Достапни линкови

Рекордно ниско пошумување, а шумите се шират?


Илустрација: Шума во Македонија
Илустрација: Шума во Македонија

Неколкупати повеќе шуми годишно горат во шумски пожари отколку што се пошумува, но официјалните податоци покажуваат дека шумите постојано се прошируваат. Надлежните велат дека тие создаваат услови за природна обнова на шумите.

Минатата година, заедно со 2017, имало рекордно ниско пошумување во Македонија во изминатиот половина век. Според податоците на Државниот завод за статистика, лани била пошумена површина од само 569 хектари, а во 2017 - 553 хектари. Пред десетина години годишно била пошумувана четири пати поголема површина, а пред неколку децении пошумувањето било 20-тина пати поголемо.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека ова е најлош резултат од 1964 година, кога биле пошумени 531 хектари. Рекордна година во изминатите шест децении била 1983 кога биле пошумени 11328 хектари, додека во 1979 била пошумена површина од 10284 хектари.

Изминатите четири години се единствените во изминатиот половина век, кога годишно се пошумува површина под 1000 хектари.

Погледнете ја табелата за годишно пошумување во Македонија во хектари:

20102011201220132014201520162017201820192020

2969

20811 378

1 501

1 06412111 044553959965569

Додека се садат дрвја на по неколку стотини хектари, во пожари годишно горат по неколку илјади хектари шума. Во 2019 година изгореле над 10 илјади хектари, а во 2012 година на пример изгореле над 19 илјади хектари шума. Тоа е повеќе отколку што е засадено во целата измината деценија.

Во исто време, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека шумите постојано се прошируваат. Само во изминатата деценија површината под шуми во Македонија е зголемена за над 80 илјади хектари.

Директорката на „Национални шуми“ Јулиана Николова вели дека нивна работа, освен пошумувањето, е со одгледни мерки да создадат услови за шумите природно да се обновуваат.

„Во природна обнова на шумите спаѓаат прореди, осветлување, затемнување итн. Ние всушност создаваме услови шумата сама од себе да се обновува. Кога шумата сама се обновува, многу е подобар квалитетот на таа шума. Нашите екипи ги овозможуваат сите услови за да може шумата природно да се обнови и во тој дел посветуваме многу големо внимание“, вели Николова.

Таа посочува дека во шумските пожари што ја зафатија Македонија изминатиот месец, а на помош во гаснењето дојдоа пожарникари од Србија, Бугарија, Словенија, Австрија и Романија, изгореле околу 10 илјади хектари шума. Изгорела околу 450 илјади кубни метри дрвна маса, а штетата е околу 2 милијарди денари, односно скоро 35 милиони евра. Премиерот Зоран Заев пред десетина дена најави дека обновата на изгорените шуми ќе почне уште оваа есен.

„Се отвора многу работа. Знаете, пошумувањето некако му доаѓа и како последица, затоа што е многу важно e претходно да се прочисти теренот и добро да се подготви за пошумувањето, доколку сакаме да имаме успешно пошумување. Инспекторатот веќе е излезен на терен, врши увид и после тоа нè обврзува ние да пристапиме кон санација на теренот. Кога ќе ги добиеме заклучоците, веднаш почнуваме со работа“, вели директорката на Национални шуми.

Сепак, проширувањето на шумите не e рамномерно распределено низ целата територија на државата. Најголемо зголемување на површината под шуми има во Пелагонискиот и во Источниот регион. Зголемување на шумите има и во Југозападниот и Североисточниот регион. Стагнација, или благ раст има во Вардарскиот, Скопскиот и во Југоисточниот регион, а намалување на површината под шуми во Полошкиот регион.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG