Достапни линкови

Антикризните мерки во Собранието - ќе се надминат ли партиските интереси?


Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Пакетот антикризни мерки кои пратениците денеска ќе треба да го изгласаат, се однесува на парична помош за 20 илјади компании и околу 150 илјади граѓани. Прашањето е дали ќе има кворум, или власта ќе ги донесе во скафандери заболените од ковид-19 пациенти за да гласаат?

Пратениците денеска имаат уште една шанса да ги изгласаат законите од петтиот антикризен пакет кој е наменет за помош на компаниите со цел справување со последиците од пандемијата. Еден од клучните проблеми за денешната седница е дали ќе има кворум за оддржување на седницата.

На власта и недостасуваат тројца пратеници кои поради ковид-19 во моментов се на болничко лекување. Вчера кооординаторот на пратениците на СДСМ Јован Митревски за емисијата „360 степени“ изјави дека ако постигнатиот договор на премиерот Зоран Заев со лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и неговиот колега од Алтернатива, Африм Гаши за законот за државјанство не придонесе за нормализирање на работата на Собранието, тогаш ќе бидат принудени, пратениците од мнозинството кои се болни од ковид-19 да ги донесат во собраниската сала облечени во скафандери и да учествуваат во гласањето .

На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36-та пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32-та седница на која меѓудругото треба да се гласа и за Националната стратегија за борба против корупцијата 2021 до 2022 година.

Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот. Но, до тоа не дојде затоа што пратенциите и координаторите на пратеничките групи заедно со претседателот на Собранието со часови се расправаа за тоа што треба да биде прво на мени за гласање. Битката се водеше за тоа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери инсистираше да се изгласа 21 точка од 32 седница, односно да се изгласа Националната стратегија за борба против корупцијата 2021-2025 година која што исто така беше заглавена во собраниска процедура од лани, па потоа да се продолжи со 36- тата седница. Од друга страна опозицијата бараше да се одложи гласањето доколку парламентарното мнозинство нема кворум и да се почне со 36-тата седница.

Тензична ноќна седница во македонското Собрание

Координаторот на пратеничката група на ВМРО- ДПМНЕ Никола Мицевски вчера за ТВ „Сител“ изјави дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на 36тата седница на која се ставени на дневен ред антикризните закони но и на 32 седница која е пред тоа закажана.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во Собранието. Доколку немаат пратеници, сите 44 пратеници на ВМРО- ДПМНЕ ќе бидат во пленарната сала. Нема да бидеме внатре на 32. седница. Работа на претседателот на Собранието е да констатира има или нема кворум за 32. седница. Доколку има кворум, работи по 32.седница и завршува со неа. Доколку нема кворум, не ја ни почнува или констатира и ја презакажува за некој нареден период“, рече Мицевски.

Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата. Сојузот на синдикати вчера ги повика пратениците на разумност и свесност и без проблеми да ги донесеат антикризните мерки.

ССМ бара пратениците утре да покажат разумност

„За прв пат работодавачи побараа помош и поддршка од ССМ, а кои повеќе не можат да го издржат притисокот поврзан со обезбедување на нивна егзистенција и егзистенција на нивните семејства. Не дозволувајте како пратеници, подадената рака од работникот денес, да стане стисната тупаница утре,“ наведува ССМ во вчерашното соопштение.

Пакетот антикризни мерки кои пратениците денеска ќе треба да го изгласаат, се однесува на парична помош за 20 илјади компании и околу 130 илјади вработени, како и за 25 илјади граѓани од ранливите категории. Законите за антикризните мерки беа заглавени три месеци во Собранието по неколку основи.

Села – Некој не зел плата два месеци, но граѓаните без државјанство не зеле 30 години

Од една страна Алтернатива за Албанците и Алијанса го блокираа носењето на антикризните мерки поради немање политичка одлука за носење на закон за државјанство. Станува збор за барање прво да се донесе нов Закон за државјанство со кој ќе се реши статусот на луѓето кои со години живеат во Македонија, а не можат да добијат државјанство. ВМРО-ДПМНЕ претходно го блокираше Предлог-законот за државјанство, поднесувајќи стотици амандмани.

Села, Гаши и Заев се договориле за законот за државјанство

Од друга страна пак, веднаш по договорот меѓу Заев и Села и Гаши ВМРО-ДПМНЕ излезе со став дека веднаш ќе го деблокираат законот за државјанство и повикаа мерките што е можно поскоро да бидат изгласани во парламентот. Но, до тоа не дојде, затоа што пратениците се расправаа за кворум на седницата во четвртокот.

Доколку Собранието, во наредните денови ги усвојат антикризните закони, Фирмите и самостојните вршители на дејност ќе може до 30 април да аплицираат за помош за плати за февруари и за март. Пролонгирањето на рокот за пријавување е предвидено со амандман што беше усвоен во Комисијата за финансирање и буџет.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG