Достапни линкови

Mерките ќе имаат позитивни ефекти, но економијата бавно ќе заздравува


Илустрација. Уличен продавач подготвува свеж сок од портокал во старата турска чаршија во Скопје. Околу 150 илјади граѓани граѓани во Македонија треба да добијат помош од антикризните мерки поради пандемијата од Ковид-19.
Илустрација. Уличен продавач подготвува свеж сок од портокал во старата турска чаршија во Скопје. Околу 150 илјади граѓани граѓани во Македонија треба да добијат помош од антикризните мерки поради пандемијата од Ковид-19.

Антикризните мерки ќе ги ублажат негативните состојби во економијата, но тие мора да бидат навремено донесени, велат економисти. Какви се ефектите од мерките за помош на стопанството и како ќе се одвива излезот од кризата предизвикана од ковид пандемијата?

Во услови на пандемија кога се затворени низа стропански субјекти и претпријатија, многу е важно мерките за помош на економијата да бидат навремени, вели професор Марија Зарезанкова Потевска.

„Петтиот пакет мерки мислам дека е малку задоцнет, требаше да се донесе порано, меѓутоа со оглед на состојбите со нашето Собрание тие беа малку пролонгирани. Но, тие ќе влијаат позитивно врз економијата“, смета Зарезанкова Потевска.

Мерките ќе придонесат за ублажување на негативните состојби во стопанството, смета Зарезанкова Потевска, но посочува дека и покрај тоа македонската економија е во стагнација поради затворените бизниси и лошата состојбата со пандемијата во регионот, во услови кога Македонија многу повеќе увезува стоки и производи, отколку што извезува.

Македонското собрание минатиот викенд во тезнична атмосфера го усвои Петтиот пакет антикризни мерки, со кој помош треба да добијат околу 20 илјади компании и 150 илјади граѓани.

Со законите, кои беа блокирани во Парламентот околу два месецеи, помош ќе добијат лица кои вршат самостојна дејност и се погодени од здравствено-економската криза за месеците февруари и март 2021 година, како и работодавачите кои треба да исплатат плати за февруари и март.

Досега од државниот буџет беа издвоени средства преку претходно донесените четири пакети антикризни мерки за сузбивање на последиците врз економијата предизвикани од епидемијата на Ковид-19.

Вкупната имплементација од четирите пакети изнесува 82 отсто или 860 милиони евра, според податоците кои ги објави Владата.

Првиот пакет е имплементиран со 90.1 отсто, вториот е 100 проценти, териот 75,4 и четвртиот 72,7 отсто, вели премиерот Зоран Заев.

„Мора да се нагласи дека некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година , така да вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми и да достигне до 99 отсто имплементација“, изјави Заев.

Заев додаде дека има позитивни сигнали дека економијата заздравува, а потврда за тоа според него е високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата. Заев вели дека оваа година се очекува домашната економија да се врати на патеката на економски раст.

„Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа“, вели Заев.

Зарезанкова Потевска оценува дека негативните состројби во економијата ги покажуваат намалената стапка на раст и на Бруто домашниот производ (БДП) и затоа според неа излезот од кризата ќе биде бавен, а подобрување мора да се постигне со донесување на правилни мерки во право време.

Светската банка во јануари објави дека предвидувањата се македонската економијата во 2021 година да забележи раст од 3,6 отсто, додека во 2022 година економскиот раст да биде 3,5 проценти.

Во однос на земјите од Западен Балкан, Светската банка очекува Албанија да забележи раст на економијата од 5,1 проценти, Босна и Херцеговина 2,8 отсто, Хрватска 5,4 отсто, Србија и Црна Гора по 3,1, а Косово 6,1 проценти.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG