Достапни линкови

Капиталните инвестиции со низок старт


Фискален бројач објавен на Министерство за финансии
Фискален бројач објавен на Министерство за финансии

Инвестициски бум, рестарт на економијата заразена со ковид- 19 и капитални инвестиции за економски раст беа само дел од ветувањата за годинава. Но, фискалните бројачи покажуваат ниска реализација на капиталните инвестиции. Дури 40 институции не потрошиле ни денар од почетокот на годинава до сега.

Патишта, училишта, градинки, општи болници и модуларни болници, апарати за здравство, студентски домови, спортски објекти, хардвер, софтвер, се дел од капиталните инвестици на институциите за креирање на подобри услуги за граѓаните и развој на економијата. За нив годинава Владата планирала да потроши 394 милиони евра. Но, од почетокот на годинава до сега, се забележува ниска реализација на капиталните инвестиции. Според податоците од „фискалниот бројач“, во првите три месеци од годинава потрошени се само 15 отсто од капиталните инвестиции, или 60 милиони евра од планираните 394 милиони за цела година. Дополнително околу 40 институции кои се евидентирани во „бројачот“ имаат нула реализација на капиталните расходи. Тоа значи дека од почетокот на годинава не искористиле нити еден денар за унапредување на работата со купување на опрема.

Во оваа категорија влегуваат институции од безбедносниот сектор како Агенцијата за разузнавање, Оперативно-техничката агенција, Управа за финансиска полиција, но и инспекции како Државен пазарен инспекторат, Државен технички инспекторат и државен градежен иинспекторат и комунален инспекторат како и Инспекцискиот совет. Потоа Јавното обвинителство и Агенцијата за управување со одземен имот. Без потрошен денар за капитални инвестици во првите два месеци од годинава се и министерствата за правда, надворешни работи , за информатичко општество и администрација и економија.

Минатата година министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека посветено работат на решавање на проблемот со нереално планирање и лоша реализација на капиталните инвестиции од страна на државните институции. Бесими тогаш најави дека нереалното буџетирање ќе се надмине со концептот на СМАРТ-финансии што го воведува во Министерството.

„Во Министерството ќе има посебна единица за следење на капитални инвестиции, во Влада ,исто така, ќе има тело кое ќе ја поддржува реализацијата на инвестициите, доколку има одредена потреба за меѓуресорска координација“,изјави тогаш Бесими.

Според граѓанскиот буџет, минатата година завршила со речиси 40 проценти искористеност на парите за капитални инвестици од најмногу пари се потрошиле за водовод, канализација и причистителни станици и гасовод, додека најмалку пари за правда и правосудство, култура и здравство, кој е еден од најпогодените сектори во време на пандемијата. Лани за него биле потрошени 13 милиони евра, додека годинава во првите три месеци за капитални инвестици, министерството за здравство потрошило 1,7 милионни евра, што е 15 проценти од вкупниот предвиден износ за годинава за капитални инвестиции.

Технолошки развој и инфраструктура за побрз излез од ковид - кризата

Меѓу поголемите „трошаџии“ годинава со потрошени повеќе од еден но помалку од два милиони евра за капитални расходи се Владата, Министерството за одбрана, за образование, за финансии и за внатрешни работи.

Најмногу пари потрошило министерството за транспрот и врски односно вкупно 5 проценти од предвидените. Во буџетот за капитални расходи за ова министерство се одвоени 71 милиони евра, а во првите два месеци од годината биле потрошени 3,9 милиони евра.

Премиерот Зоран Заев на почетокот од годинава најави квантен скок во економијата преку капитални проекти.

„Годинава со Буџетот се предвидени за 20 отсто повисоки се средства за капитални проекти, односно над 23 милијарди денари. Самиот период на кризата би сакале да го искористиме како можност да добиеме квантен скок на економијата. Преку инвестиции во гасната инфраструктура ќе имаме гас и од Азербеџан, Катар, Америка, покрај рускиот гас. Се градат и ветерници, што ќе биде 100 проценти домашна инвестиција“, изјави Заев.

Но, податоците во првото тромесечие покажуваат поинаква слика.

Капитални инвестиции - останува надеж дека ќе биде подобро

Сепак, ниската реализација на капиталните трошоци не се случува само во време на корона-криза. Ако се погледнат податоците од изминатите години, ретко се стига до реализација од 80 отсто, и тоа откако со ребалансите се крати од првичниот план. Властите неодамна признаа дека проблемот лежи индиректно во лошо планирање, односно различните институции секогаш бараат од буџетот повеќе пари отколку што може да сработат.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG