Достапни линкови

Вести

Сопругата на Навални ја напушти Русија

илустрација, приведувањето на сопругата на Навални, Јулија
илустрација, приведувањето на сопругата на Навални, Јулија

Сопругата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, Јулија денеска ја напушти Русија и замина во Германија, јавува руската новинска агенција Интерфакс. Според нивните извори, таа денеска од аеродромот Домодедово во Москва заминала во Франкфурт. Јулија Навални неодамна беше приведена поради учество во демонстрации кои настанаа како поддршка за нејзиниот сопруг кој одлежува затворска казна.

Претходно денеска рускиот суд издаде потерница за приведување на Леонид Волков, близок соработник на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, неколку часа откако беше додаден на списокот за потраги во земјата. Волков, кој во моментов е со седиште надвор од Русија е обвинет дека повикал малолетници да учествуваат во несанкционирани масовни митинзи кон крајот на јануари.

44-годишниот Навални, најголемиот критичар на Путин, беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија каде се лекуваше од труење со нервен агенс, за кое рече дека е нарачано од рускиот претседател Владимир Путин. Тоа Кремљ го негираше.

види ги сите денешни вести

Десетици уапсени на протестот во Ереван за договорот за границата со Азербејџан

Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024
Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024

Ерменската полиција уапси најмалку 151 антивладини активисти кои протестираа против контроверзниот договор за демаркација на границата со Азербејџан, додека ја спроведуваат кампањата за „граѓанска непослушност“ блокирајќи ги улиците во центарот на Ереван на 13 мај.

Органите за спроведување на законот за ерменската служба на Радио Слободна Европа изјавија дека приведените не ги почитувале полициските наредби.

Акциите на граѓанска непослушност беа спроведени на повик на архиепископот Баграт Галстанијан, кој бара оставка од премиерот Никол Пашинијан поради договорот за границата.

Ереван и Баку постигнаа прелиминарен договор во протоколот потпишан на 19 април, со кој Ерменија ја отстапува контролата врз четири села кои Ереван ги контролира од 1990-тите.

Масовни протести во Ереван против договорот за границата со Азербејџан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Пашинијан рече дека се неопходни еднострани отстапки за да се спречи воената агресија на Азербејџан против Ерменија.

Некои од сојузниците на Пашинијан во парламентот ги обвинија неговите противници за оркестрирање на пучот и се обидоа да го поврзат движењето со поранешниот претседател Роберт Кочарјан или руските интереси. Тие, исто така, го обвинија Галстанијан (52) дека е руски шпион, без да дадат докази за ваквите тврдења.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој беше мнозинска етничка ерменска енклава од распадот на Советскиот Сојуз и е меѓународно призната како територија на Азербејџан.

Во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах заедно со седум околни области што ерменските сили ги зазедоа за време на претходниот конфликт.

Откако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на еднодневната воена операција во септември, а речиси 100 000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија.

Израелските сили ги засилуваат нападите врз бегалскиот камп Џабалија во Газа

Појасот Газа, мај 2024 година
Појасот Газа, мај 2024 година

Израелските тенкови, под силен воздушен и копнен оган, влегоа подлабоко во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во понеделник (13 мај), објавија медиумите, додека тенкови и војници преминаа на клучниот автопат на периферијата на јужниот град Рафа.

Вооруженото крило на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, соопшти дека неговите борци биле вклучени во вооружени пресметки со израелските сили на една од улиците источно од Рафа и источно од Џабалија.

Во Џабалија, тенковите се обидуваа да напредуваат кон срцето на кампот, најголемиот од осумте стари бегалски кампови во Газа. Жителите рекоа дека тенковски гранати паднале врз центарот на кампот и дека воздушните напади уништиле голем број куќи.

Жителите и здравствените работници изјавија дека неколку луѓе биле убиени и ранети во серија воздушни напади врз кампот во текот на ноќта. Лекарите рекоа дека не можат да испратат тимови во некои од бомбардираните области поради интензитетот на израелското бомбардирање, но има извештаи за загинати.

Во Рафа, во близина на границата со Египет, Израел ги засили воздушните и копнените бомбардирања на источните делови на градот.

Жителите велат дека израелските тенкови го пресекле патот Салахудин кој го дели источниот дел од градот, додека источниот дел на Рафа е „град на духови“.

Во Израел, војската се огласи со сирени неколку пати во областите во близина на Појасот Газа, предупредувајќи на потенцијален ракетен и минофрлачки истрел од палестинска територија.

Израелската војска доцна во саботата соопшти дека силите кои дејствуваат во Џабалија го спречуваат Хамас, кој владее со Газа, да ги обнови своите воени капацитети таму.

Бројот на загинати од израелската воена операција во Појасот Газа надмина најмалку 35 000 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.

Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа околу 1200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници.

Дел од српската опозиција ќе ги бојкотира изборите во Белград

илустрација
илустрација

Рокот за поднесување изборни листи за изборите во Белград на 2 јуни истече на полноќ, а дел од опозициските партии, обвинувајќи ја владејачката партија дека не создава фер изборни услови, решија да бојкотираат, што значително ги намалува шансите на опозицијата да ја победи владејачката Српска напредна партија (СНС).

Во декември минатата година се одржаа избори во Белград, но тие ќе бидат повторени откако владејачката СНС не успеа да формира мнозинство од советниците во градското собрание и со тврдењата на опозицијата дека изборите биле украдени, меѓу другото, со миграција и носење гласачи надвор од Белград.

На предлог на дел од парламентарната опозиција изменет е Законот за единствен избирачки список, со кој се предвидува граѓаните кои го промениле местото на живеење во изминатите 11 месеци да не можат да гласаат на својата нова адреса, а ограничувањето важи за периодот од 3 јуни 2023 година до 3 јуни годинава.

Но, не успеа кампањата на граѓанските организации и опозицијата за отстранување на името на српскиот претседател од избирачкиот список на СНС, кој формално поднесе оставка од партијата во мај минатата година.

Името на Вучиќ беше на списокот на декемвриските парламентарни избори и на претстојните белградски и локални избори, иако тој не бил и не е кандидат за ниту една функција, што опозицијата и експертската јавност го сметаат за прекршување на уставните и законските норми.

Градскиот изборен комитет во Белград уште еднаш ја прифати листата на СНС со името на Вучиќ, а такви листи се поднесени и за локалните избори што ќе се одржат на 2 јуни во уште 64 општини и градови низ Србија.

Германскиот суд ја потврди екстремистичката класификација за десничарската АфД

илустрација
илустрација

Највисокиот германски суд денеска (13 мај) пресуди дека домашните безбедносни служби можат да продолжат да ја третираат екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) како потенцијално екстремистичка партија.

Одлуката на судот значи дека разузнавачките служби го задржуваат правото да ја држат АфД под надзор, вклучително и прислушувањето.

Германското разузнавање ги класифицираше и АфД и нејзината младинска организација Јунге Алтернатива (ЈА) како можни десничарски екстремистички групи.

АфД, која продолжува да е на врвот на анкетите во неколку источни држави кои ќе одат на избори подоцна оваа година, е под зголемена контрола поради наводните расистички изјави на нејзините членови, како и наводите дека во нејзините редови има руски и кинески шпиони и агенти.

Пресудата на повисокиот управен суд во Минстер ја потврдува претходната одлука на понискиот суд во Келн.

Главната политика на АфД е тврдокорниот антиимиграциски став, додека партијата профитира од зголемената загриженост на многу германски гласачи за зголемениот број на баратели на азил.

„Пресудата го потврдува она што го кажуваме со години: АфД е крајно десничарска партија која сака да ја ослабне нашата демократија и владеењето на правото“, рече во изјавата Феликс Колб, шеф на антиекстремистичката група „Кампакт“.

АфД има околу 20 отсто од гласовите на националните анкети, во услови на големо незадоволство од трипартиската коалиција на канцеларот Олаф Шолц.

Првата дама и шефот на украинската дипломатија во прва посета на Србија од руската инвазија

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска
Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, од неделата (12 мај) се во билатерална посета на Белград.

Тоа е прва посета на високи украински достоинственици на Србија од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Кулеба во понеделник треба да се сретне со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, како и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Посетата започна со обиколка на градската библиотека во Белград во друштво на сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, а Зеленска го обиколи градот и неговата средновековна тврдина Калемегдан, јави агенцијата Танјуг. Другите медиуми не беа информирани за овој настан.

Како што е најавено на Инстаграм профилот на Зеленска, таа го посети археолошкиот локалитет со изложбата „Римска сала“ во градската библиотека во Белград, како и „украинската полица“, катче од библиотеката со украински книги што е основана под нејзино покровителство.

Таа присуствувала и на потпишувањето на договорот за соработка меѓу универзитетите во Белград и Киев.

Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, која го вклучува и полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Сепак, иако Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) од 2012 година, Србија не ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Брисел, ниту ги усвои санкциите што нејзините западни партнери и ги воведоа на Русија по инвазијата на соседна Украина.

Зеленска и Кулеба допатуваа во посета на Србија десет дена по изборот на новата влада, која ја следат контроверзии поради имињата на двајца министри блиски до Русија, поради што Белград претходно беше изложен на критики од ЕУ и од САД.

Се работи за Александар Вулин, прорускиот вицепремиер и поранешен шеф на разузнавањето кој е под санкции на Соединетите Држави и за Ненад Поповиќ, министер без ресор, со политички и деловни врски во Русија, кој исто така е санкциониран од САД.

Што се однесува до претседателот Александар Вучиќ, тој се сретна со украинскиот лидер Володимир Зеленски три пати од февруари 2022 година, кога започна руската инвазија, за време на меѓународни форуми во странство, а последен пат на регионален состанок во Тирана во февруари.

Од 2022 година, Србија прифати илјадници украински бегалци, испрати хуманитарна помош во Украина и вети помош во деминирањето на земјата и во нејзините повоени напори за обнова.

Официјална Софија по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова: Договорите мора строго да се спроведуваат

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност, како со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, така и со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија (РСМ). Ова се вели во ставот на бугарскиот в.д. премиер Димитар Главчев, по повод инаугурацијата на Гордана Сиљановска-Давкова.

Ова, како што пренесува БТА, е и ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој претходно денеска го пренесе, прес-службата на неговиот кабинет.

„Бугарија постојано и јасно го кажа својот став дека договорите мора строго да се спроведуваат. Убедени сме дека европската перспектива на Република Северна Македонија целосно зависи од имплементацијата на меѓународните договори во кои е членка, како и од одобрениот од Европскиот совет во јули 2022 година“, се посочува во соопштенијата од кабинетите на Главчев и Радев.

Двајцата, исто така, потсетуваат дека Република Северна Македонија е членка на НАТО, од кое што произлегуваат соодветните обврски и одговорности.

Новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, вчера ја презеде функцијата откако положи заклетва пред Собранието, при што во името на државата ја изостави придавката „Северна“, што предизвика низа реакции од Грција и ЕУ за почитување на Договорот од Преспа од 2018 година.

МНР: Избраните државни функционери да бидат внимателни кон меѓународно преземените обврски

Министерство за надворешни работи на РСМ
Министерство за надворешни работи на РСМ

Министерството за надворешни работи денеска (13 мај) соопшти дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби и на сите меѓународно преземени обврски како што е целосното почитување на Договорот за стратешко партнерство меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, познат како Договорот од Преспа.

МНР повикува на внимателност од страна на политичките чинители, особено, како што наведува, од избраните државни функционери.

„Изминативе седум години, двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултираше и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД. Повикуваме на внимателност од страна на сите политички чинители, особено на избраните државни функционери. Задржувањето на евроатлантскиот курс на земјава претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата“, нагласува МНР.

Реакцијата на МНР следува откако вчера на инаугуративната седница во македонското Собрание, новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова не го употребуваше уставното име на државата Северна Македонија, туку името Македонија.

Литванскиот претседател и премиерката одат во вториот круг од претседателските избори

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда и премиерката Ингрида Шимонита
Литванскиот претседател Гитанас Наузеда и премиерката Ингрида Шимонита

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори, објавија официјални извори во понеделник (13 мај).

На изборите во неделата, Наузеда освои 44 отсто од гласовите, додека премиерката Ингрида Шимонита речиси 20 отсто, според прелиминарните резултати објавени од Централната изборна комисија на Литванија.

Во првиот круг учествуваа осум кандидати, што направи да биде тешко некој да добие 50 проценти од гласовите потребни за целосна победа во првиот круг. Вториот круг на гласање е закажан за 26 мај.

Изборите се во време кога руските придобивки во Украина ги подгреваат стравувањата за намерите на Москва, особено во стратешки важниот балтички регион.

Главните задачи на претседателот во политичкиот систем на Литванија, која е членка на НАТО, се да ја надгледува надворешната и одбранбената политика, заедно со функцијата врховен командант на вооружените сили.

Имајќи предвид дека Литванија е стратешки лоцирана на источното крило на НАТО, на претседавањето со релативно мала нација му се придава дополнителна важност, бидејќи тензиите меѓу Русија и Западот се зголемуваат поради војната во Украина.

И Наузеда и Шимоните ја изразија својата поддршка за Украина.

Двајцата беа ривали и во вториот круг од претседателските избори во 2019 година, кога Наузеда победи со 66 отсто од гласовите.

Русија соборила 16 проектили и 31 беспилотно летало по украинскиот напад во Белгород

Дел од урната зграда откако беше погодена од ракета истрелана од Украина, Белгород, 12 мај
Дел од урната зграда откако беше погодена од ракета истрелана од Украина, Белгород, 12 мај

Русија во понеделник (13 мај) соопшти дека уништила 16 ракети и 31 беспилотно летало лансирани од Украина во текот на ноќта на руска територија, вклучително и 12 над пограничниот регион Белгород, по нападот претходниот ден каде загинаа 15 лица.

„Оштетени се пет куќи во Белгород, но според првичните информации нема повредени“, напиша на Телеграм гувернерот Вјачеслав Гладков.

Инаку ден претходно, 15 лица загинаа во Белгород кога дел од станбен блок се урна откако беше погоден од фрагменти од соборената ракета од советската ера, лансирана од Украина и соборена од руските сили, соопшти Русија.

Руското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека 12 наведувани проектили биле лансирани од украинскиот повеќецевни ракетен фрлач Вилха.

Министерството исто така соопшти дека над Крим биле соборени четири водени ракети „Олуја сенка“ и седум беспилотни летала, уништени се осум беспилотни летала над регионот Курск и четири биле пресретнати над Липецк.

Украина размислува да регрутира осуденици за војната против Русија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Во Украина немаше изјави за напади на руска територија. Киев тврди дека нападите врз руската воена, транспортна и енергетска инфраструктура ги поткопуваат воените напори на Москва и се одговор на безбројните смртоносни напади на Русија.

По силното гранатирање на североисточниот украински регион Харкив, руските сили во последниве денови ја пробија границата и велат дека ги потиснале украинските сили од најмалку девет села во областа.

Овој потег се заканува да отвори нов фронт и ја принуди Украина да ангажира дополнителни трупи во областа додека руските сили напредуваат на клучните точки долж фронтот на југ и на исток.

Руските трупи во неделата објавија дека зазеле уште четири села - Катишче, Красне, Мороховец и Олиников во украинската област Харкив.

Руските воени блогери тврдат дека Русија користи нумеричка супериорност за да навлезе во релативно небранети области со мали, но многу мобилни единици кои ги опколија украинските позиции. Началникот на украинската армија рече дека силите на неговата земја се соочуваат со тешка ситуација во борбите во областа Харкив, но дека прават се што можат за да ја задржат линијата.

Во грузискиот парламент последно читање на предлог-законот за странски агенти

Протести против законот за странски агенти во Тбилиси, Грузија, мај 2024
Протести против законот за странски агенти во Тбилиси, Грузија, мај 2024

Во грузискиот Парламент денеска ќе започне последното читање на предлог-законот за странски агенти, што предизвика масовни протести во Грузија, јави ДПА.

„Третото и последно читање на законот ќе започне денеска во Тбилиси, а пленарното гласање е закажано за утре“, изјави претседателот на парламентот Шалва Папуашвили.

Партијата на владејачкото мнозинство Грузиски сон вели дека сака да донесе поголема транспарентност во однос на странското финансирање на невладините организации.

Десетици илјади луѓе во поранешната советска република демонстрираа против законот во главниот град Тбилиси. Критичарите на законот велат дека владата го моделирала според законот за странски агенти на Русија и дека новата легислатива има за цел да ја попречи работата на независните здруженија и медиуми.

Во Русија, многу организации и поединци се означени како странски агенти, што често им создава сериозни правни проблеми, јави ДПА.

Опозициските партии во Грузија ја повикуваат владата да се откаже од предлог-законот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG