Достапни линкови

Мала администрација-„желба“ на секоја власт


Вработени во државна администрација, илустрација
Вработени во државна администрација, илустрација

Бројот на огласи и интересот за работа во администрацијата расте. Предизборните ветувања за нејзино намалување остануваат на хартија. Во пракса недостига политичката волја, а ЕУ бара испорака на резултати и во оваа област

Намалувањето на администрацијата останува еден од предизвиците на новата Влада, која во својата предизборна програма вети дека ако дојде на власт, ќе се справи со преобемната администрација, а бројот на вработени ќе го намали за 20 проценти. За потребите од реформи во оваа област се зборува веќе неколку години, а истите се дел од поглавјата за преговори за членство во Европската Унија.

А бројот на вработени и натаму расте

Во меѓувреме, бројот на граѓани кои сакаат да работат во јавната и државна администрација континуирано расте. Статистиката на Агенцијата за администрација регистрира голем број кандидати на огласите за работни места во администрацијата. Па така во 2019 година имало 517 огласи преку кои се барале 1.669 административци, а на огласите се јавиле 15.969 кандидати. Бројот на јавни огласи е исто така зголемен за 23,89 отсто, од кои бројот на оние во државната управа, односно без локалната, е зголемен за дури 60,71 отсто повеќе, објави Агенцијата за администрација.

Според годишниот извештај на Министерството за информатичко општество и администрација заклучно со 31.12.2019 година 132. 900 лица имаат засновано работен однос во вкупно од 1.3242 институции на јавниот сектор. Во однос на 2018 година, бројот на вработените во институции од јавниот сектор е зголемен за 832. Јавните установи пак имаат најголем број на вработени, односно во нив вкупно се вработени 67.684 лица распоредени во три групи: административни (јавни) службеници, даватели на јавни услуги и помошно-технички лица. Во органите на државната власт има 16 522 вработени.

Вкупниот број на вработените во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број на пополнети работни места, од причина што има вработени пред сѐ во областа на образованието и во здравството кои пополнуваат работни места во две или повеќе институции на јавниот сектор.

Што е сигурно, сигурно е

Според експертите, иако платите во администрацијата не се високи, граѓаните сакаат да се вработат таму, пред се поради перцепцијата дека државата е најсигурен работодавач. Упатените велат дека под притисок на Меѓународната заедница и репутацијата на неспособна, непрофесионална и партизирана администрација, власта ќе мора да повлече линија, па и да примени непопуларни мерки, односно да покаже политичка волја за спроведување на оваа реформа.

Реформите во јавната администрацијата се вклучени во првиот кластер од преговарачката рамка која се изработува според новата методологија на ЕУ. Токму овој кластер кој опфаќа неколку поглавја, меѓу кои и администрацијата, се нарекува „основи“ и се смета за најважниот кластер. Тој ги опфаќа поглавјата кои се однесуваат на правосудството и основните права, правдата, слободата и сигурноста, функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација, економските критериуми на јавната управа и јавни набавки како и финансиската контрола и истиот трае во текот на целиот преговарачки процес.

ЕУ ќе притисне

„Сигурен сум дека ќе се врши притисок врз нас, ако веќе сакаме во ЕУ и сакаме да трошиме европски пари, Европа нема да дозволи парите да одат на непродуктивна администрација. Европскиот систем не трпи скапи, некомпетентни и неефикасни потсистеми, а нашата администрација ќе биде всушност еден потсистем на европската администрација. Јас мислам дека ќе не натераат да го направиме тоа до завршувањето на целиот преговарачки процес“, вели професор Темелко Ристески од Факултетот за општествени науки.

Тоа што ниту една власт не сака да ги спроведе реформите во администрацијата до крај, според професорката Беса Кадриу од Факултетот за администрација на Штуловиот Универзитет, е поради тоа што во административците гледаат сигурно гласачко тело, бидејќи голем дел од вработените таму се поради партиски заслуги.

„Ние ја употребуваме јавната администрација за вработување на партиски војници и на тој начин не сме направиле ништо, бидејќи не даваме приоритет на професионалност, функционалност, транспарентност и други европски начела кои се важни за функционирање на јавната администрација“, вели Кадриу.

Ристески додава дека она што недостасува е всушност искрената политичка волја за справување со администрацијата и дека реформите во оваа област се сведуваат само на предизборни ветувања.

„Власта тактизира и не сака да направи незадоволни граѓани, посебно кога опозицијата користи секакви методи за да ја поларизира јавноста. Власта ќе мора тоа да о направи но само со примена на пофини, а не радикални мерки“, вели Ристески.

Една од мерките кои старо-новата влада ги предложи додека министер за информатичко општество и администрација беше Дамјан Манчевски е предлогот за префрлање на прекубројните вработени од јавниот во приватниот сектор за што ќе нуди одредени поволности. Предизборно беа најавени и стимуланси, така што оние административци кои ќе склучат договор со приватна фирма ќе добијат отпремнини, а работодавачот би добил субвенции.

Од синдикатот на работниците од УПОЗ се надеваат дека присилно отпуштање на работници нема да има, туку само доброволно. Но, во јавноста останува отворено прашањето зошто и дали приватните фирми би ги вработиле луѓето кои за државата се вишок?

Професорката Кадриу нема дилема дека овој е еден од начините да се ослободиме од обемната администрација. Таа вели дека тоа мора да се направи што поскоро, бидејќи кога ќе се отвори поглавјето за оваа област, земјава ќе биде под мониторинг на Европската Унија.

„Јавната администрација не треба да се перцепира само како сектор во кој има вработување и ништо друго. Сметам дека зајакнувањето на приватниот сектор, би била една од алтернативите која може да помогне, но и други аспекти на кои владата треба да работи, како на пример да има подобар пристап кон администрацијата и преориентирање на работната сила кон други сектори во кои има можност за работни места“, вели Кадриу.

Приватниот сектор пак во последниве години се жали дека поради иселувањето има сè помалку квалификувани работници и оти тешко доаѓаат до квалитетен кадар. Еден од нивните предлози е државата да ја плати преквалификацијата на прекубројните од јавниот сектор за да може полесно да се вработат во приватниот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG