Достапни линкови

Капиталните инвестиции високи само при планирањето


Илустрација

Владата постојано најавува инвестициски бум, годинава и како мерка за надминување на економските последици од пандемијата на корона-вирус, но во првите седум месеци од годинава, биле потрошени само 37 отсто од планираните пари за инвестиции за целата година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најавува решавање на проблемот со нереално планирање и лоша реализација на капиталните инвестиции од страна на државните институции.

Владата постојано најавува инвестициски бум, годинава и како мерка за надминување на економските последици од пандемијата на корона-вирус, но податоците на Министерството за финансии покажуваат ниска реализација на капиталните инвестиции.

Во првите седум месеци од годинава, биле потрошени 118 милиони евра за капитални трошоци, што е 37 отсто од планираното за целата година. Во буџетот за годинава владата предвиде дека за инвестиции во инфраструктурата, изградба на водовод, канализација, школи, болници, патишта и гасоводи ќе потроши 386 милиони евра, но со ребалансот во мај ги скрати овие трошоци за 70 милиони евра. Со новиот ребаланс, што е во подготовка, овие пари дополнително ќе се скратат, со оглед на тоа што фирмата што ја градеше пругата Куманово – Бељаковце од Коридорот 8 се откажа од изградбата.

Сепак, ниската реализација на капиталните трошоци не се случува само во време на корона-криза. Ако се погледнат податоците од изминатите години, ретко се стига до реализација од 80 отсто, и тоа откако со ребалансите се крати од првичниот план. Експертите велат дека се работи за лошо планирање, односно различните институции секогаш бараат од буџетот повеќе пари отколку што може да сработат. Од друга страна, капиталните инвестиции „се пумпаат“ на почетокот на годината за буџетот да се прикаже како развоен, а потоа со ребалансот се кратат, за на крај на годината и тие да не се искористат повеќе од 80 проценти.

Во интервју за Радио Слободна Европа, што ќе го емитуваме в недела, министерот Бесими вели дека нереалното буџетирање ќе се надмине со концептот на СМАРТ-финансии што го воведува во Министерството. Во таа насока најавува и измени на Законот за буџет, кој наскоро ќе биде ставен на јавна расправа.

„Во Министерството ќе има посебна единица за следење на капитални инвестиции, во Влада исто така ќе има тело кое ќе ја поддржува реализацијата на инвестициите, доколку има одредена потреба за меѓуресорска координација. Меѓутоа тука, во овој проект за СМАРТ-финансии имаме јасна поддршка од меѓународните институции и од Европска комисија, има во системот на менаџирање со јавните финансии, дополнителни средства, грант од 5 милиони евра за систем, за софтвер за буџетирање и планирање, исто така разговараме со Светска банка за дополнителни средства за да може да имаме систем, софтвер, односно апликација и во Финансии и во Управа за јавни приходи за да може да се вкрстат податоците, за да може подобро да планираме“, вели Бесими.

Професор Марија Зарезанкова Потевска вели дека е добро што министерството за финансии засилено ќе се ангажира околу зголемувањето на реализацијата на капиталните инвестиции, сепак клучна е политичката волја.

„Не се мисли за капитални инвестиции. Сведоци сме на постојани меѓусебни, не е убав збор, но тоа е факт, кошкања меѓу партиите. Само се занимаваат со себе, на прв поглед изгледа како да не мислат на државата“, вели таа.

Пругата кон Бугарија и автопатот Велес – Битола, како и хидроцентралите Чебрен и Галиште се ветувања во речиси секоја предизборна кампања во изминатите деценија, но од нив нема ништо. Владата сега најавува и изградба на пруга кон Албанија.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG