Достапни линкови

Одложено рочиштето за „Сопот“ по барање на одбраната


Повторно е одложено судското рочиште за предметот стар 14 години, познат во јавноста како Сопот. Овој пат одложувањето го бараше одбраната поради промена на судиите во кривичниот совет и обвинителот, односно сега предметот го застапува Специјалното јавно обвинителство. Следното рочиште е закажано за 18 октомври.

Отворено останува прашањето кој е виновен за смртта на двајца полски војници и еден македонски државјанин кои загинаа во 2003 година кога теренско возило на НАТО нагази на мина. Предметот е повторно отворен годинава откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јули годинава му го предаде предметот „Сопот“ на СЈО, затоа што во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со овој случај.

Адвокат Вулнет Пачуку од судијката Дијана Груевска-Илиевска побара повеќе време за подготовка на одбраната.

„Мора да се изведат сите докази во целост, да се даде од почеток одбрана, со цел концентрација на сите докази, да бидат сослушани сите досега веќе сослушани сведоци. Очекуваме дека текот на постапката ќе се одвива многу побрзо и дека конечно ќе се оконча оваа постапка“, изјави Пачуку.

Тој тврди дека и без прислушуваните разговори имаат доволно докази за да се покаже невиноста на обвинетите. Одбраната истакна дека не се исклучува можноста како сведоци во постапката да бидат повикани и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков поради објавениот прислушуван разговор.

Судијката предложи за рочиштето закажано за следната недела да бидат сослушани сведоците во случајот за да се забрза постапката. Ова беше трето одложување на судењето за „Сопот“ по преземањето на предметот на СЈО во своја надлежност.

Во овој случај десет лица се осудени за тероризам, но за правдата се достапни само шестмина кои се појавија и денеска во судницата. Тие се товарат дека во 2003 година подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево - Сопот.

СДСМ објави нелегално прислушуван разговор меѓу, како што велат, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и тогашниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков за случајот „Сопот“.Според она што може да се слушне на снимката, Јанкулоска му сугерира на Мијалков дека за случајот треба да биде консултиран и тогашниот премиер Никола Груевски, за да се види како да се продолжи со овој чувствителен случај, при што и двајцата признаваат дека претходната пресуда со која беа осудени обвинетите, се потпира на ’тенки докази‘.

please wait

No media source currently available

0:00 0:08:49 0:00
Директен линк

Ова е еден од неколкуте чувствителни предмети за кои во јавноста се шпекулираше дека невини луѓе се затворени поради политички договор. Таквите шпекулации се засилија и по заклучоците на собраниската комисија која расправаше за предметот и заклучи дека има пропусти во судењето.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG