Достапни линкови

Собранието ги донесе антикризните мерки, гласаа и пратеници во скафандери


Собрание на Република Северна Македонија
Собрание на Република Северна Македонија

Со усвојувањето на антикризните мерки во Собранието фирмите и самостојните вршители на дејност ќе може до 30 април да аплицираат за помош за плати за февруари и за март

Со кавги и довикувања помина планарната седница на која пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата со 115 гласови „за“ ги изгласааа законските решенија за петтиот пакет мерки со кој ќе им даде парична помош на 20 илјади компании и околу 150 илјади граѓани кои имаат потреба од тоа, поради кризата настаната од пандемијата.

Станува збор за Законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, за месеците февруари и март 2021 година, Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година и Законот за изменување на Законот за данокот на личен доход, по скратена постапка.

Тензијата во Собранието беше предизвикана од одлуката на владејачкото мнозинство на седницата да присуствуваат и пратениците кои се позитивни на ковид-19. Две пратенички позитивни на ковид -19 присуствуваа односно учествуваа во седницата во посебни изолирани простории над салата облечени во скафандери и заштитни визири на лицето со цел овозможување на кворум.

Прво беше оддржана 32- та седница на која на дневен ред беа неколку закони и Националната стратегија за борба против корупцијата за 2021 -2025 година. Потоа беше оддржана и 36-тата седница на која пратениците од власта и опозицијата гласаа за носење на антикризните мерки кои во изминативе два месеца беа блокирани.

Пред почетокот на 36- тата седница, процедурално со деловникот во рака пратеникот од Левица Димитар Апасиев обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери направил кривично дело и дека го ставил во ризик целото Собрание по оваа седница да оди во карантин.

„До сега правевте театар од Собранието, но денеска направивте и кривично дело. Денеска во Собранието имаме двајца пратеници кои што се донесени спротивно на членот 11 од оваа одлука. Да е иронијата поголема, ова претставува кривично дело за кое не им важи пратеничкиот имунитет. И како што е познато, Заев ги пушта низ вода оние кои што му се негови слуги и извршители, јас им препорачувам на овие мои колеги, да не сум им во кожа на овие колеги кога ќе падне овој хибриден режим, затоа што први ќе одите во затвор за кривични дела против здравјето на луѓето по член 205 и 206 од кривичниот законик“ изјави Апасиев.

На ова претседателот Џафери изјави дека ова било наметната состојба и дека се води по донесените правилници за работа во ситуација на пандемија, со кои тие пратеници се сместуваат во изолирани простори од каде што ќе влезат и излезат без да имаат контакт со некого.

„Сум ви кажал и повторувам, дека се додека сум јас претседател на ова Собранието работата ќе се одвива според редоследот пропишан во деловникот а не по ултиматуми и уцени како што вие мислите“ изјави Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ: Петтиот пакет мерки трпи поради тврдоглавоста на Џафери и Заев

Координаторот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицкоски од собраниската говорница изјави дека денешниот театар во собранието е срамота и дека во ризик биле ставени сите пратеници.

„ Дали има нешто човечко кај вас и не се срамите од ова што го правите ?“ праша Мицкоски, кој посочи дека стравувал по неговата безбедност.

На денешната седница не беа присутни лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши кои вчера за емисијата на 360 степени изјавија дека планираат да присуствуваат на пленарната седница. Тие претходно имаа поднесено амандмани со кои беше блокирана работата на собранието поради барање на политичка волја за законот за државјанство. Станува збор за барање прво да се донесе нов Закон за државјанство со кој ќе се реши статусот на луѓето кои со години живеат во Македонија, а не можат да добијат државјанство. ВМРО-ДПМНЕ претходно го блокираше Предлог-законот за државјанство, поднесувајќи стотици амандмани.

Села, Гаши и Заев се договориле за законот за државјанство

Елми Азири од Алијанса на Албанците на прес конференција по завршувањето на седниците изјави дека претседателот на Собранието Џафери ја злоупотребил службата и двајца колеги пратеници кои се заболени со ковид-19.

„Ние сме сведоци на еден театар со единстевна цел да се прави медиумско шоу, и на некој начин албанската опозиција да се стави во одредена непочитувана положба иако ние бевме конструктивни до крај и претседателот на Собранието беше информиран дека ние ќе присуствуваме. Не гледаме причина зошто денеска нашите колеги пратеници кои се инфицирани со ковид-19 требаше да бидат присутни во Собранието“ изјави Азири.

Со усвојувањето на антикризните мерки во Собранието фирмите и самостојните вршители на дејност ќе може до 30 април да аплицираат за помош за плати за февруари и за март. Пролонгирањето на рокот за пријавување е предвидено со амандман што беше усвоен во Комисијата за финансирање и буџет.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG