Достапни линкови

Грујевски и Бошкоски би можеле да предизвикаат политички земјотрес


Илустрација - Горан Грујевски пред Основен суд Скопје 1 по судењето за Тврдина 2.

МВР добило известување од Интерпол – Атина, дека Никола Бошкоски и Горан Грујевски, кои се бараат со меѓународна потерница, се приведени во Солун. Упатените посочуваат дека нивните искази би можеле да предизвикаат тектонски поместувања и во политиката.

Од информацијата за приведувањата во Солун на Горан Грујевски и Никола Бошкоски, двајцата поранешни високи службеници во Управата за безбедност и контраразузнавање, би требало да бидат вознемирени и високи политички кругови во Скопје, оценуваат упатените.

Исказите на двајцата бегалци кои беа барани со меѓународна потерница, според Љубомир Ѓурчевски, поранешен началник во Министерството за внатрешни работи и магистер по безбедносни науки, може сериозно да влијаат врз други личности и од политичката сфера.

„Мислам дека ќе влијаат многу сериозно. Може да се случат одредени, би рекол, тектонски поместувања внатре во партијата, особено за оние функционери кои се предмет на истрагите на Специјалното јавно обвинителство”, вели Ѓурчевски.

На Грујeвски, кој е поранешен началник на петтата управа и Бошкоски, поранешен вработен во разузнавањето, им беше одреден притвор, но откако полицијата не ги пронајде во јули беше распишана и меѓународна потерница по нив.

Тие се обвинети во предметот на Специјалното јавно обвинителство наречен Тврдина за уништување на системи за следење на комуникации непосредно по објавување на таканаречените опозициски „бомби“ пред две години.

Во тој случај кој подоцна беше споен со случајот Таргет, покрај нив обвинети се и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. И двајцата покрај државни функционери, до неодамна беа и во извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Мијалков летово сам си поднесе оставка, а Јанкулоска не беше избрана во новиот состав.

Раководните лица во управата не го правеле ова без знаење на врвот на партијата што беше на власт, тврди поранешниот јавен обвинител Јован Трпеноски. Тој ова го поткрепува, со како што вели, очигледниот факт дека следењето на комуникациите имало политичка заднина и цел. Грујевски и Бошковски во текот на постапката ќе се соочат со прашања за нивната одговорност но и со странични прашања на кои ќе треба да одговорат, додава тој.

„Овој дел ќе има одраз и врз политиката. Нормално и лицата кои веќе знаат дека се инволвирани во целиот овој незаконски процес веќе очекуваат јавноста да почне да осознава за целиот овој незаконски процес што беше табу тема или се оправдуваше дека е резултат на некои служби надвор од ингеренциите на раководните лица во УБК“, вели Трпеновски.

До екстрадирањето на Грујевски и Бошкоски во Македонија треба да се завршат низа процедури, испраќања документи и докази, а упатените проценуваат дека тоа би требало да се случи во следниве триесет дена. Трошоците за преземање на лице чијашто екстрадиција и е одобрена на Македонија од договореното место на преземање паѓат на товар на буџетот на земјава.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG