Достапни линкови

Империја „испрала“ најмалку 10 милиони евра


Цветан Панделески, приведен во случајот на СЈО „Империја“ се носи пред судија на претходна постапка.

Осомничените во Империја „испрале“ најмалку 10,5 милиони евра, покажуваат првичните истраги. Одбраната на осомничените ги обжaли одлуките за притвор. Адвокатите велат дека нивните клиенти нема да избегаат. „Империја“ на СЈО засега опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но истрагата се проширува.

Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании, покажуваат првичните истраги на СЈО, потврдуваат од Специјалното обвинителство за РСЕ. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6. 3 милиони евра. Но ова се само почетните суми, истрагата се проширува и на други лица и фирми, а веројатно ќе има и други кривични дела, велат од СЈО.

Од СЈО демантираат написи на одредени медиуми според кои осомничениот бизнисмен Јордан Камчев бил приведен без налог. Од Обвинителството велат дека имало издадено наредба за лишување од слобода и предлог за притвор. Не е точно и пишувањето дека Камчев е приведен без да биде завршен претрес во сите фирми. Од СЈО велат дека последниот претрес е на фирма на која тој не и бил управител. За време на последниот претрес бил присутен управителот и неговиот адвокат, велат од СЈО.

Дел од адвокатите на осомничените во случајот Империја, ја обжалиле одлуката на судот да им одреди притвор на нивните клиенти. Адвокатите за РСЕ велат дека нема опасност нивните клиенти да избегаат и ги отфрлаат, како што велат, тврдењата на СЈО дека нивните клиенти се богати и имаат имот, па затоа може да избегаат. Тоа е едната компонента од барањето за притвор, велат од СЈО, но останува и другата - можност за влијаење на сведоци.

Од Судот соопштија дека жалбите се примени.

Жалбите ги темелат на повреда на постапката и на погрешно утврдена фактичка положба.

Дел од одбраната вели и дека немало опасност дека осомничените ќе ги уништат доказите, затоа што тие и законски не мора да чуваат документи повеќе од 10 години, а истрагата, како што соопштија од СЈО се однесува на период од 2002 до 2013.

Во една од жалбите на одбраната стои и дека СЈО приложило снимени разговори прибавени со ПИ мерки во последните 4 месеци, во кои според обвинителството, осомничен во истрагата влијаел врз сведоци. Одбраната смета дека разговорите и транскриптите од нив треба да му бидат презентирани на осомничениот за тој да го објасни мотивот и да каже дали разговорите се веродостојни.

Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти и дека им е замрзнат имотот на осомничените во случајот Империја на СЈО. Исто така биле привремено забранети финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат и судот им наложил на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите.

Од СЈО соопштија дека судот определил привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица ДПТУ Орка холдинг АД Скопје и ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на правните лица ДПТУ Ексико ДООЕЛ Скопје и ДПТУУ Тимох увоз извоз ДОО Скопје.

Петмина осомничени во случајот добија притвор од 30 дена. Меѓу нив е и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев. Од СЈО само ги открија имињата на тринаесетмината осомничени и дека се гонат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.

Специјалното обвинителство изврши претреси во 12 компании кои се опфатени со истрагата, меѓу кои „Орка холдинг“, „Систина“, „Стопанска банка-Битола“, хотелите „Мериот“ и „Ибис“, „Пелистерка“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

Се работи за фирми во кои бизнисменот Камчев е дел од сопствеништвото. Името на Камчев се поврзува со фирмата Ексико, која има удели во ЗК Пелагонија, Стопанска Банка - Битола, Здравје Радово, а порано имаше и во Бетон Штип.

Освен Камчев, во притвор е и неговиот бизнис партнер Ненад Јосифовиќ, кој е во надзорниот одбор на „Стопанска банка – Битола“ и работел во повеќе фирми на Камчев.

Притворен е и Цветан Панделески, директор на земјоделскиот комбинат Пелагонија и заедно со Камчев има удел во Здравје Радово. Неговиот син Дејан Панделески е сопственик на Пелистерка, и претседател на Одбор на директори на Бетон Штип и е дел од одборот на Стопанска банка-Битола.

Дејан Панделески е во кумашински врски со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Јанакиески неодамна рече дека е вработен во Пелистерка.

Прв сопственик на Ексико е Жарко Луковски, кумашин на еден од обвинетите во Империја, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Мијалков се доведува во релација со Ексико и со фирмата за обезбедување СГС. Во прислушуваните материјали што ги објави СДСМ, Мијалков зборуваше за вработување на луѓе во фирмата за обезбедување. Мијалков неодамна го откупи делот на Камчев во хотелот Мериот на плоштадот Македонија. Со тоа стана сопственик на една третина од хотелот. Од досега јавно објавените податоци Мијалков не може директно да се поврзе со другите фирми.

Поранешен директор на Ексико бил и Небојша Стајковиќ, вработен во УБК во времето на претходната власт. Неговиот брат Владислав Стајковиќ е еден од обвинетите во Империја, а претходно неговото име се спомнуваше исто така во „бомбите“ за набавка на израелска опрема за прислушување преку фирмата НВСП. Владислав Стајковиќ бил и директор на Финзи, а потоа на неговото место доаѓа сега покојниот Коста Крпач, кој се самоуби откако СЈО отвори истрага.

Фирмата НВСП, пак, е прв сопственик на агенцијата за обезбедување СГС, а првата адреса на СГС е онаа на која сега се води фирмата Ексико. Сегашен директор на Ексико е Тодор Мирчевски. И тој е во притвор за „Империја“. Освен тоа, Мирчевски бил и неизвршен член во Бетон Штип, на Жито Полог и на Пелагонија.

Во притвор е и сметководителката на фирмите на Камчев, Зорица Арсовска.

Во оваа истрага на СЈО, која опфаќа период од 2002 до 2013, осомничени се мајката и сестрата на Јордан Камчев, Ратка Куноска Камчева и Христина Камчева Стојческа. Осомничена е и правничката Лилјана Гајдовска, која е овластено лице во повеќе фирми на Камчев. Еден од осомничените е и Ванче Мијалчев извршен директор на градежната компанија „Бетон – Штип“.

Осомничениот Дејан Јанев, пак, како што пишуваа медиумите, бил управител на О.Т.Е Инвест која беше акционер во „Пелагонија“. Јанев е и управител на Комплекс Александрија, која е поранешна Искра ММ која пак беше во сопственост на Ексико и на Дејан Панделески.

Јованче Тасковски, пак, во 2013 година бил избран за претседател на одборот на директори на ЗК „Пелагонија“.

Предметот го води обвинителката на СЈО, Лиле Стефановска. Специјалната обвинителка Катица Јанева изјави дека од Основното јавно обвинителство пред половина година презеле предмети на кои сега тие се надлежни и за кои имаат право да подигнат обвинение. Од СЈО тврдат дека имаат докази дека осомничените лично или преку фирмите кои ги поседуваат извршиле кривични дела, а Јанева најави и проширување на истрагата.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG