Достапни линкови

Заев не размислува за предвремени парламентарни избори, засега


Премиерот Зоран Заев на заедничка прес - конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, кој учествува на Самитот 100 во Скопје.
Премиерот Зоран Заев на заедничка прес - конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, кој учествува на Самитот 100 во Скопје.

Премиерот Зоран Заев вели дека на поддршката од граѓаните гледа како поддршка за работа, и не размислува за предвремени парламентарни избори. Сепак не ја исклучува можноста за промена на ставот, по внатрепартиските консултаци и мислења од коалиционите партнери.

Премиерот Зоран Заев не размислува за предвремени парламентарни избори додека не заврши вториот круг на локалните избори, но вели дека одлуките ќе ги носи во согласност со коалиционите партнери и внатрепартиските мислења.

„Веројатно ќе ги носиме одлуките после 29 октомври, но јас сум по природа работник човек и на оваа поддршка гледам како поддршка за работа, а не пак за избори. Тоа е мој став. Сакам да слушам мислења од коалициони партнери, внатре во мојата партија и слично, но она што ме прави среќен како резултат, веднаш ме насочува во дополнителна храброст на носење одлуки“, изјави премиерот Заев.

Заев денеска имаше заедничката прес-конференција со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ со кој разговарале за билатерални прашања меѓу двете земји, како и за прашања од регионален интерес за граѓаните на двете земји.

Премиерот вели дека Македонија ја очекуваат сериозни одлуки пред себе, а дел од нив се и одлуките поврзани со спорот за името со Грција. Динамиката за решавање на ова прашање очекува да се интензивира во периодот што следува.

„Јас како што знаете го повикав уште во ноември медијаторот Метју Нимиц да дојде со нови предлози, со нови идеи, со нови можни решенија, на кои со среќа и со радост би навлегол во нивно решавање, би ја повикал опозицијата да учествува во ова прашање, институциите на системот, но во функција на изнаоѓање на решение, не на негово одложување“, изјави Заев.

Заев го повтори ставот дека сака Македонија да стане 30-та членка на НАТО, а одлуките на ЕУ следната пролет ги најави како одлична можност за почнување преговори со Унијата.

„Градењето пријателство со Грција коешто го имавме сите овие месеци наназад дополнително мене лично и другите министри во Владата не охрабрува дека треба да влеземе во клинч на решавање на овој проблем, притоа секако внимавајќи на нашата поставеност и место во поглед на изнаоѓање на решение на проблемот. По изборите сигурен сум дека ќе има попрецизни и поконкретни и стратегии и правци, но едно знам: ќе се разговара за решавање на овој проблем“, уверува Заев.

Инаку, премиерот Заев и неговиот босански колега Денис Звиздиќ, учествуваат на Самитот 100 на бизнис лидерите од Југоисточна Европа, кој се одржува по шести пат, а овојпат домаќин на истиот е градот Скопје.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG