Достапни линкови

Јанева - Милошоски се занесува; Милошоски – обвинител не може да биде со шестки


Антонио Милошоски и Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека се надева дека ќе се надмине отпорот од опозицијата и Законот за обвинителство ќе биде донесен многу брзо.

Имам позитивни сигнали дека Законот за јавно обвинителство, во кој треба да се реши и идниот статус на СЈО, ќе биде донесен многу брзо, вели специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Одговарајќи на новинарски прашања, таа рече дека не очекува предлог-законот да претрпи големи измени, и оти се надева дека ќе се надмине и отпорот од страна на опозицијата.

„Не може да преговара лице, многу пати сум кажала, кое веќе има предмет во предистрага и во истрага и дава квалификации за СЈО, за мојата личност или за кое било прашање поврзано со СЈО. Тука мислам на Антонио Милошоски, кој многу се занесува во своите изјави“, рече Јанева.

Милошоски, во изјава за Радио Слободна Европа, одговара дека обвинител не може да биде некој што завршил факултет со шестки.

„Сите политички релевантни субјекти, коишто сакаат обвинителството да има поквалитетни кадри, се согласуваат дека во иднина, секој следен обвинител, посебно специјален јавен обвинител, којшто би бил дел од државното обвинителство, треба да има повисок просек од Правниот факултет и останувам на тоа мое мислење, коешто ценам дека ќе го подобри квалитетот на работата на обвинителството“, вели Милошоски.

Тој се согласува дека има расположение да се најде заедничко решение. Треба да се почитуваат субординацијата и хиерархијата во обвинителството пропишана со уставот и да нема привилегирани обвинители.

Јанева рече дека засега се спорни членот 105, кој се однесува на продолжувањето на истрагите кои ги отвори нејзиниот тим по 30 јуни 2017 година, разговорите и предметите, но оти и меѓународната заедница дава јасни насоки. Таа посочи дека во овој период, кога е на сила мислењето на Врховниот суд, нема да ризикуваат и да поднесуваат нови обвиненија, затоа што обвиненијата се поткрепени со многу докази, без разлика на прислушуваните разговори.

Јанева рече дека е отворена истрага и во однос на новите „бомби“ кои се објавуваат во последниот период на Фејсбук. Јанева рече дека досега е утврдено дека дел од тие „бомби“ се истите кои ги има и СЈО.

Професор Никола Тупанчевски, пак, вели дека носењето на законот за јавно обвинителство е еклатантен пример како не треба да се носи закон во Македонија, затоа што е исклучена стручната јавност.

„Треба да постои одредба каде што еднаш засекогаш ќе бидат отстранети толкувањата дали прислушуваните разговори може да претставуваат доказ во кривичната постапка. Се разбира дека законот е ирелевантен, но решението е релевантно, без оглед за кој закон се работи. Ако ве интересира моето мислење, би било подобро тоа да е решено во Законот за кривична постапка“, вели Тупанчевски.

Тој посочува дека државата треба да има единствен став во однос на прислушуваните разговори и потсетува дека според Европскиот суд за човекови права нелегално прислушувани разговори во одредени случаи може да се користат како доказ, а тоа треба да се однесува и на новообјавените разговори на социјалните мрежи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG