Достапни линкови

Растот и падот на СЈО


Нелегално прислушување во УБК од гевгелиското обвинителство и ја донесе функцијата Специјална обвинителка на Катица Јанева, но четири години подоцна откако се објавија нелегално снимани разговори за изнуда на пари на осомничени во предмети на СЈО Јанева e во притвор.

Во позајмена тога пред 4 години на овој ден специјалната обвинителка Катица Јанева во Советот на јавни обвинители даде свечена заклетва дека чесно и професионално ќе ја извршува новата функција. По заклетвата им се заблагодари на сите политички фактори и меѓународната заедница кои го поддржале нејзиниот избор.

„Пред вас седам и стоев сама, но за еден месец ќе ме видите со мојот тим позади мене како ги преземаме случаите кои се во нашата надлежност и ќе почнеме со работа“ изјава кратко пред медиумите.

Тој септември 2015 важно беше дека конечно некој „специјален “ ќе ги постави темелите на казнивост на функционери кои се огрешиле пред законот, нешто што од почетокот на таа година се слушаше во таканаречените бомби на опозицијата.

Масовно прислушување на над 20 илјади луѓе, местени тендери, изборни измами, украдени пари од државниот буџет, уништен судски систем со партиски војници кои наместо правда исполнува политички желби,местенки и сомнежи за заташкани судски предмети беа дел од обвинувањата кои тогашна опозициска СДСМ ги адресираше на тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Зовриената политичка криза и објавените нелегално прислушувани разговори со силна меѓународна поддршка ја создаде идејата за формирање на Специјално обвинителство кое ќе гони криминал што произлегува од индиции од снимките што ги доби опозицијата од „свиркачи“ во УБК. Откако во септември Јанева ја доби поддршката од Советот на јавните обвинители со „амин“ од опозициските лидери Зоран Заев и Мендух Тачи како и од тогашниот премиер Никола Груевски и неговиот коалициски партнер Али Ахмети, во првата недела од ноември го претстави својот тим од 12 обвинители.

Уште од самото формирање па до крајот СЈО ја брануваше јавноста и беше причина за чести политички расправии. Мотивите честопати беа различни, од барањата на Јанева за лично обезбедување, потоа од големиот буџет што го доби во споредба со тој на Основното јавно обвинителство, до платите кои ги добиваа вработените, па бројот на истражители со кои работеа , барањата за простории и квалитетни услови за работа, обемните и детални извештаи за нивната работа па и за начинот на кој држеа прес конференции како и нивната содржина.

Првата прес конференција во присуство на странски амбасадори во знак на поддршка на 12 февруари 2016 година ја разгори надежта за битка со криминалот во власта. Првата истрага именувана како Титаник за изборни измами ги стави на тапет на осомничени сега поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, нејзиниот колега Миле Јанакиевски и тогашниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски. Следуваше и втора прес конференција, за истрагата именува како Тортура каде што како осомничен беше посочен директорот на Управата за контраразузнавање до тогаш недопирливиот Сашо Мијалков.

„Тортура“ - нов случај на СЈО
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:48 0:00


Во време кога за него во јавноста само се шепотеше, обвинителката Фатиме Фетаи пред медиумите изјави дека постои првоосомничениот директор на УБК поради дискриминација на политичка основа ги навел останатите осомничени припадници на Алфите да предизвикаат душевно страдање кај тогашниот опозициски политичар Љубе Бошковски на ден по парламентарните избори во 2011 година.

„Правдата ќе ве стигне секаде и сите, не постои совршено злосторство“ беше една од неколкуте познати изјави на обвинителката Фетаи за таканаречените „недопирливи функционери“ од поранешната власт.

Нивните редовни прес конференции го сменија и начинот на известување, станаа главна атракција на социјалните мрежи и секое пренесување во живо носеше голем број на гледачи за медиумите, односно за оние кои известуваа.

По Титаник и Тортура следуваше и Тврдина- истрага за тоа кој го вршел незаконското масовно прислушување, Таргет, Транспортер и 15 други обвиненија со име кое почнуваше на Т во изминативе години стигнаа до судница.

Аболицијата ја донесе шарената револуција пред портите на СЈО

По неколкуте први прес- конференции и претседателот Ѓорѓе Иванов на 15 април 2016 се приклучи во обидете на власта да ја попречува работата на СЈО. Иванов со одлуката за аболиција на 50-тина осомничени даде повод за „шарената револуција“.

„Нема правда нема мир“се слушаше секој ден во 6 часот попладне на протестите кои во знак на поддршка почнуваа од пред привремените канцеларии на СЈО и продолжуваа со боење на многу институции и привремени судири со полиција. Најчеста жртва на демонстрантите и на графити, бои и јајца беше Триумфалната капија како синоним на мегаломанскиот контроверзен проект „Скопје 2014“.

Еден месец „Шарена револуција“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:20 0:00

СЈО тогаш брзо делуваше – на прес конфереција во присуство на странски амбасадори соопшти дека истрагите за перење на пари и финансиски криминал стана новата привремена задача на СЈО.

Возбудата и надежта за правда кај демонстрантите порасна и со крикот на Јанева „Отвори, Отвори“ пред портите на Управата за безбедност во МВР кога со тешко добиен налог од судија доцна во ноќта заедно со неколку обвинители од нејзиниот тим тргна во претрес на „Тврдината на Мијалков “.

СЈО:Раководители од УБК проневериле над 800 илјади евра
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00


Во општеството добија слава рамна на рок ѕвезди. Во странските медиуми Јанева, Фетаи и Ленче Ристоска беа нарекувани Чарлиевите ангели, според позната американска серија.

Прв на распит од високите функционери беше лидерот на ДУИ Али Ахмети, по него во обвинителската канцеларија доаѓаа и Никола Груевски,Сашо Мијалков, Мендух Тачи и речиси сите поранешни министри.

Тимот на специјални обвинители бараа притвор за над десетина поранешни функционери од власта, но се до изборите ниту еден судија не се осмели да им ги одобри таквите барања. Се соочуваа со секакви сопки од институциите, од препреки од Врховниот суд до институции кои не им даваа пристап до документи. Во меѓувреме и сведокот на СЈО Коста Крпач почина во сомнителни околности.

За после две години по покренувањето на обвиненијата во јавноста да останат запаметени притворите на Миле Јанакиевски кој како бумераг веднаш по излегувањето за нов случај се носеше назад во КПУ „Затвор Скопје“ како и притворот на Сашо Мијалков кој набрзо по гласањето на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за уставните измени ја напушти притворската ќелија.

Падот на СЈО


Тивкиот пад на СЈО стартуваше со предметот „Империја“ каде осомничен беше бизнисменот Орце Камчев и десетина други за перење на 10 милиони евра. Тогаш обвинителите се повлекоа од јавноста, тоа беше прва поголема истрага за кога немаа прес конференција. Изјавите за медиумите се намалуваа и граѓаните се помалку информации добиваа. Судските случаи се развлекоа. По пресудата за предметот Тенк, поранешниот премиер Груевски кој стана почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ побегна и доби азил во Унгарија. Од вкупно 21 обвинение судска завршница добија само случајот за злоупотреба на службена должност при набавка на ексклузивниот Мерцедес, каде со затворски казни завршија Груевски, Јанкуловска и нејзиниот заменик министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски.

Судски исход имаа и обвиненијата против уредниците од СителИвона Талеска и Драган Павловиќ Латас.

Со затворска казна која се уште не е правосилна помина и Мијалков и неколкумина обвинети за предметот Титаник 2.

Локалните и светските медиуми пред четири години ги глорифицираа, а македонската јавност триеше раце, надевајќи се дека криминалците ќе завршат во затвор, а парите ќе бидат вратени. Но, ниту главните осомничени се во затвор, ниту на парите им се гледа трага, освен нешто ситно.

Анкетите покажуваат дека довербата во СЈО која до бегството на Груевски достигна и до 45 проценти, веќе следната година почна драстично да опаѓа.

Во екот на судските реформи започнаа и преговорите за смена на Јанева, односно за предефинирање на статусот на СЈО.Преговорите за судбината на СЈО и предметите траеја со месеци.

Јанева во почетокот на годинава излегуваше со најави дека планира повторно да се конкурира за нов мандат како Специјален обвинител.

Тогашното барање на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за нејзино разрешување, според Јанева, „ниту држи вода, ниту е на место и нема основа“.

„Мене не може да ме сменат, како мислите да мене да ме сменат“ одговори Јанева на новинарско прашање.

По таквиот самоуверен настап, на 15 јули година јавноста делумно ја изненади нејзината оставка која дојде на само неколку месеци пред приведувањето на Бојан Јованоски познат како Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец осомничени во предметот Рекет на јавното обвинителство. После текстовите во дел од медиумите за „Кики, Фрики и Коки“ и уценувањето на бизнисмени со истраги, следуваа и снимени разговори каде што на интерфон се слуша и гласот на Јанева како учествува во разговори за постапките против Камчев.

Нејзиниот тим на прес конференција се огради од сомнежите за нејзините постапки, но во јавноста останаа многу неодговорени прашања. Дали Јанева е СЈО или не и како нејзините постапки влијаеле врз предметите ќе се знае откако тие ќе се преселат во проширеното Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција кое треба да се надгради со новиот закон за кој преговараа политичарите.

На само една година пред предвремениот истек на мандатот на СЈО кој беше договорен во Пржино останува нејасно дали можеше оваа приказна да има поинаков од овој неславен крај.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG