Достапни линкови

Апсења, напаѓачи и амнестија во фокусот на медиумите


Осомничени за насилствата во Собранието на 27 април.

Апсењето на бегалците Грујевски и Бошкоски, притворот за напаѓите на Зијадин Села, барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се амнестираат насилниците од 27 април во Собранието, се топ темите за кои пишуваат медиумите.

Сите печатени и електронски медиуми во средата вечер ја пренесоа веста на ТВ 24 дека двајцата поранешни началници во МВР, Горан Грујевски и Никола Бошковски се уапсени синоќа во Солун. Обајцата се обвинети од СЈО во споените предмети „Тврдина“ и „Таргет“ а се повеќе од два месеца во бегство откако кривичниот суд им определи мерка притвор.

СЈО ги товари за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало. Порталот Плусинфо денеска пишува дека македонските власти се известени за апсењето од страна на грчката полиција која постапувала по меѓународната потерница за двајцата бегалци. Нова Македонија објави и дека „Кривичниот суд ги прифати обвиненијата за ’Труст‘ и за ‘Тотал‘“. Во првиот предмет отворен од СЈО првоосомничен е бизнисменот Сеат Кочан и уште две физички лица и три фирми за местење и учество на тендер на ЕЛЕМ со фалсификувани документи во вредност од 17 милиони евра. Во вториот предмет првообвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас за затајување данок.

Од Нова Македонија дознаваме и дека СЈО на рочиштето за случајот „Сопот“ доставило разговор меѓу Јанкулоска и Мијалков како доказ поврзан со тој предмет што се случи во 2003 година кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа откако теренско возило на НАТО нагази на мина, а потоа десет лица беа осудени за тероризам.

Порталот Република објавува дека судот во Загреб во отсуство му изрекол мерка притвор на првиот човек на „Агрокор“, Ивица Тодориќ, но нема ниту збор дека за четворица напаѓачи на Зијадин Села на крвавиот четврток во Собранието во април годинава судот им определи 30-дневен притвор, како што објавија Нова Македонија и Вечер, и дека е определен притвор за уште тројца новоосомничени напаѓачи, како што информира порталот Фокус.

Главна вест на интернет порталот Курир е дека во Штип, симпатизер на СДСМ, пред вториот круг на локалните избори организирал „погреб“ на досегашниот градоначалник Захариев. Оваа вест ја објави и порталот Фокус.

Барањето, преку соопштение, на ВМРО-ДПМНЕ да се амнестираат насилниците од 27 април во Собранието, Слободен печат го објави на насловната со текст: „ВМРО-ДПМНЕ бара, но СДСМ не дава – нема амнестија за тие што се обидоа да убијат пратеници“, заедно со фотографија на разуларената толпа и раскрвавениот Заев. Фокус ја пренесува и веста на ТВ 24 дека „Обвинителството истражува 140 мобилни телефони за евентуална поврзаност на учесниците на потешки кривични дела од учество во толпа на крвавиот четврток“.

Порталот Курир, го обвинува СДСМ со наслов: „Низа инциденти, пукање, палење и кршење на закони – МВР молчи за инцидентите пред, за време и по првиот круг на изборите“. По договорот за коалиција во вториот круг на локалните помеѓу Алијансата на Албанците и Беса, Вечер наслови: „Борба за 12 општини помеѓу Беса и Алијансата против ДУИ!“. Вечер како да навестува: „ДПМНЕ-овец или ВМРО-вец? Или двете – Мицковски и Милошоски фаворити за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ“, а Слободен печат информира: „Претставници на Внатрешната иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ во посета на Брисел“, каде што оствариле средби во Европскиот парламент и во Европската комисија.

Грчкиот весник Катимерини е мошне популарен и кај нас: Нова Македонија, Вечер и порталот Република го пренесуваат насловот на весникот дека „Резултатите од изборите ќе ги забрзаат преговорите помеѓу Атина и Скопје“. Инаку, на светскиот Ден за борба против сиромаштијата, 17 октомври, Нова Македонија со загрижувачки наслов: „Во Македонија 445 илјади граѓани се сиромашни“ односно, 21,5 проценти од населението живее во ризик од сиромаштија со помалку од 6.500 денари месечно.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG