Достапни линкови

Во влада партнери, на локален план противници


Илустрација - Граѓани гласаат на локалните избори на гласачко место во Скопје,15.10.2017

Во вториот круг на локалните избори ДУИ ја очекува поддршката од СДСМ во битките за гласови во Струга и Гостивар каде што противкандидатите се од другиот владин коалициски партнер - Алијансата за Албанците. Тие, пак, веќе договорија соработка со опозициската Беса.

Еден владин коалициски партнер влегува во вториот круг со опозициска поддршка. Друг партнер од владината коалиција, пак, очекува поддршка од СДСМ и во вториот круг на 29 октомври.

Алијансата за Албанците, која е дел од владината коалицијата на премиерот Зоран Заев, веќе договори соработка со опозициската Беса, а ДУИ, која е исто така дел од владината коалиција, очекува поддршка од СДСМ. И претседателот на партијата Али Ахмети потсети дека тие имаат меѓусебен договор уште пред гласањето во првиот круг.

Лидерите на Алијансата за Албанците и на Беса, Зијадин Села и Биљаљ Касами, пак, по речиси двочасовната средба ја потврдија меѓусебната поддршка што ќе си ја дадат.

Струга и Гостивар - Битка на двајца владини партнери

Најинтересените битки за гласови се очекуваат во општините Струга, Гостивар, Тетово и Чаир. Во Струга во вториот круг ќе се натпреваруваат актуелниот министер без ресор Рамиз Мерко од ДУИ, кој во два мандата беше и прв човек на општината и Зијадин Села од Алијансата за Албанците, кој во еден мандат раководеше со градот. Во тој град СДСМ во првиот круг освои седум илјади гласови, кои ако се остане на поддршката од првиот круг би требало да се слеат на контото на Мерко, а Беса освои околу 1000 гласови кои би требало да одат на сметката на Села. Тој, пак, влегува со 1373 гласа предност пред Мерко.

Во Гостивар во вториот круг влегува министерот за здравство од владата на Заев, Арбен Таравари, кој сега ќе ја има поддршката од опозициската Беса. Негов противкандидат е досегашниот градоначалник Невзат Бејта. Тој како потпретседател на ДУИ се сметаше за еден од противниците за коалицирање на партијата со ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори во 2016 година. Бејта има предност од околу 500 гласа пред Таравари, но во таа општина Беса, која му ветува поддршка, има околу 3600 гласа. СДСМ, пак, немаше свој кандидат.

Чаир и Тетово - Беса и Алијансата за Албанците против ДУИ

Во Чаир и во Тетово состојбата е поинаква. Таму Алијансата за Албанците треба да ја даде поддршката за кандидатите на Беса кои влегуваат против кандидатите на ДУИ. Во Тетово актуелната градоначалничка Теута Арифи има предност од околу 4500 гласа пред лидерот на Беса, Биљаљ Касами, но ситуацијата е неизвесна ако се реализира поддршката од Алијансата за Албанците која освои речиси 4.900 гласа. Дополнително, не се знае дали ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го повика своето членство да гласа за Касами. Во првиот круг, нивниот кандидат Горан Манојловски освои речиси 6.500 гласа. Не се знае што ќе прави и ДПА чиј кандидат освои околу 4.600 гласа.

Во Чаир, пак, во водство е Висар Ганиу од ДУИ со речиси 1.700 гласа пред Зекирија Ибрахими од Беса, а таму кандидатот од Алијансата за Албанците има околу 2.300 гласа.

Во другите општини каде што ќе има втор круг, како Штип, Кисела Вода, Бутел или Кавадарци ситуацијата со меѓусебната поддршка се чини појасна бидејќи битката таму ќе се води претежно меѓу гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Без разлика на освоените гласови, во вториот круг сите почнуваат од нула. Очекувањата се дека се можни различни комбинации за различни општини зависно од конкретните партиски интереси.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG