Достапни линкови

Каде ќе можат да летуваат македонските граѓани?


Министрите за туризам на земјите членки на ЕУ договорија заедничка патна здравствена исправа со која нивните државјани ќе може да патуваат летово и во услови на пандемија од коронавирус. Засега не е јасно дали ова ќе важи и за македонските државјани кои имаат безвизен режим со ЕУ.

Здравствени пасоши, негативен тест, еден во својата држава, по можност уште еден во земјата во која сакате да патувате, а кога ќе минете граница, по дополнителните гранични контроли, можно е да ве дочекаат плажи со кутии од плексиглас, на плажите да не можете да влезете во моментот кога ќе посакате поради ограничен број луѓе за да се обезбеди физичка дистанца, туку да чекате кога ќе се испразни...сето ова е можно да се случува во оваа летна сезона поради коронавирусот кој се уште и на крајот на април, е во фаза на светска пандемија.

Министрите за туризам на земјите членки на Европската унија деновиве се состанаа за да разговараат за оваа туристичка сезона, а договорија да има заедничка патна исправа што ќе важи за сите земји на Унијата. Во таа исправа ќе има податоци за здравствениот и безбедносниот дел од протоколот при патување.

Засега, според најавите од ЕУ, можноста за патување со таканаречениот „пасош Ковид-19“ би важела само за државјаните на земјите членки, а не и за Македонија која е кандидат за зачленување во унијата.
Соседна Грција пак е една од најчестите дестинации кои ги посетуваат македонските граѓани кои одат на одмор, а се уште не се знае дали и годинава тие ќе може да патуваат земајќи предвид дека засега договореното е само на ниво на членки на ЕУ.

Од македонските државни институции велат дека до нив досега не стигнало никакво известување од Европската унија за плановите за патување. И од Министерството за надворешни работи и од Министерството за економија, под чии ингеренции е туризмот нагласуваат дека и во ЕУ протоколите за патувањата се се уште е во фаза на планирање и договарање.

Билјана Пејоска - Ристеска, извршен директор на Стопанската комора за туризам вели дека повеќето туристичките агенции веќе откажале аранжманите не само поради сегашната ситуација во која повеќето држави ги имаат затворено границите, туку и заради доста усложнетата процедура за патување која веќе се најавува.

„Македонија не е членка на Европската унија и како ќе се одвиваат комуникациите меѓу државите се уште не е јасно, може да биде билатерално. Ние имаме, како здравствен систем договор со одредени држави, меѓутоа не со сите и со сите е различен. Се зборува дека ќе има екипи на границите кои ќе прават проверка за Ковид19 , еве на пример со Грција, па не е јасно како ќе ги организирате патниците ако одите со аражмански групи. Дали два часа додека трае проверката за Ковид19 ќе ги држите луѓето на граница?“, вели Пејоска - Ристеска.

Таа додава дека според нивните проценки македонските државјани во последниве две години покрај во Грција, која е земја членка на ЕУ доста патувале и во Турција и Египет. Но тоа што овие земји не се членки нема големо влијание во моментов земајќи предвид дека и нема летови со кои може да се стигне до таму.

„Сметам дека оваа сезона ќе биде многу нејасна, многу тешка и од тие причини некако не сме оптимисти дека ќе може без проблеми да се изведе“, вели Пејоска - Ристеска.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, рече дека е извесно отворањето на границите периодов што следи,а дека за тоа како ќе се одвива патувањето се очекуваат и препораките од Светската здравствена организација.

„Јас мислам дека ниту патувањето ќе биде исто, ниту густината на седење во превозните средства ќе биде иста. Сметам дека како што и Германија, Чешка и ние воведовме носење задолжителни маски, мислам дека тоа ќе биде терк во сите земји во Европа и во светот“, рече Филипче.

Во меѓувреме, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги објави олеснителните мерки за неговата земја. Она што е интересно за македонските државјани е дека на први јуни се планира да почнат со работа угостителските објекти, а ќе се отворат и хотелите кои што функционираат во текот на целата година. Но, Мицотакис рече и дека во текот на летото речиси е невозможно да се дозволат големи собири, додавајќи дека „новиот коронавирус ќе живее меѓу нас“.

Туризмот инаку е една од најпогодените гранки од пандемијата со Ковид-19 и се проценува дека тоа влијае врз животите на околу 75 милиони луѓе кои се вработени во тој сектор. Светската организација за туризам на Обединетите нации (UNWTO) дека сто отсто од глобалните дестинации за туризам во моментов имаат рестрикции за патување.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG