Достапни линкови

Ребаланс на буџетските математики


илустрација
илустрација

Ниту некој ќе добие повеќе, ниту некој друг ќе изгуби многу, вели универзитетскиот професор Алаудин Зекири по усвојувањето на вториот ребаланс на буџетот. Власта тврди дека тој е неопходен, а опозицијата го смета за неприфатлив и се сомнева во ефектите од антикризните мерки опфатени со новиот буџет

За власта неопходност и поддршка на граѓаните и стопанството во услови на здравствена криза. За опозицијата неприфатлив и без очекувања дека ќе ја подобри економијата. Вториот ребаланс на буџетот во кој се планирани средства за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки во висина од 470 милиони евра за справување со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19 сепак веќе е усвоен.

Очекувано владејачките и опозициските пратеници имаат поделени мислења за ребалансот. Власта уверува дека со ребалансот им помагаат на граѓаните и стопанството. Според владејачката СДСМ со новиот ребаланс не запира ниту една од капиталните инвестиции и нивнта реализација оди во нагорна линија.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак смета дека власта не ја менаџира добро здравствената криза и оти пакетот мерки нема да ги даде очекуваните резултати. Нејзините сомневања ги темелат на како што велат неуспешните три пакети антикризни мерки кои беа донесени во периодот на кризата.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за четвртиот пакет мерки со кои се очекува да се спасат 83.000 работни места преку поддршка за исплата на плати за октомври, ноември и декември во износ од 14.500 до 21.776 денари месечно. Покрај тоа, предвидено е околу 283.000 граѓани да добијат платежни картички од по 6.000 денари за зајакнување на куповната моќ и приватната потрошувачка, а за компаниите погодени од кризата наменети се десетици мерки како грантови, бескаматни кредити, државна и царинска гаранција и даночни олеснувања.
Со ребалансот се предвидени 243 милиони денари што Владата ги издвои за здравството и ќе бидат распределени за набавка на лекот „Ремдесивир“, како и за набавка на вакцини и тестови за ковид 19.

Претставници на бизнис секторот велат дека ребаланс бил потребен за да стапат во сила предложените мерки за справување со последиците од пандемијата со ковид-19.

„Ребалансот е потребен, мерките кои се предвидени со него се добри и се во насока на поддршка на економијата од неколку аспекти. Во однос на обемот на средствата, средствата не се доволни, но ние сме сиромашна земја и нозете треба да ги испружиме колку што е долга чергата“, вели Мирче Чекреџи, сопственик на приватна фирма.

Ребалансот на државната каса е честа практика во секоја национална економија и особено во последниот квартал од годината, вели универзитетскиот професор по економија Алаудин Зекири. Тој вели дека пренамената на средствата е повеќе од потребна кога економијата е погодена од криза, како што е случај сега.

„Ниту некој добива нешто повеќе, нуту друг губи. Едноставно државата има потреба од тоа. Имајќи предвид дека 2020 година беше година во која недостасува вкупна факторска продуктивност во однос на капиталните инвестиции, главниот приоритет сега се мерките за малите и средни претпријатија за да се надминат потешкотиите со кои тие се соочија. Сметам дека стимулативните елементи за бизнис секторот се важни за развојот на економијата“, вели професор Зекири.

Но ребалансот носи и други предизвици, како што е опасноста од зголемување на и онака високиот јавен долг на домашната економија. Професорот Зекири вели дека расходната страна на буџетот зависи од можноста за акумулирање на приходите.

„Ние веќе немаме маневарски простор за да таргетираме големи капитални инвестиции бидејќи јавниот долг е деструктивен фактор. Јавниот долг е над 60 проценти од БДП и веќе сме во една ризична зона каде што треба добро да процениме дали пак ќе се задолжиме со кредитни линии или ќе го избоксуваме овој последен квартал од годината“, вели професор Зекири.

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски на собраниската говорница истакна дека зголемувањето на јавниот долг се должи на негативните ефекти од корона-кризата и ако таа не се случела, како што рече, немало да има потреба да се зголемува.

„Според проекцијата на ММФ, падот на глобалната економија за оваа година е проектиран на 4,4 проценти, а на еврозоната на 8,3 проценти. Падот на нашата економија според сопствените внатрешни проекции е 4,4 проценти, а според таа на ММФ е 5,4 проценти што е во рамките на падот на компаративните држави од регионот и во светски рамки. Зголемувањето на јавниот долг се должи исклучиво на негативните ефекти од кризата. При пад на економската активност, а со цел за брза заштита на населението и брза реакција во услови на ваква пандемија кога се затвораат голем дел од индустриите и синџирите на набавка, се донесоа мерки кои се финансираат од страна на централниот буџет за кои беше неопходно и задолжување“, истакна Ковачевски.

Во новиот ребаланс вупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари, расходите на 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто повеќе во споредба со иницијалниот Буџет за 2020 година, а дефицитот е позициониран на 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП. Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари се пониски во однос на планот за 2020 година.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG