Достапни линкови

По изборите интензивно ќе се бара решение за името


Архивска фотографија: Министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕиас и Никола Димитров

Со изборите Македонија прати порака дека сака да ги затвори отворените прашања, како евроинтеграциите и спорот за името. Постои расположение и кај меѓународниот фактор и кај Атина да се интензивираат преговорите.

Победата на локалните избори на СДСМ и коалицијата и дава легитимитет на владата на Зоран Заев да продолжи со евроатлантските интеграции, а главното прашањата што го кочи тој процес е спорот со Грција за името, согласни се аналитичарите. Премиерот Заев по првиот круг од изборите рече дека сега Македонија ја очекуваат сериозни одлуки, а дел од нив се поврзани со спорот за името со Грција.

Професор Нано Ружин, кој е и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, вели дека земјата прати порака и до меѓународната заедница и до Атина дека победи граѓанска, а не националистичка опција, а како што вели, тоа беше и поздравено од медиумите во Грција. Сега се отвора можност за порационално согледување на работите, вели Ружин.

Тој додава дека според кулоарските муабети на самитот во Солун, кој се одржа минатата недела, се покажало дека постои расположение за решавање на отворените прашања.

„Како второ, притисокот и аргументите на меѓународната заедница, пред сè на Вашингтон и на Брисел, се мошне значајни и трето дека Грција не може перманентно да го одолговлекува овој проблем, дотолку повеќе што во оптек се неколку геополитички влогови“, вели тој.

Ружин додава дека Македонија треба да направи и конкретни гестови, не само да зборува дека сака добри односи со Атина, за да може да очекува позитивен фидбек.

Премиерот Заев очекува во следниот период поинтензивно да се бара решение за овој проблем. Тој неколкупати досега ја повика и опозицијата да се вклучи во решавање на ова прашање, за да се најде решение, а не, како што вели, тоа да се одложува.

„По изборите сигурен сум дека ќе има попрецизни и поконкретни стратегии и правци, но едно знам - ќе се разговара за решавање на овој проблем“, уверува Заев.

Професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово вели промените на внатрешен план и подобрената позицијата на Македонија на надворешен, како и билатералната соработка со Грција, може да имаат позитивно влијание во подобрување на климата за изнаоѓање на решение за името.

„Да бидам искрен, мислам дека во овој момент има директни контакти, можеби има и конкретни предлози, меѓутоа мислам во оваа фаза не се јавни поради природата на спорот, па да не прејудицирам“, вели Кардиу.

Новата влада е поотворена во односите со Грција, па затоа и пристапот на Атина кон Скопје би бил попозитивен, во смисла на олеснување на контакти и интензивирање на преговори, вели Кадриу.

„Грција ќе инсистира на прифатливо решение и за нив и сега тука се кршат копјата, дали ќе може да се изнајде конкретна формула. Волја за решавање има, меѓутоа мора да се изнајде решение прифатливо за двете држави“, додава Кадриу.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во изминатиот период рече дека треба да се создаде повеќе доверба меѓу двете земји за креативно решение на проблемот. Тој рече дека „постои отворен прозорец за можности“, но порача земјата да го напушти иредентизмот.

Пред неколку денови амбасадорка на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачисон во интервју за „Вашингтон пост“, рече дека Македонија е следната земја што може да ги исполни критериумите за членство во НАТО, но проблемот е името „Македонија“ кое треба да биде прифатливо и за Грција. Таа го повтори ставот на Алијансата за отворени врати за нови членки притоа да се исполнат, изјави постојаната одредени демократски и воени стандарди.

Периодов и медијаторот Метју Нимиц потврди дека кон крајот на годината ќе го интензивира преговарачкиот процес. Тој рече дека за тоа постои интерес и кај двете страни.

И грчкиот весни Катимерини анализира дека резултатите од изборите ќе ги забрзаат преговорите меѓу Атина и Скопје.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG