Достапни линкови

Квалификуван кадар има, но не сака да работи за малку пари


Илустрација
Илустрација

Работодавачите постојано се жалат дека недостигаат квалификувани работници. Во Агенцијата за вработување има повеќе невработени отколку што се нудат работни места, но ако се погледнат огласите за работа, може да се забележи дека често се нуди минимална плата за доктори или за инженери.

Недостигаат квалификувани работници во Македонија или недостигаат квалификувани работници за мали пари? Работодавачите постојано се жалат дека не можат да најдат квалификувани работници. Работниците, пак, велат дека не им се исплати да кинат чевли за 12 илјади денари.

Според Агенцијата за вработување, во Македонија има над 185 илјади невработени, од кои над 95 илјади луѓе активно бараат работа. Од друга страна, има над 6.300 активни огласи за вработување.

На пример, во моментов има 16 огласи за вработување програмер. Платите што се нудат се движат од 15 до 43 илјади денари. Во моментов во земјава има пријавено 18 невработени програмери. Има четири отворени огласи за ѕидари, со плата од околу 12 илјади денари, а во Македонија има над 130 невработени ѕидари. Има речиси 200 невработени шивачи, а во моментов има 23 активни огласи за вработување шивачи, за кои најчесто се нуди минимална плата од 12 илјади денари.

Во државава постојано се нагласува и дека недостигаат лекари и дека голем дел од нив се иселуваат во западните земји. Во Агенцијата за вработување има 8 огласи за вработување доктори, а платата што се нуди е меѓу минималните 12 илјади денари, па до највисоката понуда од 38 илјади денари. Како невработени се пријавени над 120 доктори по општа медицина, но неизвесно е колку тие би се пријавиле на оглас за вработување кој нуди минимална плата.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на средбата со премиерот Зоран Заев минатиот месец рече дека во услови на недостиг на стручен кадар треба да се забават активностите за привлекување странски инвеститори, затоа што нема кој да работи.

Во меѓувреме државата почна со проект на преквалификација на невработените, според потребите на бизнис секторот. Азески рече дека стручниот кадар е клучен за нивната работа.

„Мислам дека влезот на странските компании во зоните и надвор од нив повлекоа доста кадар којшто беше во евиденцијата на агенциите и сега таму останаа само луѓето кои практично без дополнителна преквалификација не може да бидат апсорбирани во тој процес. Сето тоа нè наведува на помислата дека апсолутен приоритет мора да се даде на тоа прашање“, рече тој.

Имајќи предвид дека за речиси сите работни места има повеќе луѓе што бараат работа, отколку слободни работни места, се наметнува прашањето дали навистина во земјава недостига стручен кадар или недостига стручен кадар што ќе работи за малку пари.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев, вели дека добар кадар во Македонија ќе има сè помалку. Луѓето заминуваат од Македонија поради ниските плати и поради чувство на неправичност во општеството, вели тој.

„Треба сите во општеството да се прашаат на кој начин може да се промени оваа состојба, вклучително и оние коишто распишуваат конкурси за инженери, лекари и кои било други професии коишто бараат знаење, дали навистина може да го добијат потребниот кадар со таа понуда“, вели Гошев.

Тој посочува дека навистина има проблем меѓу образованието и барањата на стопанството и има потреба од преквалификација, но оти тоа нема да го реши проблемот.

„На крајот оние што се квалификувани не остануваат овде. Логично е прашањето: Што ако се преквалификуваат, ако повторно владеат истите односи во општеството? Одлуката на тие луѓе повторно ќе биде иста – ќе побараат среќа надвор од земјата“, вели Гошев.

Според податоците на Светската банка, една третина од високообразованите луѓе од Македонија живеат надвор од земјата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG