минатата недела констатирала Комисијата за спречување заразни болести на денешниот состанок. Но нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, соопшти денеска Министерството за здравство.

Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од ковид во соседните држави и светот, од Комисијата за спречување заразни болести потсетуваат на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.

Дополнително, препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.

Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.

Вчера беа регистрирани 168 нови случаи на позитивни на ковид-19, речиси колку што имаше за трите дена претходно кога беа регистрирани вкупно 180 нови случаи.

Руските сили погодиле зграда во Миколајев, најмалку тројца загинати

Украина - погодената четирикатна зграда во Миколајев, 29 јуни 2022

Најмалку три лица загинаа во ракетен напад врз станбена зграда во јужниот украински град Миколајев на 29 јуни. Руските сили соопштија дека целта им била да уништат база за обука на странски борци.

Градоначалникот на Миколајев, Олександар Сенкевич, изјави дека осум руски проектили го погодиле градот, вклучително и станбен блок. Фотографиите покажуваат како чад се издига над четирикатна зграда, а горниот кат е делумно уништен.

Руското Министерство за одбрана во соопштението цитирано од Тасс соопшти дека нивните сили извршиле напади врз воената база за обука на „странски платеници“ во близина на Миколајев.

Миколајев, речно пристаниште и центар за изградба на бродови веднаш до Црното Море, беше украинско упориште против рускиот притисот на запад во правец на Одеса.

Нападот на Миколајев се случи само два дена откако руски проектили погодија трговски центар во Кременчук во централна Украина, при што загинаа најмалку 18 луѓе. Десетици луѓе се уште се водат како исчезнати.

Двајца мигратни починале откако ги удрил воз кај Гевгелија

Двајца мигранти починале откако во нив удрил товарен воз кој сообраќал на релација Железничка станица Гевгелија – Товарна Трубарево, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Возот удрил во две лица и кои лежеле на пругата, а од здобиените повреди починале на местото на несреќата.

Од МВР информираа дека денеска во 02.20 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на железничката пруга, помеѓу Железничка станица Миравци и Железничка станица Клисура, товарен воз удрил во две лица мигранти коишто лежеле на пругата.

Увид извршила увидна екипа од Полициска станица Гевгелија.

И во минатото имаше неколку инциденти во кои мигранти загинаа на железничките пруги во Македонија, откако на нив ќе налета воз.

Џафери немал надлежност да побара одговорност од пратениците

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го оправдува однесувањето на претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми на седница пред два дена, но вели дека сепак овој настан бил испровоциран. Џафери денеска одржа брифинг со новинари.

„Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место“, рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку, како што рече „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.

Џафери вели дека никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата.

„Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите“, рече Џафери.

На видео снимка од седницата во понеделникот можеше да се види како при жестока кавга меѓу координаторот на ДУИ и претседател на комисијата за европски прашања Арбер Адеми и опозициските пратеници Антонијо Милошоски и Халин Снопче летаа филџани и пластични шишиња.

Според Џафери, настанот треба да се гледа во целина, а не само во „исечоци“. Тој информира дека имал средба и со европратениците и ги известил за инцидентот, им дал и интегрална снимка од собраниската режија за да ја оценат ситуацијата.

Прашан во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица на Комисијата да се расправа за разговорите со Бугарија, Џафери рече дека при поднесување на иницијативата не е испочитувана процедурата за доставување на материјалот до соодветното тело. Џафери вели дека пратениците на 24-ти пратиле заклучоци од Брисел до Комисијата за европски прашања, а Деловникот пропишува сите нешта да се доставуваат преку претседателот на Собранието, а тој аков материјал не примил.

Во однос на денешната седница за пратенички прашања и за утрешната поднесена интерпелација за него, Џафери рече дека очекува атмосферата да биде парламентарна, без оглед кој ќе биде видот и начинот на поставување на прашањето.
Два дена во Собранието на седницата на Комисијата за европски прашања пратениците се обраќаа на висок тон, се довикуваа и тропаа по масите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG