Достапни линкови

Трамп - Можеби ова е затишје пред бура


Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп даде загадочен коментар по средбата со високите воени лидери, велејќи дека моментов можеби е „затишје пред бура“, но одби да појасни.

Тој вчера разговараше со секретарот за одбрана Џејмс Матис, советникот за национална безбедност Х.Р. Мекмастер и со претседавачот со здружената команда, генерал Џо Данфорд, за прашања како што се Северна Кореја и Иран. Трамп вршел притисок врз нив да бодат побрзи во обезбедувањето „воени опции“ кога тоа му е потребно.

При фотографирањето по средбата, Трамп им се обрати на новинарите:

„Знаете што претставува ова? Можеби е затишје пред бура“, рече тој.

На прашањето што значи тоа, Трамп рече „Може да е затишје, затишје пред бура“.

На новинарското прашање дали мисли на Северна Кореја, Иран или на Исламската држава, Трамп рече „ќе видите“.

Тој исто така повторно го критикуваше нуклеарниот договор со Иран од 2015 година. Крајниот рок за Трамп да потврди дека Иран се придржува до договорот е 15 октомври. Во спротивно укинатите санкции врз Иран согласно договорот може повторно да бидат воведени.

XS
SM
MD
LG