Достапни линкови

Предлогот за амнестија на насилниците е одобрување на криминалот


Правните експерти сметаат дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се амнестираат лицата кои учествувале во насилствата од 27 април значи целосно изземање од одговорност и одобрување на криминалот. За дел од нив, прифаќањето на оваа мерка би значелo уривање на темелите на правниот поредок.

За домашната стручна јавност, предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се амнестираат „сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во Собранието на 27 април 2017 година“, е крајно неприфатлив зашто значи потполно изземање од одговорност и неказнивост на криминалот.

„Некои зборуваат за реваншизми, меѓутоа, ако таква мерка се прифати и ако се изврши идентификација на оваа амнестија со веќе некои донесени амнестии или воопшто со институтот амнестија, се уриваат темелите на правниот поредок. Дотолку повеќе што во овој случај има луѓе кои директно извршиле напад во Собрание, правно се уште не е расчистено дали е тоа обид за државен удар, но во оваа фаза тие прифатија дека овие луѓе извршиле обид за убиство, учествувале во толпа и за истите тие луѓе сега бараат да нема одговорност, што е парадоксално“, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.

Упатените сметаат дека амнестијата за насилниците од 27 април ќе биде само почеток на низата барања од страна на опозицијата, за која очекуваат во иднина да ги примени сите правни инструменти со цел изземање од одговорност на лица кои се веќе осудени или за кои се водат предистражни или истражни постапки за сторени тешки кривични дела.

Поистоветувањето на предлог законот за амнестија кој го најави владејачката СДСМ со други чувствителни судски случаи е манипулација која свесно ја прави опозицијата, вели Ивановски и додава дека е сосема несоодветно да тврдите дека осудените во „Монструм“ се амнестирани, кога судскиот процес е вратен на повторено судење и тоа да го доведувате во корелација со амнестија за лицата кои учествуваа во насилствата во највисокиот законодавен дом.

„Тоа не треба да се поистоветува со новиот закон кој се подготвува во Министерството за правда, оти таа амнестија којашто таму се заговара е со цел растеретување на затворите и да се излезе во пресрет на голем број на луѓе коишто политичкиот фактор смета дека се неправилно осудени, односно за дел од нив постои сомнеж дека пресудите се спротивни на правниот поредок. Таа амнестија со онаа што сега ја бара ВМРО-ДПМНЕ е „Бог и шеширџија“, вели Ивановски.

И за политичкиот аналитичар Насер Зибери обидите на опозицијата ова да се стави во пакет со најавата за амнестија и преиспитување на одредени случаи е некомпатибилна со идејата да се повторат оние постапки за кои постојат индиции дека се случиле тешки повреди додека биле водени и затоа тие треба да се повторуваат.

„Намерата на ВМРО-ДПМНЕ е одредени постапки да се прекинат додека се во тек и да се амнестираат луѓето за кои постојат индиции дека имаат сторено тешки кривични дела поврзани со настаните во Собранието“, вели Зибери и додава:

„Фактот што ВМРО-ДПМНЕ сака да ги амнестира овие луѓе да не одговараат пред законот, на некој начин ја признава инволвираноста на оваа партија во настаните. Во спротивно која би била намерата ВМРО-ДПМНЕ да се инволвира во процесот на расветлување на настаните во собранието“, прашува Зибери.

Во меѓувреме, двете најголеми партии преку соопштенија се огласија во јавноста, обидувајќи се секоја од свој агол да ја образложи потребата од амнестија.

СДСМ смета дека Законот за амнестија кој го предлага е израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица, а со цел за нивна ресоцијализација, а во исто време се земаат предвид и условите во казнено-поправните установи во земјава. Од оваа партија тврдат дека нема да се амнестираат лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и сторители на кривично дело Убиство.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека со овој закон СДСМ сака да ги амнестира лицата кои се обвинети за убиство и тешки дела, односно дека со законот за амнестија сака да го легализира криминалот во Македонија. Сметаат дека итното и неодложно ослободување и амнестирање на лицата кои учествуваа во насилствата во собранието ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG