Достапни линкови

Зошто приватните фирми би сакале да го вработат вишокот од јавниот сектор?


Илустрација

Владата работи на пакет-мерки што ќе им ги понуди на вработените од јавниот сектор, кои ќе бидат идентификувани како прекубројни, за да заминат во приватни фирми. Сепак, се наметнува прашањето зошто приватните фирми би сакале да ги вработат овие луѓе кои и за државата се вишок.

Дискутабилно е колку ќе биде успешна владината иницијатива за префрлање на прекубројните вработени од јавниот во приватниот сектор за што ќе нуди одредени поволности. Владата најави дека сè уште работи на моделот со кој вработените од јавниот сектор, кои ќе бидат идентификувани како непотребни, ќе му бидат понудени на приватниот сектор. Професорот по администрација Темелко Ристески, пак, вели дека приватните фирми за никакви субвенции нема да преземат неработници.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, пред неколку дена рече дека државата ќе плаќа и отпремнини за да ги натера прекубројните административци да заминат во приватниот сектор. За мерките за префрлање на вработени владата разговара со синдикатите и со стопанските комори.

„Имаме неколку предлози. Едното е доколку приватната фирми понуди повисока плата на некој којшто сме го идентификувале дека нема потреба од тоа работно место во јавниот сектор, тогаш државата е спремна да ги плати придонесите во одреден временски период за овој вработен. Вториот пакет е по предлог на дел од стопанските комори државата да финансира преквалификација на дел од овие луѓе со што ќе станат атрактивни за приватниот сектор врз основа на анализите. Третиот е класичен со одреден вид на отпремнини“, изјави Манчевски.

Приватните фирми и сега преземаат квалитетни вработени од јавниот сектор, нудејќи им повисоки плати. Сепак, се наметнува прашањето зошто приватниот сектор би сакал да вработи некого што и за државата е вишок. Професор Ристески вели дека во јавниот сектор има квалитетни луѓе со богато искуство и оти тие лесно би се префрлиле во приватни фирми ако им се понудат повисоки плати.

„Не верувам дека ќе вработуваат баш такви, неработници, луѓе со лоши работни квалитети. Такво нешто не може да се очекува, дури и под услов да добијат субвенции. Некој што ќе му штети, којшто ќе му ја кочи работата, којшто ќе продуцира неефикасност не би го вработил па не знам за каква и да е субвенција“, вели Ристески.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, пак, вели дека очигледно е дека има проблем во администрацијата и легитимно е владата да се обидува да најде решение.

„Дали е ова решението? Ние од приватниот сектор на прва би рекле не е, но во таква бројка на вработени, во таква структура, јас мислам дека може да се најдат луѓе, меѓутоа сето тоа мора да се прави на пазарна основа. Тоа значи дека ако приватниот капитал, што го застапуваме ние, можат да платат подобра цена, не е неочекувано дел од тие да се префрлат таму. Така што, може да не се исполнат очекувањата, но може да започне процесот“, вели Азески.

Приватниот сектор во последниве години се жали дека поради иселувањето има сè помалку квалификувани работници и оти тешко доаѓаат до квалитетен кадар. Еден од нивните предлози е државата да ја плати преквалификацијата на прекубројните од јавниот сектор за да може полесно да се вработат во приватниот.

Во меѓувреме, постојано има огласи за вработувања во јавниот сектор. Опозицијата обвинува дека се работи за предизборни вработувања, додека власта се брани дека и покрај тоа што на одредени места има вишок, има недостиг од други профили вработени за администрацијата непречено да функционира.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG