Достапни линкови

Кражбите на шумското богатство се во подем


Илустрација. Шар Планина во Тетово.
Илустрација. Шар Планина во Тетово.

Илегалното сечење на шумите ги загрижува стручњаците кои велат дека крадењето дрва станува организирана појава. Тие предупредуваат дека не само што се загрозуваат белите дробови на земјата, туку дека во иднина ќе има проблеми и со ерозија на земјиштето.

Иако македонските шуми сè уште се многу богати и вкупната шумска површина во земјава изнесува еден милион хектари, стручните лица велат дека шумите кои претставуваат национално богатство и бели дробови на земјата не се доволно заштитени.

Извештаите што се објавуваат во јавноста зборуваат дека Балканот предничи по илегалното сечење на шума и дека нелегалната сеча сѐ почесто претставува и бизнис на организираниот криминал.

Професорката Марина Малиш од Факултетот за безбедност, која предава по предметот Еколошка криминалистика, вели дека карактеристично е што оваа форма нa криминал има организирана форма, односно во помал број се врши од поединци, а повеќе од криминални групи.

„Проблем е илегалната сеча од организирани криминалани групи, а колку е сериозно може да за заклучиме од двете убиства на надлежни лица, едното е убиство на шумски полицаец на Китка, а во Липково беа убиени двајца шумочувари“, вели професорката Малиш.

Се опустошуваат шумски предели насекаде низ земјава

Во земјава последните години и побарувачката за дрва за огрев станува сè поголемa, а и од УНДП укажаа дека во Скопје за огрев се трошат дрва колку што има во парк шумата Водно.

Професорката Малиш предупредува дека со илегалната сеча на дрвјата, освен материјална штета, се уништува и производството на кислород, а долгорочно се предизвикуваат и штети врз земјиштето и негова ерозија. Професорката Малиш посочува дека проблемот е длабок и оти чуварската служба е недоволно организирана. Во таа смисла, според неа, фактите кои со свои очи ги гледаат планинарите низ шумите во земјава доволно зборуваат дека недостасува адекватна заштита и системски надзор врз шумските предели кои се опустошуваат.

„Овој криминал е во подем и може со голо око да го видат и планинари како неплански се сече шумата. Треба да има системска поставеност. Се презеде акција како „Гора“, но тоа се акции кои се преземаат во одреден временски период, но изостанува плaнско следење. Нема подрачје кое не е опфатено, Скопска Црна Гора, во близина на Штип, Берово, Прилеп, Струмица... Сторителите се агресивни и често се нападнати полицајци со секири. Тоа се сериозни криминални групи кои прават сериозна штета врз шумите кои се бели дробови, но прават проблеми и со свлечишта“, вели професорката Малиш.

Најодговорна институција за спречување на илегалната сеча е полицијата која единствено има ресурси за преземање мерки врз лицата кои вршат кражба и сечење на дрвја. Но, малиот број на чувари и слабата опременост, како и малите казни за сторителите, само стимулативно делуваат врз развојот на оваа нелегална активност, заклучува професорката Малиш. Според неа, дел од проблемот лежи и во стратегијата за контрола. Таа вели дека видливо е кога поминуваат камиони или џипови натоварени со исечени дрва, но оти неказнувањето останува проблем.

„Станува збор за дрвна маса со голем габарит за која за да се симне од местото на сеча се употребуваат џипови, што имлицира дека лесно се видливи. Се поставува прашање дали се работи за корупција со знаење на надлежните органи“, вели професорката Малиш, која додава:

„Во МВР не постои посебна структура која се занимава со еколошки криминал, што е проблем за откривање на овие кривични дела. Постојат надлежни органи како што е шумската полиција, но не се доволно екипирани со човечки ресурси, ниту се опремени со техички ресурси“, вели таа.

Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика, вкупното производство на шумски производи во државните шуми во првото тримесечје од 2019 година, во однос на првото тримесечје од 2018 година, е зголемено за 51.4 отсто. Зголемување на шумското производство е забележано кај трупците од листопадни видови, просторното дрво од иглолисни видови и кај огревното дрво од иглолисни и листопадни видови. Намалување на шумското производство пак е забележано кај трупците од иглолисни видови, рудничкото дрво од иглолисни видови и кај другото обло дрво од иглолисни видови.

Нема податоци за процентот на штета предизвикана од илегалната сеча, но дека шумите постојано се на мета на дрвокрaдците зборува и полседниот податок од овој месец дека над село Лабуништа, струшко, поради вршење бесправна сеча деновове беа приведени тројца албански државјани на возраст од 22, 29 и 32 години.

Во Албанија, пак, ситуацијата со шумите е уште полоша. Поради нелегалната сеча денес под шуми во оваа земја се помалку од 10 проценти од вкупната територија. За да ги спасат шумите, албанските власти ја забранија нивната сеча на 10 години Со мораториумот во таа земја се надеваат дека тоа ќе бие доволен период за опоравување на шумите.

Студиите кај нас пак, наведуваат дека во 30-тите години од минатиот век Македонија имала 600 илјади хектари површини под шума. Стручните лица велат дека зголемувањето на шумскиот фонд се должи на пошумувањата, но и иселувањето на луѓето од селските средини и обраснувањето на напуштените места.

Но, иако македонските шуми сè уште се богати, без разлика што ги соголуваат луѓето, и не им се заканува опасност од намалување, сепак стручњаците велат дека долгорочно во иднина ќе имаме проблеми со ерозии и поплави како што беа изминатите години во тетовско, кога имаше жртви и во скопско Стајковци. Тогаш стручњаците предупредуваа дека пустошењето на шумите се едни од причините за поплавите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG