Достапни линкови

Ред камшик, ред реформи за јавната администрација


Шалтер за лични документи
Шалтер за лични документи

Ако сакаме во ЕУ, ќе мора да се работи, а не дел од администрацијата да оди по кафиња и да чита весници, вели премиерот Заев. Реформите за средување на администрацијата се болни и бавни, но мора да се спроведат, велат експерти.

Со камшик или со реформи, како да се оправат работите во јавната администрација. Премиерот Зоран Заев речиси во секоја јавна изјава нагласува дека прават сè за да се постигнат стандардите на Европската унија, како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните.

На граѓанските трибини, како дел од коалицијата „За европска Македонија“ пред референдумот, Заев рече дека евроинтеграциите освен што носат вредности и стандарди, носат и обврски.

„И не да кажувам, ќе кажувам плус. Тоа значи камшикар! Доаѓаат овде да не потсредат малку, заради тоа што мораме и да се средиме. Оти дел од администрацијата сабајлето во 8.30 е на работа, кафето, нога преку нога, хахах-хихуху, весникот и ајде по кафичите. Не, не, има да работите во 8 саат ако сакаме Европа, а ќе има плати и по две и по три илјади евра“, рече Заев на средба со граѓаните во Струга.

Но, може ли работите во администрацијата да се средат само со камшик?

Академик Таки Фити вели дека администрацијата е недоволно способна, ниско платена и партизирана.

Дел од администрацијата не е доволно способна, особено кога станува збор за спроведување на крупни проекти, како капиталните инвестиции, а поради недоволно познавање на проблемот слабо оди и искористеноста на европските фондови, вели академик Таки Фити за РСЕ.

„Тука мораме да работиме, основното е млади луѓе, вработување не по партиски критериуми, тука е проблемот, ами вработување по стручност и она што се вика МЕРИТ систем, напредување според заслугите, и тоа се тешки реформи, болни реформи, но полека, полека и тука ќе бидеме подобри“, вели тој.

Дека процесот на средување е долг, но мора да се реши се согласува и професор Темелко Ристески, чија научна област е и јавна и државна администрација. Тој посочува дека на земјата и треба мала, ефикасна и стручна администрација, а периодот до влезот во ЕУ треба да се искористи да се направат сериозни чекори за промена во администрацијата.

Инаку, идеална администрација нема ниту во најразвиените земји, но сепак таму има солидна администрација која е вистински сервис на граѓаните. И таму има помалку или повеќе мито и корупција, но кај нас за жал има многу корупција, гледање на лични интереси, неодговорност“, вели тој.

Професор Ристески додава дека има добра нормативна регулатива којашто е усогласена со европските стандарди, но проблемот е во тоа што луѓето во администрацијата не се придржуваат до таа регулатива.

Министерот за администрација Дамјан Манчевски неодамна изјави дека раководните лица во јавната администрација ќе се бираат преку транспарентна постапка и со јасни стандарди и критериуми кои ќе бидат прецизирани со нов Закон за висока раководна служба. Според него, ова е еден чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација.

„Македонија е прва земја од регионот којшто со започнување на оваа реформа се обврзува преку нов закон да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализација на адмнистрацијата што е една од главните цели на реформата во јавната администрација“, рече Манчевски на прес-конференција.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG