Достапни линкови

СЈО не е само Катица Јанева


Интегритетот на СЈО не е загрозен, дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во обвинителството и не смее да ги доведат под прашање постапките кои се водени досега, вели тимот на СЈО. Јанева не се појавила на работа, иако формало се уште е шеф.

Зачувување на интегритетот на СЈО е примарниот интерес на обвинителите и истражителите во СЈО, изјави обвинителката Ленче Ристоска во името на тимот на СЈО. Таа вели дека стојат зад досега завршената работа и уверува дека сите предмети по кои се постапувало се водени законски. Но, додава дека внимателно ги следат случувањата и дека обвинителите од тимот се подеднакво загрижени.

„Сите можни сомненија кои инволвираат поединци или на некој начин ја инволвираат оваа институција нема да го доведат во прашање интегритетот на постапките во кои ние имаме постапувано. Целокупната работа на ова јавно обвинителство останува и верувам дека освен осудителните пресуди ќе имаме и осудителни пресуди за предметите за кои има судски постапки“ рече таа.

Обвинителката апелираше побрзо да се расчисти случајот кој беше отворен од страна на ОЈО, а во кој беше одреден притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец. Претходно пак специјалната обвинителка Катица Јанева поднесе оставка, а подоцна ОЈО соопшти дека заради истрагата е одземен мобилниот телефон на јавен обвинител. Ристоска вели дека и во интерес на СЈО е случајот побрзо да се реши за да не биде доведен во прашање и личниот и интегритетот на институцијата.

„Лично не се чувствувам како колатерална штета, бидејќи целокупното мое лично постапување било во рамки на законите, било во рамките на интегритетот кои го имам и сум го пропагирала секогаш и сметам дека работата која ја имаме завршено како СЈО и која продолжуваме да ја работиме говори за самото тоа и не може во никој случај да бидете колатерална штета. Тој што се огрешил, одговорност мора да има и да одговара, сите се еднакви пред Уставот и законите и не ретерираме и затоа сме тука да покажеме дека стоиме на линијата да се најде одговорноста, но со почитување на постапките“, посочи Ристоска.

Стефанова - Сè што излегло од СЈО е со потпис на Катица Јанева
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:42 0:00

Таа вели дека внимателно следат што се случува и ги повика сите кои се засегнати да се обратат до надлежните, како и тоа дека се подготвени за соработка со ОЈО. Тимот на Јанева за нејзината оставка дознал истовремено со јавноста, кога таа го преку соопштение ја објави. Денеска специјалната обвинителка не се појавила на работа, а тимот функционира. Ристоска посочи дека таа и Елизабета Јосифовска се нејзини заменици а дека формално правно Јанева до септември е нивниот шеф.

Во пресрет на најавената лидерска средба обвинителите од СЈО ги повикуваат политичките партии да застанат во интерес на граѓаните и да овозможат ова обвинителство да ги спроведе сите истраги кои се интерес на јавноста.

Инаку во недостиг на детали за истрагата на ОЈО во јавноста Јанева се поврзува со сомневање за уцена на осомничен во предметот на СЈО познат како Империја. ОД СЈО се децидни дека тоа се две различни постапки и дека истрагата за Империја е жива и нема да запре поради новата истрага на ОЈО.

Иако изјавата во името на тимот на СЈО ја даваше Ристоска, на инсистирање на новинарите одговори даде и обвинителката Лиле Стефановска, чие име се најде во шпекулациите дека и таа е дел од истрагата на ОЈО.

Обвинителката Стефановска вели дека секој документ што излегува од Обвинителство има потпис единствено од Катица Јанева. Па така потписот на Стефановска не стои на ниту една одлука што излегла од СЈО.

„Ниту за мислењата за пуштање од притвор, ниту одлуката за патни исправи. Сите одлуки ги носи и ги потпишува Катица Јанева, така е согласно законот“, вели таа.

Стефановска вели дека немало претрес кај неа и не стравува од нејзино инволвираност во новиот случај. А запрашана дали треба Катица Јанева да стравува, таа рече - Прашајте ја неа!.

Во исто време прес конференција одржа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој побара притвор за Јанева.

„Компромитираното СЈО е завршена работа, а првиот чекор треба да биде притвор за Катица Јанева и за сите други вмешани во овој криминален октопод. Исполнети се сите услови. Можност за повторување на делото, затоа што Јанева и денес е прв човек на корумпирано СЈО, постои можност за бегство и за влијание врз сведоци. Сето останато е само слабо и бледо алиби“, смета Мицкоски.

„Империја“ го возвраќа ударот врз СЈО

Драмата и шпекулациите околу рекет на осомничен бизнисмен во предметите на СЈО која вчера се одвиваше му наштети на имиџот на Специјалното обвинителство и ќе влијае негативно врз кредибилноста на нивните предмети, велат познавачите на судскиот систем.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG