Достапни линкови

Народ ве плаќа, а си играте играчки - вие коментирате


Собрание на Република Северна Македонија

„Значи не е тоа што ние гледаме, вистината е тоа што они ќе кажат, исто како Сечено, Лепено, Монтирано“ - гласи еден од вашите коментари на социјалните мрежи на РСЕ за законот за петиот пакет анти-кризни мерки донесен од Собранието вчера недела 18 Април

Петтиот пакет економски мерки што Владата го намени за помош на 60.000 граѓани, за плати за февруари и март, и за стопански субјекти најтешко погодени од пандемијата по речиси 2 месеца натегања во Собранието е изгласан , а претседателот на државата, Стево Пендаровски го потпиша законот.

Веројатно превидувајќи дека претседателот ги нема потпишано баш сите закони усвоени од пратениците, Петре Николовски постирал: „... за тоа е поставен, само да потпишува“. Вториот пост ,исто така, е негативен. Ѓорѓи Ристески прашува „Дали некој со здрав мозок се запрашал дали овие тн. закони се легитимни?“. Нема други коментари освен овие два. Но затоа има повеќе реакции по повикот од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објавен на Твитер: „Пендаровски, не ги потпишувај законите кои се резултат на оваа седница“. Захарија Ќорвезироска кратко: „Ќе те праша тебе“.

И потоа се развила полемика меѓу Ќорвезироска и Пеце Петрески и Столе Топлев. Пеце Петрески ја навредува: „Браво северџанке за глупиот коментар“, на што Ќорвезироска му одговара исто така со навреда: „Ко нема да ти се соберат 60.000 граѓани што не зеле плата па да летаат пердуви од вас вмрони“. А Столе Топлев ја прашува: „Зимаш ли хонорар да спиеш на ФБ и да коментираш или 500 евра плата зимаш“, а Захарија Ќорвезироска му возвраќа: „Земам пензија изработена“, и така натаму.

По изјавата на координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески со која ги обвини претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Зоран Заев за намерно кочење на изгласувањето на Петтиот пакет антикризни мерки, Ванчо Коде налутено коментира против сите пратеници: „Македонскиот народ трпи заради сите вас“. Тони Русовски со смешковци на почетокот на постот и со алузии: „Значи не е тоа што ние гледаме, вистината е тоа што они ќе кажат, исто како Сечено, Лепено, Монтирано“. Славица Зајковска коментира: „Заради вас трпат сите за петтиот пакет. Се правите го сакате народот, а само лоши работи правите, срамота, ве прочита народот“. Марјан Јошевски вели: „Море невиден срам и брука сте. Народот ве плаќа и тоа дебело, а ви си играте играчки, криенки по собраниските ходници како глувци. Мизерија, ама што знаете вие за срам, чесност, човечност!!“ Петре Ангелов и против опозицијата и против „комуњарите“, како што ја нарекува позицијата: „Исти сте сите. Ништо подобри, на секој чекор мито и корупција... Во Берово една сточарска фамилија плаче, уште не ги добила ланските субвенции за овците. А оваа багра имат пари за фалшиви тендери и за Дубаи и по Мексико...“ Марјанчо Јорданов извикува „Браво!“, а Аце Брсакоски напишал: „Брука на бруките, како инаку ќе ни се смее светот. Неандерталци невидени и нечуени, ако имате грам мозок“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG